
Се повеќе субвенции за велосипеди и тротинети, а се поопасно на улиците
Во 2018 година биле доделени 3.119 субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, а во 2017-та година имало 2600 субвенции за граѓаните. Сепак, велосипедистите се жалат на лоша инфраструктура
Ангела Рајчевска
Додека центрите низ главните градови во светот стануваат car-free зони, во Скопје велосипедскиот сообраќај е заглавен некаде помеѓу урбанистичките планови.
„Ако инфраструктурата за автомобили е пререгулирана, инфраструктурата за другите типови сообраќај има само 1-2 реда во моменталните правилници“ – изјавува Дарко Арсовски Петровски, член на организацијата „На Точак“.
„На Точак“ неодамна испратија документ со предлози за измена на Законот за урбанистичко планирање до Комисијата за транспорт, врски и екологија, која во овој период го разгледува текстот на Законот и подготвува амандмани.
Тие нагласуваат дека е неопходно да се донесат правилници со минимални стандарди на републичко ниво, па општините да можат да ги доуредуваат, но во никој случај да не се остави дупка која се злоупотребува.
„Имаме населени места низ кои минуваат патишта покрај кои има куќи, а по кои се вози ненормално брзо, а немаат ни тротоари, ни пешачки премини поради некои закоравени регулативи. Мора да ги ставиме пешаците, луѓето со колички, луѓето со велосипеди и другите типови ранливи учесници на прво место, да го развиваме јавниот превоз, а потоа во останатиот простор да овозможуваме смирено и безбедно движење на автомобилите. Приоритетите мора да се променат“ – заклучува Арсовски Петровски.
Градот субвенционира, граѓаните крадат
На последниот јавен повик за субвенции на граѓаните за купување на велосипеди, заклучно 28.05.2019 година, до Град Скопје пристигнале 3.472 барања за субвенции.
„Сите барања се разгледуваат од страна на стручна комисија и доколку истите се со комплетна документација и ги исполнуваат предвидените услови од јавниот повик, тогаш ќе им бидат исплатени средства“.
Во 2018 година биле доделени 3.119 субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, а во 2017-та година 2600 субвенции за граѓаните.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во периодот од 2017 година до јуни 2019 година пријавени се вкупно 2.444 случаи на кражби на велосипеди.
Велосипедистите со апели за поажурни институции
Велосипедистката Бојана Дражиќ, на која велосипедот и е 24/7 превозно средство, е незадоволна од инфраструктурата, бидејќи, како што вели „секој ден возејќи си го ризикувам животот“. Дражиќ смета дека луѓето кои возат автомобили не ги перцепираат велосипедистите и посакува целиот град да биде како населбата Автокоманда бидејќи смета дека таму е совршено и за автомобил и за велосипед и за пешак.
Јорданчо Цветаноски се повикува на примерите од Словенија и Хрватска, каде што се прават по стотици километри велосипедски патеки и посочува дека ние сме далеку од такво нешто засега.
„Ќе се подобри инфраструктурата, ако се направат повеќе паркинг места за автомобилите, кои се почесто се паркираат на велосипедски ленти. Освен тоа, не можеме да се пофалиме со некаква сообраќајна култура. Улиците се тесни и некаде едноставно нема простор за велосипедски ленти. Треба повеќе да се работи на тоа, едукација, да се крене свеста кај луѓето“ – дополнува Цветаноски.
Велосипедистот Антонио Трајкоски смета дека, онаму каде што се движи, а тоа е по булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, патеките се во ред. „По однос на другите делови треба да се работи многу, особено накај Кисела вода и Скопје Север“ – дополнува Трајкоски.
Трајкоски апелира на поврзување на сите точки во градот со велосипедски патеки, како би можеле велосипедистите да се движат непречено бидејќи во моментот тоа е возможно само по булеварите и централното градско подрачје. Тој повикува и на уредување на патеките за електричните тротинети за кои смета дека моментално се движат без компас и со голема брзина, што дополнително им става обврска на нив, како велосипедисти, да внимаваат уште повеќе.
„Паркирање возила и движење на веспи/скутери по велосипедската патека повеќе да се казнува“, заклучува Трајкоски.
Според здружението „На Точак“, во Скопје има околу 900 километри улици, а само 20-30 километри велосипетски ленти или велосипедски патеки. Во Копенхаген, на пример, на секоја улица има и велосипедска патека. Словенија направи сообраќајница само за велосипеди помеѓу два града.
Емануела Златановска ги споделува тешкотиите со фактот дека во одредени делови од градот нема тротоари, па така, таа мора да вози по коловозите каде автомобилите воопшто не внимаваат и не оставаат простор на велосипедистите.
„Поголема свест кај граѓаните, се повеќе велосипедски патеки во државата и се повеќе користење на велосипед како превозно средство како и поставување на знаци за поголемо подигнување на свеста и поголемо почитување на истите“ – апелира Златановска.
Добра инфраструктура мотив за велосипедисти
Никола Нешкоски, претседател на „Еко Логик“, смета дека здравата и чиста животна средина не е целосно во релација на велосипедската инфраструктура, но инфраструктурата ја гледа како мотив за повеќе луѓе да се вклучат во секојдневно возење велосипед, и во насока на намалување на жртвите во сообраќајот каде едната страна е велосипедист.
Неговите предлози за подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје се креирање на што е можно повеќе вело-патеки, како одделен дел од коловозот (тротоарски патеки) или како дел од коловозот.
„Мора да има повеќе патеки, ако сакаме да одиме во насока на зголемување на бројот на велосипедисти, но и на бројот на задоволни велосипедисти“.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023