Денешна дата
13/11/2019

Небрегово

Пишува: Трифун Костовски

 

Минатата недела во организација на професорот Атанас Конески беше промовирана книгата Слова и согледби за Блаже Конески, напишана од професорот и угледен лингвист Димитар Пандев, на која беа присутни директорките од училиштата Блаже Конески од Прилеп и Битола и дел од учениците.

Чинот беше величествен. Но никогаш не е доволно да се говори, пишува и велича делото и придонесот за македонската култура што Блаже Конески ни го подари. Бидејќи тој е таткото на нашиот јазик, а јазикот е нашиот идентитет. Неговата генијалност ги надминува границите на ова парче земја и ги досега универзалните вредности. Тој успеа да ги собере сите македонисти кои работеле на обликување и кодифицирање на македонскиот јазик, а со тоа да ја одреди нашата специфичност и разликовност во сеславјанскиот свет.

Но, за жал, патувајќи кон Небрегово се соочив со една разорна, девастирачка слика за состојбата на нашата Македонија. Ние, поголемиот дел од граѓаните, живеејќи во урбаните средини, сме незаинтересирани и игнорантни во однос на ентропијата во која живеат луѓето од внатрешноста. Небрегово, селото во кое е роден нашиот великан, каде што првите сознајни и училишни часови ги поминал во црковното училиште, е оставен на абење од забот на времето. Село во кое што двојно повеќе има куќи кои се распаднати отколку население. Приодот до спомен домот на Конески е патека која можете само случајно да ја најдете. Само на дваесет метри од спомен домот, кој ние не можевме да го препознаеме, прашавме локален жител кој, исто така, не умееше да ни каже каде е домот на Блаже Конески.

Иако е на само 15 километри од Прилеп, ќе добиете впечаток како времето да застанало три до четири века наназад. Се гледа низ какви сѐ маки поминал и сѐ уште поминува нашиот народ.

Не би сакал да се добие впечаток дека патетично укажувам на трагичната реалност. Би сакал конструктивно да ги потсетам политичките елити, но и особено оние од актуелната академска сцена, како и луѓето од културата дека респектот кон Конески, татко на нашиот јазик, ќе се сведе на соголено лицемерие доколку не се интезивира осмислувањето за понатамошното живеење и развивање на неговото дело, но и доколку не се стави креативен фокус на неговото родно место кое е срамно опустошено, руинирано и заборавено од сите.

Ние, учесниците на оваа промоција, инициравме изготвување на декларација која првенствено ќе ги адресира Владата на Република Македонија и општина Прилеп, и со која ќе се застапуваме селото Небрегово ќе се стави под заштита, а со тоа ќе се иницира реконструкција на куќите и заживување како центар во кој ќе се слеваат слависти, македонисти и луѓе од академската и книжевната сфера од цел свет. Средствата верувам дека ќе бидат многу поскромни од оние кои оваа држава, во претходниот владин состав раководен од ДПМНЕ, ги вложи за да се изгради артифициелното етно-село на падините на Водно.

Ова место треба да стане централно во програмата на сите основни и средни училишта, а се разбира треба да биде и место на аџилак на сите собири на македонските и светските слависти.

Од таму треба да произлегуваат новите лингвистички лаборатории.

Целта ми е во вас да разбудам потреба за обрнување внимание на заслужните за оваа земја кои не смеат да бидат заборавени. Можеби некои ќе речат дека сум Коневист. И ќе бидат во право. И се гордеам со тоа. Не бараме премногу за она што тој го има сторено за нас. Бараме многу малку – да ја покажеме нашата почит.

Толку за моето поимање на Небрегово.

Од друга страна, актуелната власт мора да извлече заклучок дека Небрегово не е единственото опустошено село. Ги има илјадници низ Македонија. Испразнети, запустени, напуштени. Без инфраструктура, без основни услови за живот. Мора да се впрегне сиот ум да се отпочне процес на заживување на селата во Македонија. Да се наполнат повторно училиштата, да заживее земјоделието, да се развијат други ракоделни активности. За тоа е потребна државна стратегија за да се врати дисперзираното жителство и во градовите и во селата. Бидејќи нема иднина доколку цела Македонија се насели во главниот град.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.