
Демнеат опасности на патот кон НАТО и ЕУ
На дофат до официјално членство во НАТО кое обезбедува сигурност на државите членки, патот е поплочен со многу неизвесности. Претседателот на државата Стево Пендаровски, во неговата изјава дадена по одржувањето на Советот за безбедност во која рече дека нè очекува нестабилен период предизвика доза на вознемиреност, но и дилеми. Од каде одеднаш ваквата изјава на шефот на државата и врховен командат, дали има некакви сознанија за безбедносни ризици?
Светлана Унковска
И по повеќе од една недела од изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски дека во наредниве неколку месеци е можен нестабилен период остана нејасно на што точно мисли шефот на државата. Тој ваквата изјава ја даде веднаш по одржувањето на првиот состанок на Советот за безбедност, што уште повеќе ја подгрева вознемиреноста и отвори дилеми дали е ова можно навестување за нарушување на стабилноста на државава.
„Република Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Европската унија“, рече Пендаровски.
Се обративме со прашања до Кабинетот на претседателот за тоа на што конкретно мислеше Пендаровски со оваа изјава, дали има информации за безбедносни ризици и од кого, дали можеби внатрешни немири или пак се можни безбедносни ризици од надвор. Оттаму одговорија дека безбедносната ситуација во земјава е стабилна и дека нема никакви индикатори внатре во нашите граници ниту надвор од нашите граници, значи вo блискиот и во поширокиот регион, дека таа може битно, суштински да се влоши и до нивото да го загрози интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија.
„Во однос на безбедносната состојба во регионот претеседателот истакна: „Зборувам за слични примери во нашето непосредно опкружување кога државите беа на прагот да влезат во НАТО или во Европската унија, а на некои структури, пошироко, значи, не само во нашиот регион, тоа не им одговараше. Ние мораме да антиципираме што на тој план евентуално може да се случи, затоа што сите ние мислиме дека работата не е веќе завршена, и сите служби мораат да бидат подготвени да ги анализираат сите информации до кои доаѓаат и да предвидуваат што може да се случи. Значи, тоа е едно. Државата е на прагот на влез во НАТО членство и на прагот на отварање на преговори со Европската унија. Особено во делот на безбедноста го потенцирам членството во НАТО, каде што работите се движат во добра насока и со добро темпо, меѓутоа не можете до последниот момент, до формалното наше зачленување да исклучите дека нешто може да се случи или некој може да се обиде да го попречи тој наш пат кон полноправно зачленување во Северно-атлантската алијанса“, стои во одговорот од Кабинетот. Оттаму упатуваат и на делот на обраќањето на Пендаровски во кое укажува на скорешно заживување на дијалогот Белград-Приштина, што има огромен потенцијал да влијае на добар или на лош начин врз остатокот од регионот на Западен Балкан. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи се обиде да образложи со пример посочувајќи ја состојбата во Црна Гора пред зачленувањето во НАТО, каде што имаше обид за пуч.
„Имаме искуство од другите земји за предизвиците со кои се соочуваа пред членството во НАТО. Ја имаме Црна Гора, имаше некои турбуленции пред членството во НАТО. Имаме евентуални напори за дестабилизирање на нашиот пат кон ЕУ и евентуално тоа може да биде плодна почва за попречување на процесот за интеграција“, рече Османи.
Трајанов не очекува сериозни ризици, за Буџаковски-Балканот е секогаш нестабилен
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов вели дека засега нема никакви најави за можна дестабилиација на државата, а изјавата на претседателот Пендаровски треба да се гледа единствено како предупредување за можно сценарио кое се случуваше во Црна Гора кога влегуваше во НАТО.
„Мислам дека нема ништо посебно и посериозно да се случи бидејќи и Русија преку своите држави со кои има поблиски релации не мислам дека ќе се обиде нешто посебно да направи за да влијае на процесите во зачленувањето на земјава во НАТО. И од тој аспект, сметам дека треба да се очекуваат турбуленции или можна дестабилизација на државата, бидејќи согласно новата стратегија на дејствување на Русија на некои процеси на глобално или регионално ниво, доколку не сакаат посериозно да навлезат, дејствуваат преку интернет и фејсбук, односно социјалните мрежи. Апсолвирано е од страна на Русија и дека нема да има конфронтација со НАТО и САД кои практично го водат овој процес нашата земја да влезе во НАТО и мислам дека нема да создава клима за конфронтација“, оценува Трајанов.
