Денешна дата
26/06/2022

Петар Гошев: Велија ми бараше пари што, наводно, му ги ветил Груевски (Втор дел)

Како министер за финансии во 2003 година, Велија дојде кај мене да му платам 220.000 евра, наводен долг на Министерството за финансии кон него, направен во времето кога Никола Груевски бил министер за финансии

Инбокс 7: Македонска банка беше затворена на 16 октомври 2007 година, попладне. Датумот се поклопува со смртта на Тоше Проески. Се плашевте ли дека со затворањето на банката ќе имате помал притисок врз вас.

Гошев: Таа одлука, без оглед на какви било реакции, мораше да биде донесена. Бев мирен, бидејќи претходно обезбедивме доволно пари да се подмират сите штедачи на банката. Ова е можеби единствен случај на затворање на банка без никакви проблеми. Сèуште е актуелен случајот со ТАТ во Битола каде имаше многу семејни трагедии од пропаѓањето на оваа штедилница. Во никој случај, не ни помислував да ги оштетам штедачите во банката.

Инбокс 7: За време на затворањето на банката, газда Нини и Велија Рамковски преку своите медиуми вршеа притисок врз вас. Што се криеше позади тој притисок?

Тие двајца се договориле да издејствуваат смена на гувернерот. На газда Нини му ја затворив и Радо банка, каде беше сопственик на 46%. И тоа, демек не смеело да се случува. И таа банка беше во ужасна состојба. Таа банка дојде во ситуација да не може да ги извршува налозите на коминтентите. Во законот пишува, ако 10 дена не може да ги извршува налозите на коминтентите, следи одземање на дозволата за работа на банката. Вие имате пари во банката, како фирма или поединец, давате налог да се изврши плаќање, а банката не може да го изврши налогот. Овде може да се случуваат 300 проблеми и ја затворив таа банка веднаш.

Овие двајца, газда Нини, наводно оштетен од мене, не успеал да се договори со мене, како што се договарал со други институции да му се замижува во примена на законите, а газда Велија, пак, имаше друг мотив. Како министер за финансии во 2003 година, Велија дојде кај мене да му платам 220.000 евра, наводен долг на Министерството за финансии кон него, направен во времето кога Никола Груевски е министер за финансии. Му реков на Велија дека нема никаков проблем, jас додека сум министер за финансии, државата и Владата нема да му должат никому ниту денар вон предвидениот рок во договорите. Му реков да ги донесе договорите што ги има и следниот ден ќе му биде платено. Меѓутоа тој немаше договори, па наводно тврдеше дека работел со некоја агенција. Ја најдовме маркетинг агенцијата, го повикав менаџерот на агенцијата, го повикав и Велија, но менаџерот пред Велија велеше дека не работеле со него таква работа. Тогаш започна нападот врз мене преку ТВ А1, како министер за финансии. Буџетот така, министерот за финансии вака. Во јавноста се слушаа секакви глупости и небулози.

Кога се случи ова, двајцава бандити си го нашле интересот за освета кон гувернерот, тргнаа со некакви приказни, демек гувернерот купил земјиште од некакви приватни лица.

Инбокс 7: Има вистина во таа афера?

Гошев: Каква вистина? Нема пари што можат да ме потплатат за да имам каков билоетички проблем. Тоа не постои. И на крајот, затоа едниот е во една институција во Македонија, другиот е во иста таква институција (затвор) во Србија.

 

Инбокс 7: Вие многу добро ја познавате Македонска банка. Од овој агол како ви се чинат обвинувањата на опозицијата за наводно плаќање на 1,5 милиони евра во кеш од страна на газда Нини?

Гошев: Тоа јас не го знам, бидејќи ние во Народна банка имаме документи за колку е продадена банката на газда Нини. Што стоело зад ова, е друга приказна. Такви документи нема во Народна банка. Она што го изнесе лидерот на опозицијата, го читаме сите и колку што знам има и поднесок до надлежните органи. Тие надлежни државни органи се должни да одговорат на тоа прашање. Тоа треба да се докаже брзо, трнспарентно и јасно затоа што газда Нини ја добил банката за 900.000 евра. Кој посредувал, како посредувал не знам, но, во секој случај, не сум бил јас тој.

Инбокс 7: Како ја оценувате вредноста за која е продадена Македонска банка на газда Нини?

Гошев: Таа вредност е никаква. Само деловниот простор вредел тогаш повеќе.

Инбокс 7: Има ли простор за корупција кога се продава банка со толку ниска вредност?

Гошев: Сите претпоставки се можни. Но, кога претпоставувате, нели треба да докажете. Ако не докажете, вие ќе одите во затвор. Затоа треба да се внимава кога се говори. Вистини има повеќе. Има многу случаи кои се очигледни или ги знае јавноста или ги знаат поединци, ама кога се оди на суд, треба да се има документација која ја бара судот во постапката за докажување. Инаку ќе ве тужат за клевета.

Инбокс 7: Во ваше време беше решена и Силекс банка. Таа банка имаше сопственик, бизнисмен, политичар и сопственик на медиум. Како одеше решавањето на Силекс банка?

Гошев: Сопственикот на Силекс банка и пред транзицијата и во транзицијата беше на власт во целиот период. Тоа е сопственикот на Силекс Кратово. И таа банка беше многу лоша, крајно лоша банка. И за таа банка му соопштив јасна солуција на сопственикот, или ќе биде затворена или во рок од 12 месеци треба да биде продадена. И тука имаше интервенции, притисоци, муабети. Имаше среќен крај за газдата, бидејќи се појави купувач, којшто добро плати и така банката не се затвори, туку премина во сопственоста на банка која има капитал да поддржува банка.

