Денешна дата
02/07/2022

ЕДНА ГОДИНА ПО ПРЕСПАНСКИОТ – МАКЕДОНИЈА ЈА ПРЕЖИВЕА СЕВЕРНА

Од стравувањата еве нема баш ништо. Единственото што е точно е дека договорот со Грција е компромис.

Пишува: Зоран Иванов

Има еден клучен факт во врска со договорот со Грција што упорно се игнорира. Тоа е што двете земји ги урнаа децениските меѓусебни бариери. Ништо друго да не се случи, дури и интеграциите, само тој факт е бенефит за двете балкански соседни држави. Таа состојба  што ја овозможи Преспанскиот е најголемата придобивка самата по себе. Да, секако и врз оваа констатации ја ќе се истурат грст горчини поради грчките условувања па и уцени да се дојде до договорот.

Но и пријателството, макар е тоа на самиот почеток на градење поинакви односи, има своја цена. Ние ја плативме многу, многу поскапо и тоа е факт. Ама и факт е дека доколку сега не платевме скапо, секоја година натаму земјава и нас сега и наредните генерации, ќе чинеше се многу поскапо. Од сите аспекти, од економски до безбедносни. А дека со Преспанскиот нешто изгубивме, повеќе на емоции, а нешто добивме, повеќе на прагма, еве неколку факти:

И во Македонија и во Грција не беше лесно да се објасни нужноста од компромисот. Целиот  тој процес и овде и таму креираше нови кризи, фрустрации, будења од историско романтичарски соништа. Продуцираше трауми,  политизации, протести. Особено беше потребна и човечка и политичка храброст да се истурка целиот болен, но нужен процес. Кај нас да се објасни дека ниту се менува име, ниту се губи идентитет. Кај нив да се помират со фактот дека на север од нивната држава постои друга со име Македонија и народ кој се именува македонски. И дека Македонија не е грчка, барем не целата.

Впрочем, година потоа од стравувањата поттикнати од манипулации поради тесни политички интереси, еве нема баш ништо. Единственото што е точно е дека договорот со Грција е компромис. Симетричен, асиметричен, праведен, неправеден, тој е. Затоа, наспроти манипулациите ајде по ред за фактите:

Прво, компромис е, договор е. По неколку децении конечно е решен еден соседски меѓудржавен спор; Второ, за земјава се отстранија блокадите врз евроатланските интеграциски перспективи; Трето, Македонците го задржаа својот уникатен национален македонски идентитет;  Четврто, конечно се ослободивме од непријатната етикета ФИРОМ; Петто, македонската држава го зацврсти својот меѓународен идентитет зашто е единствената запишана во регистерот на ООН како држава со име Македонија.

Накусо, договорот од Преспа и уставните измени практично ниту во идентитетска ниту во институционална смисла не загрозија  ништо и никого. Напротив, донесе бенефит и за државата и за сите нејзини граѓани. Гледано објективно, идентитетски најмногу за Македонците. Еве пак да биде појасно: Факт е дека нашава држава е единствената земја во светот запишана и во регистарот на ООН што се вика Македонија. Северна ама Македонија. Ниту една друга, само нашата. Дополнително, македонскиот народ е единствениот народ на светот кој зборува на својот македонски јазик исто така запишан во тетратките на ООН како јазик на народот кој живее во таа држава која е единствената држава што го има името Македонија. Северна ама Македонија. Оттука, во вода паднаа сите политикански манипулации за промена на државниот и на националниот идентитет. Македонија беше и останува Македонија и Македонците и пред и по Преспанскиот остануваме Македонци. Во Северна Македонија ама Македонци.

И на грчките прогресивни политички структури не им беше лесно да дојдат до компромисот. И таму се уште добар дел од ригидната грчка политичка и општа јавност се вџашува од помислата дека, наспроти нивниот истоимен регион, на север од нивната, постои држава со име Македонија. И дека има народ кој е дефиниран, институционализиран и меѓународно признат како македонски. И овој факт само потврдува дека договорот од Преспа не е асиметричен и дека е во историска полза на двата соседа.

Од сѐ едиствено е точно дека до спорот воопшто и не требаше да дојде. Дека тој од самиот почеток беше нелогичен, неразбирлив, нереален, ирационален. Но, и многу други вакви и слични конфликти се несфатливи зашто се производ на политики, на политички истории, на романтизми и митови. Затоа големината на Преспанскиот договор и за Грција и за Македонија е и во тоа што тој ослободува од робување на историски заблуди одамна прегазени од ова глобалистичко технолошко и информатичко време. И кај нашиот јужен сосед и кај нас, Преспанскиот договор е рационално и корисно будење од историските заблуди.

За потсетување, еве уште еден мал обид конечно да запрат  манипулациите за идентитетот и за сличните небулози. Уште збор два за поентите на уставните корекции содржани во четирите преспански амандмани:

Триесет и три го дефинира името, целото име, новото административно име „Република Северна Македонија“ или „Северна Македонија“. Факт е дека нашата држава е основана на северниот дел, на северниот регион од историската античка Македонија. Тоа е географски факт. Токму тој факт сега станува дел од името. Исто како и фактот дека името на државата останува Македонија.

Триесет и четири менува по нешто небитно во преамбулата. Наместо „одлуки на АСНОМ “, ќе стои „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“. Патем, во воведниот текст на уставот и досега не беа содржани одлуките на АСНОМ, туку само се упатуваше на нив.

Дополнително, во преамбулата се вметнува и насловот на најновата уставна материја, „Охридскиот рамковен договор“. Со него, исто како сега со преспанскиот, во 2001-ва се променија содржините на највисокиот правен акт. Тогаш дури многу посеопфатно и подлабоко, вклучително многу порадикално и во неговиот воведен дел. Впрочем, преамбулата не е правна, туку историско емотивна категорија. Уставот е активен, оперативен и без преамбула.

Триесет и пет допрецизира нешто што е веќе базично утврдено и со Повелбата на ООН дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. И што има тука нејасно. Па нормално ги почитува, има европски пропишани стандарди за тоа.

Триесет и шест е уште побениген. Дефиниран е согласно востановените меѓународни стандарди. Оваа одредба потенцира дека државата го заштитува историското и културното наследство на македонскиот народ и на сите граѓани и дека ќе се грижи за Македонците во странство и за сите свои државјани отаде границата и дека нема да се меша во работите на земјите каде што нашите се граѓани на други држави.

Толку се и такви се уставните промени. Толку манипулации, а толку просто и јасно. Ниту изгубен ниту загрозен идентитет. И по овие процеси Македонија останува единствениот меѓународен субјект, единствената држава во светот која во своето име и натаму ќе го носи милениумското Македонија. Идентитетски пак, Македонците остануваме единствениот народ во светот кој зборуваа на свој уникатен македонски јазик. Лани ова време Македонија и Грција конечно затворија една меѓусебна темна историска страница.

Тоа е, тоа, на Северна Македонија и се отворија развојни перспективи, на Грција и се симна тежок товар од нејзините плеќи.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.