Со поинакво мислење е професорот Стефан Буџаковски, кој вели дека Балканот секогаш бил нестабилно подрачј,а нестабилност, според него, е можна особено сега со најавите за постигнување договор меѓу Србија и Косово, но и со новиот мигрантски бран што се очекува. Вели дека е можно нешто да биде предизвикано и од земјите кои се противат на влегувањето во НАТО и членство во Европската унија.
„Дејствувањето на разузнавачките служби од земјите кои се против зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ можно е да предизвикаат такви состојби. Доколку најдат плодна почва за тоа, ваквите служби лесно може да предизвикаат инциденти за да не влеземе во ЕУ. Тука дејствува таканаречената Православна унија во кој се Русија, Бразил, Кина, кои сакаат да направат одредени ситуации на целокупната состојба за да се спречи тој процес. Македонија останува мала држава, но многу интересна за сите земји поврзани околу Ватикан, околу Русија и цел тој православен дел и мислам дека натаму ќе видиме многу процеси интереси за Македонија и македонското културно наследство што е интересно за сите“, вели професорот Буџаковски.
Најавите на ВМРО-ДПМНЕ за протести и можноста од ризици
Но, она што останува да виси во јавноста е најавата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски кој рече дека во наредниот период не е исклучено да организираат протести, што би можело да се гледа и како совпаѓање со периодот на нашето официјално членство во НАТО. Испративме прашање до опозициската партија за тоа дали уште се со идеја да организираат протести и дали тоа има некаква поврзаност со предупредувањето на Пендаровски кога рече дека претстои турбулентен период. Оттаму не одговорија за тоа дали остануваат на ставот да организираат протести, но, велат дека според нив, Пендаровски не живее во реалност.
„Жално е кога кабинетот и претседателот на државата живеат вон реалноста затворени во борова шума. Граѓаните одамна живеат во турбулентен период предизвикан од лагите и криминогеноста на власта, од лагите за наводно блескање и скандалозни рекетирања, местења тендери, грабеж како оној што се подготува наводно за клинички центар. Во исто време граѓаните се несреќни, тонат во безизлезност во кој било општествен сегмент. Турбулентен е периодот во државата, но тоа Заев и неговото второ лице не го гледаат, фокусот им е да се заштити државната мафија и инструментите за притисок. Македонија, за жал, е држава на мафија и тоа е повеќе од турбулентно и опасно“, велат од опозициската партија.
Експертската и политичката јавност не очекува внатрешна нестабилност
Сепак таквата најава и евентуалното нивно одржување ја отвора дилемата дали ова би можело да предизвика одредени внатрешни немири и кризни состојби. Според Трајанов, ВМРО-ДПМНЕ е партија која се изјаснила за членството во НАТО и ЕУ и затоа не очекува тие да предизвикуваат немири токму пред овие значајни датуми.
„ВМРО-ДПМНЕ е сериозна опозициска партија и сигурно е дека грешките на власта ќе ги нагласува во јавност, но и тие како и другите партии на Албанците во земјава се за членство во НАТО и ЕУ и по таа основа мислам дека нема да им падне на памет да поттикнуваат незадоволство и немири. Бидејќи членството во европските и евроатланските интеграции е граѓанска определба и за тоа има и политички и граѓански консензус и затоа сметам дека нема да предизвикува незадоволство, некакви интеретнички или меѓуетнички судири кои би можеле да бидат основа за дестабилизација. ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во таков ризик. Сметам дека предупредувањето од Пендаровски треба да се гледа само како предупредување да се биде повнимателен, а не очекувам дека нешто ќе се случи“, нагласува Трајанов.
И професорот Буџаковски не очекува дека опозицијата со протестите намерно би предизвикала дестабилизација, но вели можно во такви прилики некој друг да го злоупотреби тој момент.
„Ако опозицијата одржува протести тие ќе бидат организирани под демократски принципи. Но сепак не се исклучува одредени странски служби да го искористат протестот и да предизвикаат конфликт кој потоа ќе се прошири. Таков случај имавме за немирите на 27 април кога српскиот дипломат беше во тие настани. Сепак таа стара структура на УДБА се уште е присутна. Но мора да се напомене дека сега имаме помала опасност од соседните држави со кои склучивме договори за добрососедство. Со Албанија ја имаме Тиранската платформа, договорот со Бугарија и надминувањето на спорот со Грција, така што од нив сега немаме тенденции за нарушување на безбедноста во нашата држава“, оценува Буџаковски.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023