СЕКУЛОВСКИ: Ако Владата се обиде да наметне што е етичко, а што не, имаме проблем
Добро е тоа што Владата на Република Северна Македонија има интерес, идеја сериозно да посвети внимание и енергија на превенција на дезинформациите и на оние малициозни информации кои што се појавуваат во нашето општество кои што може да направат сериозна штета во нашиот јавен дискурс. Меѓутоа, од друга страна, треба да се знае дека ваков тип на процеси се водат единствено кога тие се инклузивни и транспарентни, кога главните чинители, а тоа се пред се новинарите и медиумските организации, како и медиумите е потребно да бидат вклучени од самиот почеток, вели извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски во интервју за „Инбокс 7“. Ова здружение иницира изготвување на листа на релевантни он лајн медиуми, со што очекуваат да дојде до една саморегулација односно поголема професионализација на порталите.
Светлана Унковска
Г-не Секуловски, Владата најави Акциски план за борба против лажните вести. Вие како здружение рековте дека не се согласувате со дел од овие мерки дека тие се проблематични. На што точно мислите?
– Да, точно е. Пред една недела Владата на прес конференција лично што беше водена од премиерот Заев, кога најави и образложи предлог план за одлучна акција против ширење дезинформации. Морам да кажам дека Здружението, колегите, како и другите медиумски организации, беа малку затечени од оваа информација. Имено, ние немавме најава, ниту бевме вклучени во одреден процес претходен, во консултација за овој документ, а на еден начин се изненадивме дека внатре во содржината на истиот има одредени теми што навлегуваат или не интересираат како организација. Будно го следиме процесот. Имавме и јавно соопштение, меѓутоа и повеќе информации во медиумите во нашата земја во врска со презентацијата на овој предлог план. Сакам да кажам дека генерално добро е тоа што Владата на Република Северна Македонија има интерес, идеја, а и разговараат сериозно да посвети внимание и енергија на превенција на дезинформациите и на оние малициозни информации кои што се појавуваат во нашето општество кои што може да направат сериозна штета во нашиот јавен дискурс, меѓутоа, од друга страна треба да се знае дека ваков тип на процеси се водат единствено кога тие се инклузивни и транспарентни, кога главните чинители, а тоа се пред се новинарите и медиумските организации, како и медиумите е потребно да бидат вклучени од самиот почеток.
Дел од јавноста овој план рече дека асоцира на онаа идеја на поранешниот премиер Груевски за десороизација на медиумите, што беше оценето како несправување со неподобните медиуми. Ваш коментар.
Лично не можам да направам споредба помеѓу тоа бидејќи за претходниот премиер, тој план како што вие го кажавте, тука имаше стратегија каде што беа таргетирани индивидуи и граѓански организации со цел да бидат дискредитирани во јавноста и да бидат изложени во извесен безбедносен ризик. А која е целта и намерата на овој предлог план, на оваа Влада, останува да видиме, меѓутоа, сепак ако се осврнеме на содржината на истиот, јас би можел да кажам дека во тие два дела, во овој документ прво самиот план навидум не личи на план, туку повеќе како презентација, бидејќи ако го споредиме планот кој што го има донесено Европската комисија на 5 декември минатата година ќе видиме дека истиот има поголема содржина има над 45 референци, има табели со заклучоци со конкретни препораки и со објаснувања и на еден начин задолженија на сите земји членки на Европската унија. Во овој предлог план имаме два дела- едните се безбедносни мерки кои што на еден начин ниту јавноста ниту медиумските организации ниту новинарите, не не интересираат, бидејќи тоа се повеќе интерни мерки за самата Влада и самите институции како тие ќе се позиционираат во иднина а со цел да превенираат да има прекршувања на нивните протоколи кога станува збор за комуникација и интерна комуникација спрема јавноста. Но другиот дел од овој предлог план што е таканаречен со проактивни мерки, тука Здружението на новинари на Македонија има конкретни забелешки пред се дека истите тие неколку точки кои што ние ги сметаме за проблематични сметаме дека не се доволно добро објаснети и оставаат сомнеж дека истите може да бидат злоупотребени.
Дали сметате дека како подобро решение во ова владино тело би било да членуваат новинари?
Еден од проблемите кои што ги посочуваме е конкретно таа таканаречена акциска група односно група за борба против дезинформации и напади на демократијата која што е составена исклучиво од претставници на владини институции, како што е Канцеларијата на претседателот на државата, на претседателот на Владата, на Собранието, од Владата, од Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, МВР, Министерство за одбрана, МНР, Управа за безбедност и контраразузнавање како и Агенција за разузнавање и други организации, а јас лично не мислам дека новинар треба да седи на маса со претставници на овие институции од причини што, ако целта на оваа акциска група е да интерно анализира податоци во делот на дезинформации и во делот на лажни вести и тие да ги користат за нивни интерни цели како тие да се позиционираат внатре да имаат подобра комуникација со граѓаните и да бидат потранспарентни со цел да се избегне штетата тогаш е во ред. Меѓутоа, ако оваа акциска група има проактивна улога во насока на тоа да има повремени активности со што ќе се обиде да се наметне со свои ставови дали е нешто етичко или не во самите медиуми, е тогаш имаме проблем. Бидејќи дали некој медиум си ја врши својата работа на професионален начин или не, дали некој новинар постапува во рамки на кодексот на етичко известување или не, тоа е работа на само и исклучиво на новинарската фела. Тука на еден начин не можеме да кажеме дека владина институција или какво било тело составено од претставници на повеќе владини институции би можело да биде објективно и дека има потенцијал и капацитет да на еден начин се бави со вистинитоста на фактите или вистинитоста на информациите креирани од професионалните медиуми и новинари во нашата земја. Затоа ние би имале повеќе информации односно би имале покомплексен став изграден околу ова прашање конкретно околу тоа тело кога би знаеле која ќе биде неговата точна улога и кога би знаеле кои ќе бидат точните надлежности на самата акциска група.
