Денешна дата
02/07/2022

Прилог кон македонско-бугарскиот дијалог (2)

Новата нација е родена

Англичаните отсекогаш предизвикувале завист кај љубителите на чистите нации и раси ширум светот. Имено, каналот од 22 наутички милји, кој ја одвојува Британија од Континентот, бил природен бедем кој ги штител од допир со другите европски народи, презервирајќи ја така чистотата на англосаксонската раса. Ова, се разбира, е само обична фикција. Педантните британски историчари со неумолива фактографија ги уриваат вообичаените предрасуди за некаква чистокрвна англосаксонска нација. Првото население воопшто не е  од англосаксонско, туку од иберијско потекло. Различни Келтски племиња навлегуваат од Континентот на Островот, така што кога Римјаните извршиле инвазија во 43 година пред новата ера, затекнале измешано население. Не можејќи да ја консолидираат својата власт врз оние предели од британските острови, кои заради планинскиот терен биле непристапни, Римјаните го организирале својот економски и политички живот во рамничарските делови. Така, било 400 години, а по пропаста на Рим и повлекувањето на римските легии, сликата на етничкиот калеидоскоп веќе е поинаква. Онаму каде што не можела ефективно да се врши римската власт и каде што немало мешање со локалното келтско население, се развива шкотскиот, велшкиот и ирскиот идентитет, додека романизираните Келти, стануваат Бритонци. Но, кога Бритонците најмиле едно Германско племе наречено Саксонци, да ги бранат од воинствените планински Келти, отворен е процесот на нови етнички вкрстувања. Покрај Саксонците доаѓаат и други германски племиња, какво што било и она на Англесите. Во вековите што следуваат, Викинзите и Данците навлегуваат на островите, а во 1066 овие северни луѓе победуваат во познатата битка кај Хејстингс, а нивниот водач, Вилијам Освојувачот, ја воспоставува својата власт врз Англичаните и Велшаните. Толку за чистотата на англосаксонската раса.

Без природни бариери кои би ги раздвојувале народите, политичките плими и осеки во Источна Европа и на Балканот, силовито и во непрекинат историски континуитет ги менувале границите и ги мешале народите. Границите на државите во политичкиот атлас на регионот  одеднаш оживуваат, час ширејќи се ,час стеснувајќи се, ако вашиот палец кој ги држи страниците на книгата, дозволи тие забрзано да паѓаат. Необјаснив е феноменот што наспроти фактите од животот, ние на Балканот сме сите чистокрвни – Грци, Бугари, Срби, Албанци, Македонци… Така и ги доживуваме нашите национални Балкански истории – како, од памтивека, само нашата нација да живеела на една територија, како да немало етнички вкрстувања и како сликата на етничкиот калеидоскоп да останала закочена во времето. За нас Македонците, од времето на Александар Македонски, ако треба. Таквиот ригиден пристап кон минатото е изворот на многу наши конфликти, со самите себе и со припадниците на други народи. Отфрлајќи ја етнички мешаната реалност, на нашите национални знамиња ја испишуваме паролата “Една нација, една територија, една религија, една историја”. Во основата на ваквото наше поведение е стравот за сопствениот опстанок, кој е производ на бруталната историја на етнички чистења и братоубиствени борби на Балканот. Спасот, парадоксално колку и да звучи, одново и одново го бараме во повторувањето на историјата. Каде е излезот?

Брехт има една прекрасна поема посветена на градителите на Кинескиот ѕид. Во неа тој вели дека историјата постојано зборува за династии и цареви, за епохи и славни датуми важни за изградбата на Ѕидот, но никогаш за обичниот човек. За работникот кој влечел камења, за готвачот кој му готвел храна, за нивните жени и деца, за нивните чувства, радости и страдања… Се ми се чини дека сите ние на Балканот треба да направиме еден коперникански пресврт во нашите умови и наместо да размислуваме исклучиво во категории на нации, територии, граници и историски датуми, да се свртиме кон човекот. Можеби приказните за човечките судбини кои секако кажуваат повеќе за нациите отколку обратно, ќе не направат потолерантни кон припадниците на својата и оние на другата нација или идеологија. Добар почеток за нас етничките Македонци е да формираме еден толерантен поглед кон сопствената историја. Тоа не е лесно затоа што раните се свежи, па она што им се случувало со англосаксонците пред илјада години, нам ни се случувало во текот на последните стотина години. Но, таквиот толерантен поглед ќе ни овозможи да видиме дека драматични тектонски поместувања на политичката карта предизвикани од ривалитетите на регионалните сили и на големите светски сили на Балканот го детерминирале поведението на нашиот човек, и дека тоа поведение не може да се разбере вон од политичкиот контекст во кој го фрлале настаните. Ако сето ова звучи премногу апстрактно, еве две приказни како илустрација.

Приказна прва. Во триесеттите години од минатиот век, во пресметките што беснееле низ улиците на Софија помеѓу фракциите на македонските Бугари, бугарските историчари ја бележат и оваа епизода. Вечерта на 23 февруари 1933 година Христо Аливантов влегува во дуќанот на улица “Пиротска” додека двајцата негови соработници се распоредуваат на влезот. Со револвер во раката одлучно тргнува кон тезгата со намера да изврши уште едно политичко убиство и да го ликвидира сопственикот. Сопственикот на дуќанот, Шентев, пак, кој под весникот распослан на тезгата секогаш држел откочен револвер, пука прв и смртно го погодува Христо. Утредента, весниците рутински регистрирале уште една жртва на “македонските убиства”, овој пат како пресметка помеѓу  приврзаниците на Ванчо Михајлов и на генералот Протугеров. Никој не прашал кој, всушност, е Христо Аливантов? Роден во Гуменџа, во државата наречена Кралството Грција, Христо, бил интелигентен и бунтовен млад човек. Мобилизиран во грчката армија, служи воен рок на границите кон Турција. Таму, во местото Чирикеј ја запознава  убавата шеснаесетгодишна Гркинка, со густи тракиски веѓи, Елена Ангелу и ја носи во родното место како своја жена. Кога во настап на бес, удира грчки офицер, пријателите го префрлаат преку границата и го засолнуваат во Софија. Таму, Елена раѓа две деца, Марија и Иван, и набргу потоа умира од туберкулоза. Христо ги дава своите деца во софиското сиропиталиште “Битола” финансиски помагано од царскиот двор. Работи како бербер, но неговата страст е Македонија, за која убива се додека и самиот не бива убиен.

Приказна втора. Во Струга, во државата наречена Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, во 1919 се раѓа Владо Малески. Син на печалбарот Крсте, кој лебот го вадел како фурнаџија во Шкодра каде што Владо оди во Албанско основно училиште. Како стипендист на владата на кралството на Југославија, учи Српска гимназија во Битола, а потоа студира право во Белград. Уште во Битола се поврзува со комунистичкото движење, а по капитулацијата на Југославија во 1941 година се враќа во родното место и организира востание. Со гитарата в раце, секогаш расположен за песна.

Владо, чија страст, исто така, станува Македонија, е затворен од српските власти заради пеење на песната за Миле Поп Јорданов. На дочекот на новата 1942 година во Струга, пријателите за прв пат ја слушаат неговата композиција, “Денес над Македонија се раѓа…”

По второто апсење, овој пат од бугарските власти, привремено завршува во Софија, каде што во една менза ја среќава  шеснаесетгодишна ќерка на Христо од Гуменџа, Марија Аливантова, со истите  тракиски веѓи на мајка и. “Јас сум нашинец”, биле загадочните зборови при запознавањето. На заминување во партизани, Владо и ветил на Марија дека ако остане жив ќе дојде повторно во Софија и ќе ја земе за жена. Така и се случило. Непосредно по војната заминува за Софија и ја носи невестата преку граница, во Народна Република Македонија, дел од државата наречена Народна Република Југославија, федерација “на рамноправни народи и народности”.

Ете, тоа се две приказни, две вистини за Македонија. Една вечер во 1946 година, на поминување преку Камениот мост во Скопје, Владо, строго и вели на Марија:” Да беше жив татко ти, ќе бевме непријатели”. Денес не се живи ниту дедо ми, Христо Аливантов, ниту татко ми Владо Малески, но новата нација е родена. Можно ли е на Балканот да нема веќе непријатели, а ние да не сме свесни за тоа?!

 

 

(Објавено во „Утрински весник“, во 2003 година)

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.