
II. ТРЕТАТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА – ОД СКЕПТИЦИЗАМ ПРЕКУ ЕУФОРИЈА ДО ДЕПРЕСИЈА
Факт е дека нашата држава е единствената земја во светот што во своето име го содржи брендот Македонија. Северна ама Македонија. Ниту една друга, само нашата.
Пишува: Зоран Иванов
Така некако, повторно преку овие транзициски поими од насловот би можел најсубјективно да го сместам актуелниот поглед врз македонските државотворни етапи. Од почетокот на создавањето на првата македонска држава, секако не онаа историска од пред два и кусур милениума, туку оваа нашава овдешна и сегашна.
Поводот за овој мини колумнистички серијал од три продолженија се напливот на осмосептемвриските контроверзни полемики за карактерот на државата од создавањето, преку осамостојувањето до денешни дни – асномска, самостојна и постпреспанска Македонија.
Од нејзиниот празачеток проектиран за сегашниов географски простор, од АВНОЈ 1943 и нејзината прва конституција на втори август 1944-та па наваму, државата Македонија, ако може така лаички да се дефинира, мина низ три неизбежни глобални еволутивни историски етапи. Низ Првата, Втората и сега е во Трета Македонска Република.
Првата од АСНОМ 1944-та до распадот на Југословенската федерација и осамостојувањето, втората од Референдумот за независност во 1991-вата до лани и сега оваа третата од Преспанскиот и новиот устав од јануари 2019-та па наваму. Објективната стварност врз овие субјективни погледи е дека и во Првата и во Втората и во Третата етапа земјава беше Македонија, народот Македонски и граѓанките и граѓаните беа и останаа граѓанки и граѓани на Македонија, а Македонците Македонци.
Во регистарот на државите на ООН нашата е запишана како единствена државна конституција во светот што во своето име го содржи името Македонија. Република со парламентарно уредување и со географска додавка Северна. Одредница која и дома и во меѓународните релации административно ја прецизира територијата на нашата земја во нејзините меѓународно признати Асномски граници. Придавка која по својата суштина, гледано практично и реално, а не емотивно и романтичарски, прецизно ја посочува нашата територија во историско географскиот регион Македонија кој е распослан на Север каде што сме ние, на Југ во Грција, дел на Исток во Бугарија и едно мало античко парче од регионот Македонија на нејзиниот запад во Албанија.
Приказната за една Македонија, за една цела наша античка Македонија, за една цела Античка Македонија на Македонците, отсекогаш била само приказна. Нереален и неостварлив копнеж сон за империјата на Аминта, Филип и Александар од пред повеќе од два милениума. Романтична бајка за некаков наш идентитет и некаков наш историски континуитет од тогаш па наваму, но и со црна дупка од еден цел милениум. Од повеќ од десет века во кои нема никаков автентичен историски запис за таквиот фиктивен континуитет.
Затоа пак е непобитно дека во годините на својата автентична историја Македонскиот народ е територијално сурово поделен. Во почетокот на минатиот век, поради разни геостратегиски интереси на големите светски и на помалите балкански држави и при немање своја држава, свои граници никогаш претходно, буквално сме здробени како народ. Жална судбина идентична како и на многу други народи низ историјата. И токму затоа и не е лесно да се објасни неопходноста од компромисот и тоа компромис со традиционалниот негатор на македонството.
Преспанскиот компромис беше болен, но нужен. Ни креираше нови кризи, фрустрации, будења од историско романтичарските соништа. Ни продуцираше трауми, политизации, протести. Но, кога тогаш, тој мораше да се случи. Беше потребна и човечка и политичка храброст да се истурка и на опонентите да им се даде како на послужавник, на готово. И беа и уште се потребни мудрост и упорност тоа да се објасни. Да се разбере дека ниту се менува име, ниту се губи идентитет. Впрочем, цела година потоа од стравувањата поттикнати од манипулации поради тесни партиски интереси, еве нема баш ништо. Единственото што е точно е дека Преспанскиот е компромис. Симетричен, асиметричен, праведен, неправеден, тој е. Затоа, наспроти манипулациите ајде по ред за фактите:
Прво, по неколку децении конечно е решен еден меѓудржавен соседски спор; Второ, за земјава се отстранија блокадите врз евроатланските интеграциски перспективи; Трето, и институционално го задржавме својот уникатен национален македонски идентитет; Четврто, конечно се ослободивме од контроверзната ФИРОМ; Петто, македонската држава го зацврсти својот меѓународен идентитет зашто е единствената запишана во регистарот на ООН како држава со име Македонија. Дополнително, македонскиот народ е единствен во светот што зборува на свој автентичен национален јазик кој исто така во регистарот на ООН е именуван како македонски.
Сублимирано, договорот од Преспа и уставните измени практично ниту во идентитетска ниту во институционална смисла не загрозија ништо и никого. Напротив, донесе бенефит и за државата и за сите нејзини граѓани. Гледано објективно, идентитетски најмногу за Македонците. Еве пак да биде појасно: Факт е дека нашата држава е единствената земја во светот што во своето име го содржи брендот Македонија. Северна ама Македонија. Ниту една друга, само нашата. Дополнително, македонскиот народ е единствениот народ во светот кој зборува на својот македонски јазик исто така во тетратките на ООН запишан како јазик на народот кој живее во таа Македонија, Северна ама Македонија. Оттука, и покрај сите небулозни ограничувања, присили и уцени што ги дефинира Преспанскиот, во вода паѓаат политиканските манипулации за промена на државниот и на националниот идентитет. Македонија беше и останува Македонија и Македонците и пред и по Преспанскиот бевме и остануваме Македонци. Во Северна Македонија ама Македонци.
И на грчките прогресивни политички структури не им беше лесно да дојдат до компромисот. И таму се уште добар дел од ригидната грчка политичка и општа јавност се вџашува од помислата дека, наспроти нивниот истоимен регион, на север од нивната, постои држава со име Македонија. И дека има народ кој е дефиниран, институционализиран и меѓународно признат како македонски. И овој факт само потврдува дека договорот од Преспа не е асиметричен и дека е во историска полза на двата соседа.
Балканските историски вистини во служба на дневните политики веќе доволно ги хипнотизираа балканските народи. Од премногу соништа и од премалку јаве си ја уназадивме татковината. Ја вкотвивме на последните скалила на европските егзистенцијални и културолошки вредности. Историјата и толкувањето на историските факти, се разбира, е за историчарите. Оттаму, субјективноста и во оваа втора од трите последователни тематски опсервации допре до еволутивната нужност од Третата Македонска Република. Во наредното последно петочно продолжение ќе има уште грст колумнистички реда. Главно за актуелниот депресивен општествен амбиент создаден, не од Преспанскиот, туку од децениската некадарна политика на македонските партиски елити.
Убаво е да се ѕирка во историјата. Да не вознесуваат и историските факти и историските митови. Но оттаму, од минатото па наваму, возот вози само во една насока. Со Преспанскиот Македонија ја живее својата Трета република. Северна ама Македонија.
Сонот заврши. Ни останува јавето. Тука и таму и уште по нешто од политичките манипулации на обете страни. Нив ги имало и ќе ги има. Затоа би било умно од овој добрососедски пријателски чин да го издвоиме нашето парче победа. Тоа ги нуди перспективите. Натаму пак е се само до нас.
*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023