Инициравте изготвување на листа со таканаречени релевантни медиуми. Која е целта на формирање на ваква листа и дали е тоа можеби во состав на борбата против лажните вести?
Веројатно мислите на нашата најава за листа на професионални он-лајн медиуми. Да, на еден начин сакаме да помогнеме јавноста да знае од кој тип на медиуми се информира. Дали тој медиум е професионален или не. И тоа сакаме да го направиме со зајакната саморегулација. Зошто – Бидејќи регулацијата е полесен пристап, треба да се донесе извесен закон во Собранието, меѓутоа самата регулација остава простор дека може да се ограничи слободата на изразување и тогаш да имаме демократски проблем. Затоа со цел да го избегнеме тоа како потенцијален ризик ние како Здружение во соработка со Советот на етика на медиумите во Македонија како и во соработка со Стопанската комора започнуваме еден, би рекол, смел проект, преку кој ќе се обидеме, да речеме до крајот на годината или во наредните месеци или наредниот период да формираме регистер на професионални он-лајн медиуми во рамки на Советот за етика. Како – Со точно утврдени критериуми што претставува медиум, а тоа се препораки на Советот на Европа секој он-лајн медиум кој има импресум, сопственичка структура, контакт, авторски права запазени, истиот го поддржува и промовира кодексот на известување и се труди на еден начин да биде професионален во својата работа тој он-лајн медиум ќе има право да биде член на регистерот на он-лајн медиуми во рамките на Советот за етика, а од друга страна Стопанската комора ќе ги препознае медиумите како кредибилни и ќе направи договор за соработка со нив преку бизнис заедницата и своите членки. На тој начин, ефектот што сакаме да го постигнеме е следниот: оние он-лајн медиуми што се уште ги немаат оние елементи на професионални медиуми, се уште има медиуми кои немаат ниту контакт и не знаете кој стои зад нив, значи ако тие сакаат да бидат третирани како професионални, да бидат препознаени од рекламерите, ќе мора на некој начин да се корегираат и да останат корегирани професионални, а оние што на еден начин сакаат да продолжат со таква неетичка работа да, тоа може да продолжат да го прават, меѓутоа јавноста ќе знае дека тие се непрофесионални и бизнис заедницата не треба да ги поддржува.
Ова произлегува затоа што Советот за медиуми не ги регулира овие медиуми?
Ова произлезе од потребата бидејќи во последните години ако се гледа статистички најголем дел од текстови или содржини со елементи на говор на омраза, со елементи на клевета и навреда, како и непрофесионално новинарство се појавува токму на он-лајн медиумите. Едно од причините е поради тоа што овие он-лајн медиуми работат со мали редакции, имаат многу малку луѓе кои што стојат зад нив и понекогаш со цел да бидат актуелни се прават грешки, меѓутоа понекогаш има и ситуации, кои што намерно се злоупотребува медиумот со цел да се постигне некоја друга негативна цел и поради тие причини сметаме дека треба да се стави фокус на он-лајн медиумите. Бидејќи не сакаме да дадеме изговор ниту на Владата, ниту на Собранието дека е потребна рестриктивна регулација, туку дека самите ние можеме да направиме напор со цел он-лајн просторот и он-лајн медиумите во нашата држава да бидат професионални.
Меѓутоа, кој ќе ја прави таа селекција на медиуми и по кои критериуми?
Критериумите моментално се дискутираат, бидејќи како што кажав, ова е процес кој што ќе следи и во наредните месеци. Ние сакаме пред се да ги повикаме сите он-лајн медиуми во наредните месеци, кои што се заинтересирани да дадат придонес во дефинирање на точните критериуми и дефинирање на точните мерки, да го дадат својот глас. Значи не е целта ние да наметнеме решение, не е целта ние да наметнеме одредени критериуми кои што Здружението на новинари и Советот за етика сметаат дека се најдобри. Напротив, ние можеме да понудиме пракси како е тоа на еден начин решено или како тоа се води како процес во другите земји, а потоа чинителите главни, во овој случај он-лајн медиумите да дадат свој придонес, се со цел волонтерски, во наредниот период тие да можат да се пријават во Советот на етика и да кажат – Да, јас како медиум ги исполнувам овие услови, Да, јас во иднина ќе го почитувам Кодексот, а ако не го почитувам имате право да ме исклучите од вашиот регистар и тогаш јас повторно нема да бидам професионален, но од друга страна се дава шанса на сите да се корегираат и да бидат дел од групата на оние он-лајн медиумите со кои што јавноста ќе може да изгради некој нов однос и е можат да си го подобрат својот имиџ и да бидат професионални.
Што со оние медиуми, кои што нема да бидат на таа листа на релевантни медиуми, како тие ќе продолжат да функционираат?
Кај нас не може да се забрани да има он-лајн медиум не може да се забрани правото да се именува како новинар или медиумски работник. Меѓутоа јавноста е таа што ќе суди дали тие он-лајн медиуми си ја вршат улогата на медиуми или не. Дали зад нив стојат политички центри или економски центри со кои што сакаат да се злоупотреби улогата на медиумите или стојат навистина искрени новинари кои што сакаат да помогнат на нашата македонска јавност да имаат кредибилни информации. Законски тоа не може да се ограничи, меѓутоа јавноста треба да биде доволно критична, а медиумите професионални доволно солидарни да пружат шанса да кај нас приоритет и фокус се стави на професионалните информации и професионалните медиуми, а оние маргиналните да бидат на страна.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023