Денешна дата
02/07/2022

МЕЃУ КЛИШЕА И ПРЕДУПРЕДУВАЊА

Пишува: Бардул ЗАИМИ

Патот кон Европската унија минува низ клишеа и мрачна реалност што од ден на ден создава разочарување за граѓаните. Ентузијазмот на актуелната влада започна со јуни како месец на прослава  и заврши со реконструкција на владата. Промена што во јавноста беше коментирана само како фасада без суштински идеи за промена на концептот на владеење, кој се чини дека не реагира многу на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Всушност, граѓаните веќе се навикнати на такви козметички промени прокламирани како нови импулси, но суштински синхронизирани со стариот терк. Дури и овие неодамнешни промени во кабинетот од јавноста се перцепираат како рециклирани политички позиции и заменување на анонимни фигури.

Останува легитимното право на владата да одлучи колку функционери ќе се сменат и каков квалитет ќе се ангажира, но исто така останува непишан закон со кој граѓаните знаат како да ги разликуваат вистинските промени од импровизациите. Потребата од квалитативни промени што подразбира на прво место менување на концептот на владеење, сега останува итен императив во време кога Северна Македонија цели на датум за отпочнување на преговорите што се очекува да се одреди на есен. Северна Македонија создаде гео-регионална предиспозиција за стремеж кон евро-атлантските интеграции, но тоа не е доволно, бидејќи целиот овој процес подразбира внатрешно политичко размислување за инкорпорирање на веќе построгите стандарди кои ги воведува ЕУ.

Се чини дека “милувањата” на меѓународната заедница ќе бидат се помали, додека патот кон ЕУ целосно ќе зависи од прецизните реформи од Извештајот на Прибе и кои се повторени во неодамнешните извештаи на Европската комисија. Овие извештаи подразбираат суштински институционални реформи кои ќе одговорат на сите акумулирани повеќегодишни проблеми. Реформите во правдата, борбата против корупцијата, квалитативната застапеност во институциите и целосната транспарентност остануваат предизвици за кои, очигледно, нема да има отстапки.

Северна Македонија повеќе од една деценија помина низ автократското владеење, чие лице беше идентификувано со коруптивни работи, недостаток на транспарентност и екстремна неодговорност во креирањето на јавните политики. Точно, ова мрачно лице на недемократско владеење се чини дека се обидува да се врати преку импровизација и концентрација на власта само во рацете на некои луѓе кои остануваат недопирливи. Доколку досегашната влада немаше конкретни резултати, до тука дојде токму заради овие импровизации и поради носителите на јавна функција кои не покажаа минимални перформанси во институционалниот менаџмент.

И покрај широкио контекст кој и даде неоспорна поддршка на актуелната влада во нејзината рана ориентација за интеграција, се чини дека со текот на времето овие политички придобивки се трошат поради недостаток на визија за иднината на граѓаните. Се повеќе се подразбира дека нема да има “толеранција” од ЕУ во однос на “домашните задачи”, и покрај фактот што високи европски претставници побараа отворање на разговорите во есен.

Такво предупредување овие денови е направено од францускиот амбасадор во Скопје, Тимони, кој рече дека треба да се направи многу работа за да се добие датум за започнување на разговорите. Амбасадорот порача за корупцијата и дилетантизам во менувањето на директорите на училиштата. Тој, исто така, истакна дека отворањето разговори не треба да биде опсесија, туку треба да се направат потребните реформи за да се обезбеди интеграција. Се чини дека постои предупредување кое треба да ја разјасни актуелната власт, особено за фактот дека есента се ближи, додека ништо не е сигурно со започнување со преговорите.

Се чини дека постои недоразбирање што мора да го надминат, што се однесува на локалните политичари и критериумите што веќе ги утврди ЕУ. Отворањето на разговорите, кое останува само еден почеток, нема да се случи ако продолжат само импровизирани промени. Звучи како клише на владата дека земјата заслужува отворање на разговорите, додека во ЕУ веќе е познато дека постои судир меѓу два концепта кои се однесуваат на идејата за продлабочување на европската идеја и идејата за проширување со други земји. Оваа дебата ќе продолжи дури и кога Северна Македонија ќе бара отворање на разговорите. Веќе е видено дека критериумите за отворање на разговорите сè повеќе стануваат построги. Ова го изјави и амбасадорот Тимони, што значеше дека борбата за воведувањето на европските стандарди останува главна цел која бара постојан и вистински ангажман на патот на членството.

Апсолутно времето е премногу кратко за да се надеваме на големи промени кои би можеле да создадат потребен предуслов за отворање разговори. Козметичките промени, како што оценуваат многу актери од јавниот живот, го прават уште потешко. Цело време, е нагласен недостатокот на капацитетот на владата во процесот на стандардизација на институционалниот и јавниот живот усогласен со системот на вредности на ЕУ. Во Северна Македонија во меѓувреме, е консолидирано граѓанското општество со многу понапредни капацитети коишто поминале низ европската пракса.Можеби многу посуштинската интеракција на владата со актерите од граѓанското општество може да создаде синергии за да се соочи со тешките предизвици. Концентрирањето на ова тврдење само во рацете на политиката се чини невозможна мисија, особено во време кога капацитетот на носителите на јавниот живот се под секое ниво. Само оваа интеракција може да им стави крај на импровизациите кои политиката “ги продава” како привремено спасение.

Без оглед на сè, визијата за ЕУ не може да биде политичко клише кое завршува со слоганот “заслужуваме почеток на разговорите” или кондензација во еден момент на сите напорит дека во есен ќе одреди датата. Сите предупредувања подразбираат суштински и трајни реформи. Овој факт ги соочува клишеата со внатрешната реалност поврзана со сеопфатна политичка волја на патот на голема концептуална трансформација. Европа сега започнува тука преку вистински реформи кои доаѓаат како резултат на кохерентни јавни политики. Таа ќе остане далечна се додека продолжат моменталните импровизациите.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.