
ЈАНЕВА ВО ПРИТВОР: ПОТРОШИ 8 МИЛИОНИ ЕВРА, НО ОСТАВИ МНОГУ НЕРЕШЕНИ ПРЕДМЕТИ
- Катица Јанева доби 30-дневен притвор откако се утврди дека земала материјална корист за да делува во олеснување на положбата на Орце Камчев во случајот Империја.
- По 4 години, Јанева во СЈО остави многу нерешени предмети и многу потрошени пари.
- СЈО изминативе години ја чинеше државава околу 8 милиони евра.
Пишува: Светлана Унковска
Од симбол на правдата во осомничен за организиран криминал. Ова е патот на трансформирање на шефицата на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева, која во 2015 година со општ политички консензус беше избрана да ја води оваа нова институција за борба против организираниот криминал и корупција.
Четири години подоцна, ден по четиричасовното сведочење за аферата „Рекет“, таа беше приведена од страна на бројни полициски сили. Акцијата за нејзино приведување наликуваше на нејзините прес-конференции, каде ги објавуваше новите предмети кои влеваа надеж за конечно враќање на правната држава – многубројни камери, спектакуларно и пренос во живо за да се следи од пошироката публика.
СПЕКТАКУЛАРНО ПРИВЕДУВАЊЕ
Доцна во средата Кривичен суд и одреди 30-дневен притвор и таа е веќе во истражниот затвор во Шуто Оризари. Јанева е обвинета дека ја злоупотребила службената положба и овластување и влијае за поповолна позиција на осомничениот Орце Камчев во предметот „Империја“. Претходниот ден Јанева цели четири часа беше на распит. Иако таа по излегувањето од кај шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска рече дека на распитот била како сведок и не се чувствувала виновна, само ден потоа од изутрината кај неа дојде полиција.
Од нејзината куќа е одземен службен компјутер и мебелот, вреден околу 5 илјади евра, за кој се претпоставува дека и бил купен со цел да му ја олесни положбата на Камчев, односно да стане заштитен сведок или да му биде понудена спогодба да му се врати пасошот а тој да плати минимална штета во предметот „Империја“.
Рускоска, пак, по одредувањето притвор за Јанева рече дека не би барала таква мерка доколку немала цврсти докази за неа.
„Не би барала притвор без доволно докази. Во меѓувреме се собраа доволно докази, кои укажуваат на кривичното дело. Ако имав доволно докази за некој друг и тој ќе беше во притвор“, изјави Рускоска. Таа вели дека истрагата продолжува, а дополнително ќе се види до какви сознанија и докази ќе дојде Обвинителството, каде биле повикани и бизнисмени кои се поврзувале со истрагата „Рекет“, а дел од нив негирале дека дале пари. Во однос на тоа дали биле бришани докази, рече дека не и е познато.
МНОГУ ПОТРОШЕНО, МАЛКУ СРАБОТЕНО
Институцијата од која Шарената револуција бараше правда секојдневно протестирајќи „нема правда нема мир“, и по четири години работење има голем број предмети за кои се уште нема разрешница и се уште се води судска постапка. Но, има високо конто на потрошени пари од буџетот за нивно функционирање. СЈО многу повеќе потрошило отколку што вратило од криминалот.
Изминативе 4 години односно од формирањето на Специјалното јавно обвинителство во септември 2015 година па се до последниот извештај во март кој се однесува на претходната 2018, во СЈО се потрошени околу 8 милиони евра.
- Во 2015 (само за еден месец) потрошени околу 218.000 евра, единствен извештај во кој има колку е потрошени за плати на обвинителите
Од одобрените 63.420.428,00 до крајот на 2015 година се потрошени 13.542.671,00 денари или нешто повеќе од 218.000 евра, односно 21,4% од одобрените средства. Единствено во овој извештај има наведено колку пари се потрошени за плати на вработените, односно за 13 јавно обвинители се потрошени 1.682.047,00 денари или над 27 илјади евра. Ова се однесува само за еден месец, бидејќи и формирањето на СЈО доцнеше односно тоа почна да работи во ноември
- Во 2016 потрошени околу 1.993.000 евра
Од одобрениот буџет за 2016 година во износ од 253.682.112,00 денари потрошени се 123.548.695,00 денари или околу 1.993.000 евра, односно 48,70% од вкупниот буџет. Најголем дел од средствата се реализирани за подмирување на трошоците за закуп имајќи предвид дека за објектот во кој е сместено седиштето се плаќа наемнина. Истовремено биле подмирувани и обврски кои произлегуваат од потребата за обезбедување непречено и ефикасно функционирање на обвинителството, средства за професионално унапраедување на јавните обвинители и други вработени како и за ангажирање на експерти, но и подмирување на постапките.
- Во 2017 потрошени околу 2.600.000 евра
Од одобрените средства за 2017 година во износ од 228.005.000,00 денари потрошени се 161.197.380,00 денари или 70,70% од буџетот на обвинителството. И за овој период нема прецизно наведено за што точно се потрошени парите, само се истакнува дека биле реализирани плаќања по однос на преземени обврски по основ на доделени договори за јавни набавки. А, најголемиот дел биле потрошени за плаќање закупнина за објектот во кој се сместени. Се наведува и дека во овој период имало зголемен обем на работа и дека со доекипирањето на тимот на СЈО имало потреба од спроведување јавни набавки на три возила како и компјутери и компјутерска опрема
- Во 2018 потрошени околу 3.100.000 евра
Од одобрените средства за 2018 година во износ од 228.633.000,00 денари потрошени се 195.321.542,00 или 85,43% од вкупниот буџет на обвинителството. Исто како и претходно се наведува дека најголем дела од средствата се потрошени за јавни набавки, , за закуп на просториите, како и за нивна адаптација, потоа општо се наведува дека се подмирување обврски кои произлегуваат од потребата од обезбедување непречено и ефикасно функционирање на обвинителството, потоа повторно за професионално унапредување на обвинителите, за ангажирање експерти, како и трошоци за постапките.
- Во 2019 одобрени се 3.700.000 евра
Одобрени средства за 2019 година е на исто ниво од претходната 2018 во износ од 228.633.000,00 или околу 3.700.000 евра.
Продолжува…
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023