Денешна дата
02/07/2022

ЛЕТНА МАНЏА

Пишува: Александар Кржаловски

 

Јуни продолжува да биде поинтересен од вообичаено, со повеќе настани кои предизвикуваат внимание и дебата, но како и да спласнува полека интензитетот во пресрет на летниот, одморски, период.

Во ретроспективата на настаните од изминатата недела, имаше доста конкуренција за „идеја/настан/личност на неделата“, од владината реконструкција, огласот за директорското место во МКЦ, серијалот на Героски за рекетарството, до вчерашната изјава на францускиот амбасадор Тимоние за „датумот“. Па така, не можејќи (или не сакајќи) да се одлучам за некоја од нив, ќе искоментирам по нешто за повеќето од нив. Од таму и насловот на колумнава – летна манџа, која нели се прави со комбинација од кој и да е зеленчук што ќе ти се најде при рака. А впрочем, јуни е хороскопски месец на Близнаците, чии пак карактеристики се неодлучност и интерес за повеќе работи одеднаш (додуша површно), па така и јас ќе постапам, во неделата во која наполнив 50 години, што живот, што искуство, а и некои други работи.

 

Веројатно најочекувана вест деновиве беше најавената реконструкција на Владата. Но, како што веќе сите искоментираа – она што е предложено до Собранието е далеку од очекувањата кои се создадоа со изјавата на премиерот после првиот изборен круг (кој патем, се одржа на 21 април и да, веќе поминаа цели два месеци додека да стигнеме до владината реконструкција), па е прашање и дали заслужува коментирање. Да се послужам со два цитати кои ги прочитав деновиве: „да се пратениците на владејачкото мнозинство со интегритет, треба да НЕ го изгласаат овој предлог и да го вратат премиерот на поправен испит“ и втората „подобро да не критикуваме, зошто и тие неколку добри ликови што останаа во Владата, ќе бидат сменети“. Мислам дека овие изјави доволно го отсликуваат доминантното расположение во јавноста по предложените измени (и замени) на министерските позиции, кои не носат многу (особено не суштински) промени, го потврдуваат посебниот статус на ДУИ во Владата (како и во сите досегашни), а и се чини повеќе казнуваат добри министри а наградуваат лоши, наместо да е обратно.

 

Повеќе драма имаше (и се уште има) околу една навидум мала работа, конкурс за директор на Младинскиот културен центар, култниот МКЦ. Драмата настана по пријавувањето на конкурсот на познатиот музичар Арбен (Бени) Шаќири, покрај актуелниот в.д. директор, Русе Арсов. Голем дел од т.н. независна уметничка сцена (поточно, над 250 од нив) излегоа во јавноста со отворено писмо (до премиерот Заев) во одбрана на МКЦ, т.е. актуелното раководство/директор, со аргументација дека е една од ретките институции во државата која добро функционира. Тоа предизвика неколку други реакции/напади кон потписниците, а потоа и „контрареакции“. Без навлегување во квалитетите на едниот или другиот кандидат (едниот не го ни познавам, а другиот површно) за работното место (што и не е моја работа, а не треба да биде и на никој друг, освен на комисијата што го врши изборот), ниту пак на самата институција МКЦ (за која исто така не знам доволно како работи, иако доста често организацијата во која работам – МЦМС, ја користи за организирање на настани), внимание ми привлече еден друг аспект – правото (или не) на граѓански активисти да се приклучат на вакво писмо за поддршка, како и обвинувањата кон дел од нив дека ги нарушиле токму правата за кои се борат (екстремните квалификации за ова одеа до нарекување на постапката – фашизам). Имено, во писмото за поддршка, сите лица се наведени со своите професии или организации/институции во кои работат. Иако е прилично јасно во отвореното писмо дека сите тие се потписници во свое лично име, наведувањето на нивната организација може да алудира и на согласност на самата организација, што не е случај овде, според дел од реакциите.

