
Вревата на критизерство, а не на аргументираната критичност
Пишува: Трифун Костовски
Во нашето општество, во нашата култура, постои еден тренд во нагорна линија, кој е поразувачки и кој покажува до кое дереџе е падната нашата јавна сфера, нашата општествена стварност и нашите образовни комуникациски алатки. Тоа е трендот на врева, на неаргументирана критичка дебата, која се заменува со баналноста на критизерството без аргументи, на дискредитации, навреди, понижувања, кои не служат за ништо освен да се присили одредена личност да се повлече од јавната сфера, за да се освои просторот од мнозинството кое нема што да му даде на општеството, освен празнина без значења.
Ваквата тенденција е насилна тенденција и никому не му служи, освен на оние кои ѕверски сакаат да го освојат просторот на моќта без квалитети и содржина, туку со агресија и дискредитации на другиот.
Можеби ја пишувам мојата последна колумна во мојот живот каде што повод на моето повлекување не е критиката туку насилното критизерство на луѓето со несоодветно знаење и познавање на нештата, кои безделнично седат по цел ден на социјалните мрежи, фрлајќи анатеми, без да бидат свесни дека со таквото празно, бесцелно и насилно вревење ја деградираат самата личност, а индиректно и самото општество.
Една македонска поговорка вели: на отворено поле врата не се става, и на народот устата не можеш да му ја затвориш.
Без никакви претензии да се бранам наведувајќи ја мојата биографија и моите достигнувања, само сакам до некои читатели да упатам порака и да ги татковски поучам. Велам да ги поучам, бидејќи мојот животен пат и век не ми дозволуваат да се служам со вулгарности.
Сето мое стекнато и во голем дел изгубено богатство е создадено, а се колнам пред Бога и пред сите вас, на чесен и достоинствен начин.
Доколку некој не верува во оваа моја потврда слободно нека го провери моето портфолио, кое не претставува ништо друго, освен мојот изминат пат со сите животни предизвици. Сум имал секакви предизвици, кои ме направиле да бидам посилен, поискусен и да дејствувам благотворно во нашето опкружување. Не сум човек што мрази, што се одмаздува, што злопамти – напротив, јас сум човекољубец.
Целта на оваа моја колумна – исповед, е да упатам порака до сите Фејсбуковци и Твитерџии кои цел ден го поминуваат со цел само да омаловажуваат, критикуваат без аргументи и создаваат една грда слика за целото наше општество. Многумина од вас ме познаваат како личност, како име и презиме, како некој кој доаѓа од сферата на бизнис заедницата, но не ме познаваат како човек.
Со цел да го сочувам својот мир и спокојство, решив да прекинам со своите колумни, кои беа пишувани добронамерно, за да придонесам во градењето на едно подобро општество.
Не ги осудувам моите критизери, туку само им порачувам пред да го искажат својот став, кој што не држи, малку повеќе да се замислат за тоа дека сите ние сме луѓе и дека бараме да ни се почитува нашето достоинство.
Криминалец не сум, транзициски богаташ не сум, туку сум обичен граѓанин на Република Македонија кој го посакува најдоброто за нејзиниот општествено-економски и културен развој.
Честопати се фаќам во размисла, што е поводот кај мојот сограѓанин да навредува луѓе кои што тоа не го заслужуваат.
Ни од далеку не сакам да бидам најсаканата и најљубената личност во Македонија, сакам да бидам само обичен граѓанин кој сѐ уште може и сака да ѝ помогне на својата татковина, но за жал дојдов до заклучок дека мирот и спокојството ми се многу побитни отколку неиздржаните критики кои ја повредуваат мојата личност, моите најблиски и моите пријатели.
На сите вам со зли јазици ви посакувам и вие да го најдете мирот и спокојството и да почнете со рационално размислување и дејствување да го направите нашето место подобро и посигурно за живеење.
Нема да ви кажам збогум мои критизери, бидејќи времето не знаеме што носи, јас сум тука и секогаш сум спремен за градење на добри дела.
Мојот придонес ќе биде толкав колку што ќе можам и сметам дека треба да испорачам.
Останете ми со здравје мои критизери и би сакал од оваа колумна да извлечете поуки за самите себе како личности.
Признавам дека ова не е вообичаен начин на комуницирање, меѓутоа мојот статус како колумнист во ИНБОКС7 ми го дава правото да реагирам на оваа девијантна појава, која не му служи на никого на чест, а по најмалку на општеството, бидејќи така не се гради здраво и функционално општество.
Благодарност до сите читатели на моите колумни кои ми даваа поддршка.
*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023