Денешна дата
20/11/2019

НАТО ЕФЕКТ: МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА СО НАЈВИСОКИ ПРИНОСИ, РАСТАТ ДОБИВКИТЕ ОД ДИВИДЕНТИТЕ

Кумулативно измерено, порастот на домашниот берзански индекс МБИ-10  од почетокот на 2017 досега е речиси 90%!

Таков принос на капитал како во Македонија нема никаде, велат аналитичарите.

Дали евентуалната светска економска криза може да го запре овој берзански бум во земјата?

 

Редакција Инбокс7

 

Решавањето на спорот со името и забрзувањето на процесот на влегувањето во НАТО, придонесоа кон позитивниот сентимент на инвеститорите во акции, но и добрите финансиски резултати на компаниите котирани на Берза изминативе 2-3 години си го направија своето.

Вредноста на главниот индекс на Македонската берза, МБИ10, од почетокот на годинава до средината на месец септември е пораснат за околу 17%. Ако се земе предвид неговиот пораст од 36% минатата година, како и 18% во 2017 година, дава кумулиран раст на домашниот пазар на капитал од цели 87% за период од нешто повеќе од 2,5 години.

Солидните добивки и дивидендите што најуспешните компании ги исплаќаат ги привлекоа инвеститорите, што се почувствува и во делот на износот на прометот на Берзата, како и на порастот на цените на акциите.

 

Петар Андреевски, ВФП Фонд менаџмент

 

„Колку поголеми импликации имаат Брегзит и американско – кинеската трговска војна  врз германската економија, толку повеќе ќе биде засегната и македонската економија, којашто е извозно изложена најмногу токму во Германија. Сето тоа би имало индиректни последици и врз домашниот пазар на капитал, односно пониски профити за компании, помали дивиденди, пониски цени на акциите, итн.“

 

 

 

ТОП 10 НАЈРЕДОВНИ ИСПЛАЌАЧИ НА ДИВИДЕНДА

 

 

Екипата на Инбокс 7 истражи кои се всушност компаниите коишто биле најконзистентни во делењето дивиденда изминативе години, конкретно го опфативме периодот од 2014 – 2018. Според анализата на податоците од архивата на Македонската берза, издвоивме десет компании –  Алкалоид, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Гранит, Македонијатурист, Македонски Телеком, Осигурување Македонија, ТТК Банка, Тетекс и Цементарница Усје што редовно делеле дивиденда изминатите пет години, со една забелешка за  Комерцијална банка којашто нема поделено дивиденда за 2014, како и за 2013 година, па во нашите табели го ставивме податокот за дивидендата исплатена за 2012 година. Во табелите може да се види и бруто износот на дивидендата, како и дивидендниот принос на акциите на секоја од овие компании.

Забележуваме дека НЛБ Банка, слично како и годинава, и претходните години има поделено дивиденда што дава мошне висок дивиденден принос на акциите, како на пример, 11,4% за 2016 година, 9,08% за 2015 и 10,40% за 2014 година. Многу висок дивиденден принос имаат и акциите на ТТК Банка, како и на текстилниот комбинат Тетекс, којшто е еден од главните акционери во банката. Конкретно, ТТ банка има 12,38% дивиденден принос за 2017 година, 11,73% за 2016 година, додека за 2015 и 2014 година, овој принос бил на поскромно ниво: 6,7% и 2,2% респективно. Тетекс, пак, имал 10,84% дивиденден принос за 2017 година, цели 27,27% за 2016 година, 15,5% за 2015 година и 13,67% за 2014 година.

Од акциите што се најликвидни на Берзата, односно секоја година се случува најголема трговија со нив, како на пример оние на Алкалоид, Комерцијална банка, Македонски Телеком, итн., дивидендниот принос се движи помеѓу одличните 4% и 8%, со оглед, пак ќе нагласиме, на рекордно ниските приноси што може да ги добиете доколку изминативе 3-5 години парите сте ги орочиле во некоја од деловните банки.

На пример, дивидендниот принос на акцијата на Алкалоид за 2018 година изнесува 3,90%, а највисок бил за 2016 година, 4,64%. Комерцијална банка за 2018 има дивиденден принос од дури 8,32%, додека претходните години овој принос се движел помеѓу 4% и 6,5%.

ОПАСНОСТ ОД НОВА ЕКОНОМСКА КРИЗА

Меѓутоа, во моментов се надзира опасност од нова економска криза на глобално ниво, односно рецесија, како што пишуваат сите релевантни светски медиуми деновиве. Оттука, се наметнува прашањето колку сето ова може да ја наруши динамиката на раст на домашниот пазар на капитал.

„Македонската економија е мала и отворена, извозно најмногу изложена кон Германија, којашто пак може да претрпи голема колатерална штета доколку не се најде поволно решение во тековната трговска војна помеѓу САД и Кина“, вели Петар Андреевски, директор на друштвото за управување на инвестициски фондови, ВФП Фонд менаџмент. „Исто така, тука е и дилемата какви сe’ последици за европската економија ќе има излегувањето на Британија од ЕУ, односно Брегзит. Колку поголеми импликации имаат овие два најтешки политички моменти врз германската економија, толку повеќе ќе бидат засегнати и македонските компании извознички во оваа земја.“

Тој додава дека следствено на сето ова, последици би можел да претрпи и македонскиот пазар на капитал, односно акциите на компаниите што котираат на Берзата, а коишто би биле најмногу засегнати од намалената економска активност заради помалите нарачки од Германија.

„Некои од компаниите чиишто акции се најликвидни на Берзата имаат добро дисперзирана извозна структура, како на пример од фармацевтскиот сектор. Но некои пак, како банките, се изложени кон домашната економија, па послабите резултати на компаниите коишто се всушност нивни клиенти би можеле да ги влошат и нивните конечни резултати, следствено и цените на нивните акции да се коригираат надолу“, вели Андреевски.

ДИВИДЕНДИТЕ ГИ ПРИВЛЕКОА ДОМАШНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

Инаку, изминативе 2-3 години, со оглед на рекордно ниските каматни стапки за штедење, вложувањето во акции со цел да се земе дивиденда никогаш не изгледало попривлечно како идеја. Ако ги погледнеме висините на дивидендните приноси, годинава се повисоки од нивото на банкарските каматни стапки.

Горан Марковски, КБ Публикум

„Прометот на Македонската берза изминатиов период е најмногу создаден од страна на домашни инвеститори и нема некои посериозни играчи од странство што во моменти на некаква криза би реагирале панично и би ги повлекле своите портфолија на акции. Домашниот пазар на капитал во моментов е многу реално вреднуван, врз основа на резултатите од минатата година, а она што го остваруваат компаниите годинава е во линија на очекувањата.“

Прометот со акцијата на „Комерцијална банка“, една од најликвидните на Берзата, во јануари изнесувал 74,4 милиони денари, во февруари 80 милиони, додека во март 97 милиони денари.

Со акцијата на „Алкалоид“ пак, исто така постојано привлечна акција за инвеститорите, прометот во февруари изнесувал 35 милиони денари, во март месец скокнал на 49 милиони денари.

„Прометот на Македонската берза изминатиов период е најмногу создаден од страна на домашни инвеститори и нема некои посериозни играчи од странство што во моменти на некаква економска несигурност би реагирале панично и би ги повлекле своите портфолија на акции, како што беше тоа случај во минатото“, вели Горан Марковски, директор на друштвото за управување со фондови КБ Публикум. „Мислам дека домашниот пазар на капитал во моментов е многу реално вреднуван, врз основа на резултатите од минатата година, а она што го остваруваат компаниите годинава е во линија на очекувањата.“

Тој вели дека е неблагодарно да се прогнозира може да се случи уште една светска рецесија, затоа што „сее базирано на претпоставки и очекувања, околу коишто ниту светските аналитичари не се едногласни“.

„Од друга страна пак, има и автономни фактори што влијаат врз македонската економија, како што се капиталните инвестиции коишто би можеле во извесна мера да го компензираат негативниот ефект од надвор“, вели Марковски, наведувајќи го како пример периодот 2009-2011 година, кога градежниот сектор го надоместуваше она што го губеше економијата во другите сектори заради влошените економски услови во странство.

 

Алкалоид
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 320 3.90%
2017 270 3.60%
2016 250 4.64%
2015 230 4.22%
2014 210 4.11%
Гранит
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 30 3.75%
2017 28 3.63%
2016 28 4.83%
2015 22.2 4.53%
2014 16 2.68%
Комерцијална банка
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 420 8.32%
2017 180 6.53%
2016 150 5.25%
2015 125 5.43%
2012 100 4.16%
НЛБ Банка
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 1738 12.33%
2017 622 4.78%
2016 995 11.43%
2015 682 9.08%
2014 551 10.40%
Македонијатурист
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 239.3 4.79%
2017 208 5.07%
2016 186 5.03%
2015 206.87 5.37%
2014 185.85 4.76%
Македонски Телеком
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 18.5 6.36%
2017 18.37 6.68%
2016 14.5 5.58%
2015 17.1 5.89%
2014 40.61 14.00%
Осигурување Македонија
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 62 4.00%
2017 69 4.93%
2016 96 5.74%
2015 264 21.40%
2014 49 3.26%
ТТК Банка
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 105 8.24%
2017 104 12.38%
2016 82 11.73%
2015 38.89 6.70%
2014 15.56 2.22%
Тетекс
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 141.18 6.15%
2017 211 10.84%
2016 255 27.27%
2015 100 15.50%
2014 88.89 13.67%
Цементарница УСЈЕ
Година за којашто се
исплаќа дивидендата
Дивиденда
бруто (ден.)
Дивиденден
принос
2018 1513 6.58%
2017 1527 6.23%
2016 1670 7.41%
2015 1964 9.77%
2014 2625 11.48%