Имавме проблеми и со Кумановската банка. Таму како сопственик беше влезен прочуениот Драган Даравелски по кого е издадена и потерница и кој сèуште не е екстрадиран од српските власти. Но и него го натеравме да ги продаде акциите, во спротивно, следеше затворање на банката. И таму се јави среќна околност. Таму Исланѓани се појавија со желба да ја купат таа банка. Вршевме притисоци да се ослободат од своите удели таквите луѓе. Не можевме штедачите да ги оставиме во рацете на такви луѓе. За несреќа, кризата ги банкротираше тие инвеститори, кои имаа многу инвестиции низ Европа. Имаа голем капитал, ама очигледно не биле доволно претпазливи. Ги проучувавме кои се, што се и во моментот кога им ја дадовме согласноста, аргументите беа дека имаат доволно пари и капитал.

Но, бидејќи банкротирана фирма не може да биде сопственик на банка, без разлика дали тој субјект работи добро или не, мораше брзо да се ослободи од банката. Истиот купувач на Силекс банка изрази желба да ја купи банката и да ги спои тие банки. Го дозволивме тоа, и ја решивме и оваа банка без да бидат оштетени штедачи.

Инбокс 7: Како го оценувате задолжувањето на Владата на РМ?

Гошев: Ужасно лошо се водат јавните финансии во Македонија. Крајно неодговорно. Со многу лаги. Со многу расипување на средства на непотребни работи, со долгови чија сметка за плаќање ќе биде тешка. Ако ова вака продолжи, Македонија ќе има ужасно големи проблеми. Секој ручек се плаќа. Долговите никој нема да ни ги прости. Капацитетот на економијата на Македонија не дозволува голем процент на јавен долг како учество во бруто-домашниот производ.

Овие долгови, кои веќе се над она ниво, над кое Македонија треба да дозволува долг. Тие се напрегнатост за јавните финансии. Секој ден, Владата бара решение да затвори една или друга дупка којашто ѝ е отворена преку ветувањата, преку законските измени што ги шири обврските на државата. Владата го крие вкупниот јавен долг. Тој е поголем од овој што таа го прикажува. Министерството за финансии зборува за долгот на Централната влада, но тоа е само еден дел од јавниот долг. Позната е дефиницијата на Светска банка, што сè влегува во јавен долг. Владата не зборува за ниту една од тие други ставки кои го сочинуваат јавниот долг. И овој долг што е презентиран од Министерството за финансии, не е целосен, бидејќи во него не се вклучени сите неизмирени обврски на Владата надвор од договорените рокови со приватниот сектор и со коминтентите со коишто Владата работи.

Доказ дека таа не е способна да ги подмирува обврските навреме, говори и овој ужасен закон за финансиска дисциплина кој деновиве стапи во важност. Во тој закон, тоа никој досега не го направил, е да се определат подолги рокови за плаќање од стопанството. Ако приватниот сектор треба да плати за 30 или за 60 дена, ако поинаку со посебни договори не се специфицирани, за државата тоа не важи. Тие мерки што важат за стопанството, за Владата ќе важат по две години. Тоа е всушност, на индиректен начин, прогласувањевнатрешен банкрот. Јавноста не знае колку должи здравството и кои обврски не се измируваат. Јавноста не знае колку градежните фирми чекаат да им се подмират договорените обврски што треба да им ги плати Владата во роковите коишто се договорени. Какви трикови применува Владата за да го одложи тоа плаќање. Колку ги чини компаниите, тоа што навреме нема да ги добијат парите кои ги изработиле за градбите и за патиштата. Тие плаќаат камати на кредити кои ги земаат од банките, за да ја извршат услугата којашто ја нарачала Владата. Владата не ги измирува тие обврски, а тие „јадни“ не смеат да ѝ пресметаат камата на Владата и да ја тужат. Зашто целиот „непристрасен или непартиски“ механизам ќе се стушти во тие компании да им бара кршење на тие прописи, наводно затајувања на даноци и да ги казнува и да ги затвора.

Таа атмосфера се шири во Македонија. Во економијата, терминот за овие притисоци е финансиско насилство од страна на државата и таа го применува секој ден врз компаниите. Како што одат инспекторите и им изрекуваат казни на фирмите пред изборите, ако не победи кандидатот на власта, ќе се реализира изречената казна, ако победи, нема ништо.

Многу компании го говорат тоа или во „четири очи“ му го соопштуваат тоа некому, но јавно не се осмелуваат да го кажат тоа. Две години Премиерот и министерот тврдеа дека не им должат на приватните компании. На позната парада, која беше направена во Александар Палас, кога ги собраа стопанствениците, и по две години негирање дека Владата должи, одеднаш излезе Премиерот и рече:- До месец март ќе ви ги подмириме побарувањата.

Ако две години некој лаже дека не должи, и потоа вели дека до месец март ќе ги подмири побарувањата, како да му верувате на тој дека не должи уште. Во исто време, не кажува колку должи. По неколку месеци,Премиерот во Парламентот вели:- Да, должевме 91 милион, но досега измиривме 70% од тој долг.

Семејство со лаги и земја со лаги, не се гради.

Лектор: Елена Цуцулоска

(Крај на интервјуто)

lefkov@yahoo.com