Денешна дата
28/01/2023

ПОКРАЈ СУВОТО И СУРОВОТО

Кога метлата, таа хигиенска алатка ќе се размавта, има шанси да задоволи правда ама многу лесно може да продуцира и неправда

Пишува: Зоран Иванов

Оваа стара народна изрека од насловот на овој текст би можела да биде вовед во погромот на правдата па јулската метла покрај сувото да го изметла и суровото.

И нека испозамете се наоколу ако така е поедноставно и поефектно. Метлата и не е некоја пребирлива алатка за ментална и за карактерна класификација. Кога некаде нешто не оди таа е подготвена да исчисти сѐ. Да го раздува и сувото и суровото. Епилогот ќе биде дека правдата некаде погодила, понекаде промашила. Па така, на кому иде, лесно ќе создаде и неправди.

Ако не се селектира внимателно и врз основа на веродостојни информации и податоци, покрај сувото, покрај огрешените или неспособните, метлата лесно може да го замете и вредното и посветеното. Но, на политиката баш и не и е својствено да биде многу внимателна. За неа, по правило, општиот впечаток на јавноста и е поважен отколку тоа дали некој неправедно ќе биде изметлан, друг пак неправедно промашен.

Бидејќи во последно време нешто во мода се прикриени идентитети за настани и личности, еве и во овој текст малку од таа мода на која авторот на овие редови воопшто не е приврзаник, па сепак за овој летен петок еве ја неговата површна ама автентична приказна која, без сомнение, упатените ќе ја идентификуваат во сите нејзини димензии. По ред:

Една државна компанија од посебно посебен јавен интерес со стотина вработени и со суптилна дејност која главно, речиси целосно се финансира од државниот буџет, од парите на граѓанките и граѓаните, по последните парламентарни избори од пред две години, по кој знае какви кадровски критериуми, падна на управување во рацете на личност која не само што нема елементарни вредности да раководи со таква компанија туку уште помалку умее во менаџирање и кооперативност при управувањето. Продукти на вознесеноста од значајната функција се арогантноста, блефирањата, манипулациите, лагите, игнорирање на органите на управување и на законските и статутарните процедури.

За таа линост не постои ниту закон ниту статут ниту управи ниту бутур. Сам свој газда е основниот белег на неговото малограѓанско владеење во конкретната инаку авторитетна државна куќа. И нормално, поради заслепеноста од себедоволноста и себебендисаноста, веќе две години од неговото размавтано функционерско однесување, не е во состојба ниту  да ја согледа вистинската улога на својата функционерска позиција и надлежностите што таа ги дефинира па, очекувано, пукаат конфликти внатре во управувачкото тело. Паѓа и по некоја оставка, неповолната ситуација ескалира.

Подзанесен од функцијата за која веројатно се убедува дека самата по себе му носи и знаење и памет и способности, самоволието го наметнува како стил на управување. Можеби кадровски поткрепен и заштитен од коалициска партнерска позиција во власта, си дозволува да ја наметнува својата умислена големина прикривајќи ја така неукоста во менаџирањето со компанијата. Ситнокоруптивните постапки со државни пари за купување наклоност и внатрешна поддршка, се посебна тема за анализа. За нив, за кои веќе се подбрмчнува и надвор од колективот, веројатно кога тогаш ќе прозборат свиркачите во компанијата ама и надлежните државни структури.

Наспроти законските и статутарните овластувања, злоупотребите одат во насока и на заробувањето на администрацијата и нејзино ставање само во лична функција игнорирајќи ги и изолирајќи ги барањата и потребите на другите членови на управните органи. Претставувањата на измислени деловни успеси заедно со тоталитарните манири на субјектот предмет на овој текст кому и политиката и законот и статутот му ја довериле задачата контролирано да спроведува, но не и самостојно да одлучува, очигледно е шокиран од можноста некој да му попречува во неговата умислена деспотска улога.

Речиси цела година се провлекуваат и ескалираат недоразбирањата во законски и статутарно дефинираното управното тело на компанијата. Од друга страна, следејќи ја политиката на отчетност и транспарентност, одговорните и правдољубиво настроените во органот на управување, перманентно се борат, сигнализираат и укажуваат на потребата за нормализирање на состојбите и за враќање на узурпираните надлежности. Паѓаат и оставки, се анимираат другите повисоки органи на државната компанија. Се анализираат причините, се констатираат носителите и се препорачуваат задолжителни мерки. Џабе. Нашиот субјект, темата во овие редови, и натаму уво не го боли. Си тера по свое, не ферма никого. Ниту управни органи нити државни субјекти. Пишува писма до високи надлежни институции, подметнува и клевети, бара поддршка за својот стил на владеење. За него, за атмосферата во управните тела на компанијата, виновни се сите, нормално, само не тој.

Но, целата таа ситуација со оваа компанија во државна сопственост е неважна и минорна во однос на општата. Причините се различни но појавата е присутна и во многу други слични државни средини. Затоа и се најави кадровската метла. Ќе заигра некаде поради  неостварувања, некаде поради злоупотреби на позиции од позиции на повластени позиции. Поентата е во системот на одбир на човечките ресурси и во потребата од брзина во кадровските дотерувања согласно вредносните критериуми. Оттаму и впечатокот во јавноста за тоа како функционира власта, кого и зошто предолго толерира за такви бахатости и зошто, наместо како сега со најавата кампањски, не заметува почесто систематски и принципиелно. Вака набрзина, како што се навестува, излегува дека покрај сувото, она штетното и нефункционално, многу лесно може да настрада и суровото, она корисното и функционалното.

Секако, ако на политиката и годат ваквите нејзини кадри, ако замижува пред нивното дивеење при управувањето со државните ресурси, нејзино си е. Власт е и таа може и сака да ги смени сите, а него и таквите нека си ги остава да се изживуваат со доверената доверба. Патем, мислам е сосема јасно дека текстов не е порака метлата да го зафати и нашиот херојот од темава, туку е само обид да укаже на потребата политиката повеќе да се потпира врз автентичните извори и врз од неа инсталираните контролни институционални механизми. И се разбира, поаѓајќи од личните скрупули, авторот на овие редови нема никогаш да ги именува актерите на погоре опишаните состојби. Вредното е да се регистрираат и надминуваат ваквите појави и да се внимава при изборот на кадрите зашто тие се и лицето и одблесокот за успешноста на институциите вклучително на власта.

Метларењето е нели закажано за овој јули. На епилогот и за конкретниот случај нема да се чека уште долго. Метлата е активирана. Некого ќе зафати, некого ќе промаши. Некаде ќе погоди, некаде ќе утне. Кога таа хигиенска алатка ќе се размавта, има шанси да задоволи правда ама многу лесно може да продуцира и неправда. Затоа е важно да се има предвид целата слика зашто нели бевме за „нема правда нема мир“?

Или само некои сме биле за тоа? Многу од одговорите се во јулската метла. Таа белким нема да си дозволи покрај сувото да изгори и суровото.

Би било тоа песимистична порака за вербата во правдата и правдината.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.