Денешна дата
29/06/2022

Политички јазол: Лидерски средби и емисари пак се во игра

Тешко дека владеjачката ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати барањето на опозициската СДСМ за формирање техничка Влада па оттука веројатно е дека партијата на Зоран Заев преку преговори ќе се обиде да ги оствари своите барања, анализираат политичките аналитичари

По 18 Конгрес на СДСМ на кој актуелното раководство доби поддршка отворени се сите опции како партијата ќе дејствува понатаму. Сепак, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу се’ поизвесно е дека ќе има преговори во кои ќе се вклучи и меѓународната заедница.

Albet Musliu Tviter

„Иако СДСМ одлучи да не ги прифати мандатите не е исклучена можноста тие да се вратат во Собрание, но пред тоа ќе мора да има преговори на кои партијата ќе ги постави на маса своите барања. Можеби ќе биде тешко да се постигне компромис, но сигурно е дека меѓународната заедница ќе инсистира на дијалог. Оттука не е исклучена ниту можноста за нови предвремени избори. Тие може да се случат до крајот на годината, но може да бидат и по година или година и пол, вели Муслиу.

 

 

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов вели дека партијата веќе ја подготвува стратегијата како ќе дејствува во иднина, но не открива детали. Од партијата не ги потврдуваат ниту информациите на Инбокс7 дека меѓу другите барања, СДСМ повторно ќе инсистира на формирање техничка Влада како и на измени на правилата за финансирање и рекламирање на партиите на јавниот сервис (МРТВ) и во приватните медиуми. Останува отворено прашањето и за тоа дали СДСМ ќе бара опозицијата да има право да врши надзор врз МРТВ.

Во однос на тактиките што би ги применила опозицијата во остварувањето на нивните барања Муслиу не верува дека СДСМ ќе и се врати на уличната демократија бидејќи во минатото се покажа дека со тоа не доби ништо.

СДСМ незадоволна од владеењето на актуелната власт пред повеќе од две години се одлучи на улична демократија со организирање на маршот наречен „ОТПОР“. Непосредно пред претседателските и предвремените парламентарни избори во април годинава, партијата излезе со нови и сериозни обвинувања против највисокото раководство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за сторен повеќемилионски криминал, а веднаш по изборите се огласија со став дека не ги прифаќаат резултатите и дека пратениците што беа избрани на последните парламентарни избори нема да учествуваат во работата на Собранието.

 

Излезот ќе се бара преку дијалог

 

Дека преговорите се се’ поизвесни говори и фактот што претседателот на Собранието Трајко Вељаноски јавно ја повика опозицијата да се врати и да се приклучи во работата на Собранието.

„Искрено очекувам и посакувам да се вратат во Собранието и ќе направам  се што е во моја надлежност. Не е убаво во Собранието да нема опозиција, изјави Вељаноски.

Според него работата на Собранието не смее да биде закочена, но прво треба да се почека дали опозициските пратеници ќе поднесат оставки или не. Доколку не поднесат оставки и не доаѓаат на работа шест месеци во Собранието, со двотретинско мнозинство може да им се одземе мандатот.

За Муслиу воопшто не е важна формата, дали преговорите би се воделе на лидерска среба или преку клубот на пратеници. За него е важно да има дијалог преку кој ќе се најде компромис.

Заев ќе мора да преговара и за коалицијата

                                                              

Откако Зоран Заев, ја зацементира својата лидерска позиција освен со власта ќе мора да преговара и да ги осигура односите со коалициските партнери.

Тито Петковски, лидерот на НСДП, поранешен сопартиец на Заев, а сега коалициски партнер го отвора токму тоа прашање. За него, најважно од се’ е како ќе се развиваат односите внатре во коалицијата.

Tito Petkovski

„Нашиот договор со СДСМ веќе истече. Чекавме да заврши конгресот па да седнеме да видиме што сме оствариле а што не од Акцискиот план што партиите на коалицијата го имаа договорено. Ова особено е важно по реизборот на Заев за претседател и по непризнавањето на изборните резултати и бојкотот на Собранието“, вели Петковски.

 

 

Сепак, поголеми потреси во делувањето на опозицијата, изненадувања и  чекори кои досега не биле преземени од страна на социјалдемократите вели дека не треба да очекуваме и  универзитетскиот професор и политички аналитичар Мерсел Биљали:

Колумнист

„Старото раководство на СДСМ, поранешните пратеници, но и сите постари членови на партијата мора да разберат дека природно е работите да се менуваат и на нивно место да дојде нова, помлада генерација. Во природата на Заев е да обединува и затоа не очекувам дека било кој па дури и Црвенковски на било кој начин би можел да и наштети на партијата. Она што пак Заев треба да го направи е да излезе и на своето членоство, но и на јавноста отворено да им каже што ќе направи за, како што вели тој, доброто на Македонија“, вели Биљали.

 

 

Старо-новиот лидер на СДСМ Зоран Заeв веднаш по конгресот изјави дека се гордее со партијата која покажала дека е цврста, сплотена и единствена и која ќе покаже дека од Македонија може да направи слободна земја во која владее правото и правдата.

 

На Македонија не ѝ се пишува добро

Поранешниот претседател на Демократската партија (ДП) и поранешен гувернер на Народна банка Петар Гошев актуелната политичка состојба ја оценува како ужасна и вели дека Македонија се наоѓа во агонија што претставува срам, за држава што себе си се декларира како демократска.

Гошев кој како претседател на ДП во 1994 година заедно со ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираа тогашните избори, за одлуката на СДСМ за бојкот на последните предвремени парламентарни избори велидека борбата надвор од институциите за опозицијата ќе биде тешка работа. 

И да има нова партија ќе мине неславно 

Со 413 гласови Заев беше реизбран на функцијата претседател на СДСМ на последниот 18 конгрес одржан минатата недела. Против актуелниот претседател гласаа 176 од вкупно 593 присутни делегати на конгресот. Во меѓувреме се погласни се информациите (иако никој од прозваните се уште не дал официјална потврда) дека Гордан Георгиев, Ана Павловска Данева, Есад Рахиќ, Александар Наумовски, Андреј Петров, Весна Бендевска ќе формираат нова политичка партија. Она што досега со сигурност се знае е дека доскорешниот пратеник Митре Велјаноски, жестокиот критичар на актуелното раководство останува член на партијата и на партиските органи. 

mitre-veljanoski

„Ја сакам партијата и затоа со аргументи излегов и ги кажав моите забалешки за работата на актуелното раководство. Сеедно што тоа повторно ја доби довербата јас останувам во партијата и ќе ја почитувам секоја нејзина одлука“, вели за Инбокс7 Велјаноски.

 

 

 

Петковски не верува дека поделбите во СДСМ ќе се продлабочат и смета дека следните чекори заеднички ќе се договараат:

„Во СДСМ има многу засегнати луѓе особено оние што беа избрани за пратеници па оттука не верувам дека партијата ќе продолжи да се дели. Напротив, тоа ќе доведе до хомогенизација на членовите кои заедно со раководството треба да седнат и да се договорат како ќе делуваат во иднина“, вели Петковски и потсетува на фактичката состојба на македонската политичка сцена – дека  новите и мали партии остануваат на маргините. 

 

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk