Денешна дата
20/11/2019

Има ли кауза поголема од личниот и партискиот интерес?

пишува: Денко Малески

 

Велат дека тешките времиња обединуваат. Но, зошто ова не важи за наша Македонија? Зошто токму во тешки времиња ние се делиме? Очигледно времињата не се доволно тешки, па политичарите можат ја продолжат играта на обвинување на другиот за сите неволји. Не се доволно тешки затоа што Западот никогаш навистина не нѐ оставил да пропаднеме, па обединувањето на домашните сили можело да причека а играта на обвинувања (blame game )можела да продолжи. Пред некој ден опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се огласи: единствен виновник за недобивање датум ќе биде Зоран Заев и никој друг. Карактеристика на секоја лоша политика е дека за се е виновен оној другиот. Тоа е, веројатно, најголемата маана на македонската политика, таа неспособност на политичарите да се обединат околу кауза поголема од нивниот личен и партиски интерес. Добро, декларативно ќе се изјаснат за НАТО и ЕУ, но големо фајде од декларации нема. И странците дамна не имаат прочитано. Амбасадор на една многу влијателна држава ми го сумира искуството од истражувачката работа на нашата политика од страна на Рајнхарт Прибе: за се е виновен другиот. Па, ќе рече некој, во секоја политика во светот е така? Не баш. Кога наш амбасадор во разговор со министер за надворешни работи на една скандинавска земја се обидел вината за некоја незавршена работа меѓу нашите две земји да ја префрли врз неговиот претходник од спротиставената партија, го чекало изненадување. Тоа не е можно, му рекол соговорникот, актуелниот министер за надворешни работи, зашто мојот претходник е најдобриот министер за надворешни работи кој го имала нашата држава. Тоа кај нас нема да го слушнете за никој. Опонентот може да биде само виновен и тој никогаш не е во право. Зашто, како може за некој како премиерот Заев, кој ја отклони тридецениската пречка да се квалификуваме за членство во ЕУ, да се рече дека е единствениот виновник за недобивање датум за отпочнување преговори?

Причината за недобивање датум е на друго место. Во последниве години се одвиваа не една туку две битки. Првата, меѓународната која, со поддршка на Западот, Заев и Ципрас херојски ја извојуваа и втората, домашна, чија победа зависеше од поведението на сите партии. Со компромисот од Преспа и членството во НАТО, меѓународната битка ја добивме. Домашната ја изгубивме зашто Заев и Мицковски не зборуваа со еден глас. Еден глас? Нашата ситуација беше и сеуште е многу специфична. Додека од некои балкански земји, како Бугарија и Романија, се бараше само да го ускладат своето законодавство со европското за да почнат, ние требаше да се квалификуваме за преговори. Требаше да покажеме дека, со помош на СЈО сме успеале да излеземе од кризата, демонстрирајќи дека функционира нашиот правен систем и дека успешно се бориме против високата корупција. Ниту сега ниту во иднина оваа битка не може да се добие ако власта и опозицијата не прозборат со еден глас, обединети околу принципите на демократската и правна држава.

Да се потсетиме. Се почна кога запрепастувачките разговори од снимките кои обелоденија злоупотреби на власта од страна на највисоки државни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивното одбивање да прифатат одговорност. Тогаш, на сцена стапија САД и ЕУ со идеја за Специјалното јавно обвинителство кое што требаше да ги отклони препреките на патот правдата да си го земе својот нормален тек. Така СЈО стана лакмусовиот тест на нашиот правен и политички систем иако, се разбира, тоа никаде не е запишано во условите за отпочнување на преговорите. Производ на длабока и застрашувачка политичка криза во „заробената држава“, на работата на СЈО, од надвор  се гледаше како на вистинскиот начин за излез од неа. Ние требаше да решиме политичка криза како доказ за нашата способност да отпочнеме преговори со ЕУ. Доказ за способноста не на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, туку доказ за функционирање на еден нормален политички систем со власт и опозиција лојални на демократијата и на правната држава. На тој тест паднаа двете политички партии. Првата, ВМРО-ДПМНЕ со саботирање на работата на СЈО и со својот одбранашки став кон поранешните функционери, а втората, СДСМ со аферата „Рекет“. Ништо од она што беше изгласано во парламентот како европско законодавство не можеше да ја ублажи неповолната слика за поведението на нашите партии. Ни пресуди нивната игра на жестоки меѓусебни обвинувања и неспособноста да се обединат околу „европските перспективи“.

Значи, ако нашите партии не извлечат правилни заклучоци од ова што ни се случи во Брисел, ризикуваат долгорочно да ја заглават државата во изолација. На сличен начин како со името пред триесет години. Но, додека проблемот со името можеше, на крајот, да се речи со унилатерална акција на една партија, помогната од Западот, прашањето за демократијата и правната држава во Македонија не се решава така. Демократијата и правната држава мораат да бидат наше дело, како кауза која е поголема од личниот и партискиот интерес. Убаво кажано, ќе рече некој и ќе праша: што кога корупцијата оди до самиот врв на партиите, тие од кои очекуваме спас?

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.