Денешна дата
02/07/2022

КОН ЕДНО ОПШТЕСТВО ВО ЕДНА ДРЖАВА ИЛИ ….

Заменик министерот само навести, внимателно обвини и суптилно посочи дека владиниот партнер уште не е ментално подготвен за заедничко општество за сите.

Пишува: Зоран Иванов                               

Образовниот систем е нели фундаментот на секоја државна заедница. Оставката на заменик министерот во овој ресор, без оглед на неговите мотиви, колку и да се тие лични и фрустрирачки поради неостварени политички амбиции, дури и ако, како што  вели премиерот, тој си заминал затоа што не станал министер, е небитно. Особено е небитно во однос на неколкуте детекции што Петар Атанасов како еден од најупатените ги наведе во својата оставка, а кои засега се само во форма на загрижувачки сигнали.

Содржината на образложението на оставката на заменик министерот остана главно премолчена од македонската политичка, аналитичка и колумнистичка јавност. Нормално, неатрактивната позиција заменик министер е елементарната причината за тоа. Но, насоките наведени во писмото осветлуваат една димензија која што општеството го лизга во несакана насока. Во состојба која го загрозува проектот едно општество за сите. Практично граѓанската платформа врз која актуелната власт и ја доби довербата.

Овде не станува збор за бавност на реформи туку за спротивставени процеси. За интегративни потреби од една, а за дезинтеграциски движења од друга страна. Причината е во компромисите на СДСМ со коалицискиот партнер ДУИ кој сѐ уште е неподготвен да излезе од сопствените етнички ровови што општеството повторно го туркаат во сепарација. Очигледно ДУИ која и натаму го држи ресорот образование, ја игнорира предизборната интегративна платформа на својот коалициски партнер. Тој пак не е во доволно доминатна позиција да ја турка оваа граѓанска и единствено можна развојна компонента за унитарно и перспективно македонското општество.

Во моментов вниманието на македонската политичка и општа јавност природно е свртена спрема две, три актуелниот домашни случувања: Датумот за преговори, Метлата и ефектите и Новиот владин состав. Оставката на Петар Атанасов пак, остана на маргините на поширокиот интерес. И секако, гледано изолирано, кога посебно станува збор за заменик министер, а со оглед на овластувањата на позицијата, тоа и не е некоја вест. Оттука, веројатно и содржината на неговото јавно обраќање до премиерот остана незабележано и без реакции. Но, за тоа малку подолу.

Прво, за датумот за почеток на преговорите со Унијата. Тимоние, францускиот амбасадор, повторно нѐ олади. На човекот му пукна филмот со датумот па датумот и не отфикари со порака да престанеме да плачеме и да ја гњавиме Европа и во меѓувреме, до есен, сепак да пробаме нешто како реформа да истуркаме, барем нешто ситно како легитимација дека конечно по нешто можеме и ние самите.

Второ, за метлата. Македонската јавност засега не ја доживеа како комунална алатка  туку само како сликарска четкичка. Како најмаркантната жртва е изметлан, впечатокот нека е пресубјективен, еден од најскромните и најпосветени министри, довчерашниот првиот човек за финансии Драган Тевдовски. Но, на буџетската сцена од највисоките функции па надолу по државните ешелони, наспроти критиките и очекувањата за брза метла, се уште негибнати остануваат бројни некадарни грицкачи на државните привилегии.

Трето, за новиот владин состав. На повидок ништо посебно и кадровски надежно. По правило на премиерот му се врзани рацете во однос на коалицискиот ДУИ па инаетот или интересот на Ахмети, сеедно, практично ја деградираа целата идеја за радикални реформски пресврти во владините дејствувања во сите области. Едноставно се нема енергија, а аналогно и желба за тоа. Оттука, ситуацијата и натаму навестува на предвремени парламентарни. Но за тоа потоа, терминот за одговорот е октомври.

Ако на премиерот нешто му значи јавноста, а досега манифестираше дека му значи, посебно онаа тивка, домаќинска гласачка, како и онаа побучна шарено револуционерна, интелектуална и родољубива, таа јавност која го бојадисуваше Скопје и која излезе на референдумот и која и покрај сите национални трауми му аплаудираше за Преспанскиот за да се поттурне државава малку напред од десетгодишната режимска криминална владејачка структура, тогаш сигурно и многу јасно знае дека таа јавност е поприлично разочарана. Посебно од млакоста и од неубедливоста на опфатот од најавените, а не остварени кадровски проветрувања, а како услов за нова енергија како надеж за брзи и опипливи реформски движења од кои зависи развојниот замаец наречен датум за почеток на преговорите со Унијата.

Низ сегашната диоптрија можеби за потегот околу министерот за финансии и може да се најде некакво политичко оправдување од типот дека при евентуални вонредни предвремени избори на зима испровоцирани од добивање датум за почеток на преговори или пак поради не добивање датум, сеедно, во околности на пржинска влада и нов привремен премиер, за власта е важно в раце да се има министерството за финансии. Од друга страна е неразбирлива ладнокрвноста спрема аргументите напишани во оставката на заменик министерот за образование. Тука е неважна кадровската амбиција туку поентите се во критиката за неостварувањето на изборниот слоган едно општество за сите. И токму во базичната област какво што е образованието. Доколку пак тој процес се уште не се навестува таму, во образованието, тогаш од едно општество за сите, нема ништо. Ако за тој внатрешно политички концепт очигледно не е заинтересиран клучниот владин партнер ДУИ, тоа значи дека на СДСМ парктично му останува да олабави од својата елементарна изборна агенда и општеството продолжува да ферментира етно сепаратно.

Таа клучна платформска обврска, судејќи по реакцијата на заменик министерот за образование, сега останува замрзната во партиската бирократска фиока. Атанасов напиша дека неговата позиција во владата станува неодржлива и неефективна. Можеби причините за неговата оставка се лични и тривијални. Можеби заменикот министер само сакаше да дотурка до министер. Можеби имаше желба, идеи и енергија за реформи во правец кон едно општество за сите. Како и да е, клучното е во неговата констатација за статусот на сопствената позиција која, како што тој поентира, станала неефективна за практична афирмација на желбата за едно општество за сите.

Црвената ламбичка е запалена и предупредува дека во државава, засега тивко и ненаметливо, а сепак опасно, паралелно се одвиваат два процеса и дека тие се спротивставени и дезинтегративни. Заменик  министерот само навести, внимателно обвини и суптилно посочи дека владиниот партнер уште не е ментално подготвен за заедничко општество и дека во неговата политичка филозофија се уште нема место за широко образовно реформско движење како единствен перспективен образовен интеркултурен реформски концепт разбран како едно општество за сите.

На Република Северна Македонија брзо ѝ се препотребни евроинтеграциите. Од една страна со алатките на европските цивилизациски вредности да може многу побргу и поефикасно да се справува со разградувачкиот процес. Со оној што негува национализам, етноцентризам и изолација. И, од друга страна, поуспешно да може да го афирмира и да ги форсира оној другиот кој треба да почива врз соработка, интеграција и заедништво.

Па, еве шанса и за новото министерство и за оспоруваниот министер Садула Дураку. Во сите сегменти на општеството, примарно од образованието, да го почне походот за остварување на концептот на владината платформа за едно општество за сите. Ете му и можност веќе да ја симне национал сепаратистичката мантра од својата партија.

И, наместо суптилно притаената доктрина за две општества во една држава, конечно корен да фати перспективното едно општество за сите.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.