Додуша, секоја организација си има свои правила како се стигнува до заеднички став и објава на тој став (некаде се тоа управните одбори, некаде директорите или претседателите), па можно е да нема прекршување на процедурите (т.е. ако директорот е овластен да истапува во име на организацијата, тогаш е во ред да го презентира својот личен став и како став на организацијата (освен ако самиот/ата не сака да се огради, т.е. јасно ги раздвои двете улоги). Но, во вакви ситуации, кога се работи за судир на вредности, се покажува и колку тие вредности се споделени и колку претставникот на организацијата навистина ја претставува организацијата.

Втор елемент во преписката на оваа тема беше критиката за кршење на човекови права, токму од бранителите на тие права. Односно, дека со оспорувањето на едниот кандидат додека конкурсот се уште трае, тој се дискриминира. Да се работи за приватен субјект, веројатно во целост би се согласил, но тука, заради тоа што се работи за јавна институција, како и во многу други работи, треба да се внимава и на тој аспект и да се најде соодветен баланс (секако без омаловажување или дискредитација на кандидатот на лична основа, т.е. некоја негова/нејзина особина). Како и секој од нас што сака да знае кој ќе му е министер и со какви квалификации, или за кој кандидат гласа на избори, така и за сите јавни функции е добро да се имаат сите потребни информации, за увид на јавноста.

Во секој случај, да ја оставиме комисијата да си ја заврши работата и избере!

 

Третата работа која предизвика внимание неделава, всушност започна пред некоја недела, а се работи за серијата написи на новинарот Бранко Героски за рекетарска група, која тој фиктивно ја насловува како „Коки, Кики и компанија“. Иако во сите написи се оперира со измислени имиња (авторот образложува зошто тоа така го прави), во текстовите се наведува дека се работи за вистински настани (а дел од нив потоа и потврдени од трети лица, учесници во нив), па има доволно елементи за надлежните органи да ги истражат наводите, да ги идентификуваат лицата од приказните и да покренат обвиненија. Како некој што се занимава со борба против корупцијата, само можам да го поздравам овој чекор и верувам дека има потенцијал да даде поголеми ефекти од сите истражувања и анализи што сме ги направиле во нашата работа во МЦМС и воопшто во рамките на граѓанските организации членки на Платформата за борба против корупција. Секако, доколку истражните органи, обвинителствата и судовите, се „ослободиле“ од досегашната заробеност.

 

Конечно, се чини највпечатлив од сите овие настани, бил вчерашниот настап на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, во рамки на конференција за реформа на јавната администрација. Испровоциран да го појасни и ставот на Франција за одложувањето на одлуката за доделување на датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, тој изнел низа критики за перформансите на државата, констатирајќи и дека „не треба да бидеме опседнати со датумот“! Во тоа целосно се согласуваме (како што напишав минатата недела во Независен весник), а се согласувам и со сите критики што ги изнесол. Покрај неговото, деновиве прочитав и неколку други мислења/ставови/статии од „француска провиниенција“ и станувам поголем песимист, т.е. сметам дека треба да се подготвуваме и за октомври без датум. Не дека не сакам да добиеме и во декември (или јануари) ги започнеме преговорите, но дека нема да е трагедија и да се одложи пак тоа за извесно време, а и дека навистина не треба да се оптоваруваме со тоа, туку да се фатиме со потребните реформи да стигнеме до ЕУ стандарди (па макар и без членство во ЕУ… во тој случај, нема ни да сакаме за се зачлениме). Освен, ако и оваа Влада евентуалното такво пролонгирање не го сфати како претходната, па тргне и таа во поход на (до)грабање на се што останало неграбнато до крајот на својот мандат. Се надевам сепак ќе останат доследни на своите зборови „тоа зло да не се повтори“.

Патем, ако се растеретиме од притисокот на „датумот“, во октомври ќе се израдуваме повеќе ако сепак го добиеме J.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.