Денешна дата
21/10/2021

Изборна берза(7): ДУИ – ДУВА

Минатата година, кога челникот на ДУИ реализираше партиско-државна турнеја во соседството и во центрите на моќ за промоција на надворешно-политичките приоритети, Ахмети напиша колумна во Дневник: „Нема дилема дека треба да се движиме кон евроатланските интеграции. За секоја голема цел, треба да се донесе и една голема одлука. И за двете работи потребна е храброст – заедничка храброст“. Ниту има коалициска одлука за решавање на спорот со Грција ниту ги погоди роковите за конечно членство на Македонија во НАТО. Најпрво беше крајот на минатата година, а сега, во предвечерјето на новата Влада, нов ултиматум или до септември во Алијансата или наесен нови избори?! Но, на новинарската провокација што ако не се случи НАТО, Ахмети одбегна одгoвор, како што рече за „хипотетични ситуации“.

Најновото интервју на првиот интегративец во ТВ Алсат, полно со неговата веќе препознатлива фразеологија и социјална демагогија, скромна политичка реторика и култура, само потврди дека Ахмети е (нај)вешт промотор на македонската прагматична и исплатлива политика, во која не се важни платформата и понудата, туку бројот на гласовите. Сепак, беше и одважен зашто имаше храброст, за разлика од неговиот коалициски партнер, јавно да се соочи со остро интонираните критички дилеми од новинар и медиум каде оваа партија ја има(ше) информативната и програмската поддршка.

Со телевизиската одбрана оти не е потребно спикерското место кога нема да се претседава на мајчиниот албански јазик, брутално ја поништи и поддршката од академиците, професорите, интелектуалната елита на Албанците, но и од граѓанскиот либерален корпус кај Македонците. Притоа, неговата политичка меморија е покуса за фактот дека Албанец-спикер, претседаваше со Собранието, пред речиси три децении, кога се подготвуваа правните и политичките платформи за плуралистичките и за демократските промени во Македонија. Покрај тогашниот четиригодишен мандат на одмерениот доктор и проф. Вулнет Старова и првеникот и лидерот на просперитетот, Абдурахман Алити (ПДП), за сосема малку изгуби од избраниот спикер Стојан Андов. Кога веќе се бара консензуален Претседател, тогаш спикерската позиција не е важна само јазично и протоколарно. Во одделни периоди, првиот парламентарец се трансформира и во „шеф на држава“, кога Иванов ќе биде отсутен од земјата, но тој е и претседател на Уставната комисија, како важен координатор на можни измени во највисокиот акт, доколку се инсистира на решенија за примена на моделот Бадентер и при изборот на идниот шеф на државата. Но, тоа е долг процес, наспроти потребата од еднократно и брзо ефектуирање на актуелната изборна победа.

Лидерот на ДУИ е фотокопија на Груевски, негов траен сојузник и судбиник, како во победата така и при поразот.

 

Станува јасно дека власта како прагматика, а не патриотизмот како мотив, се стимулативни за ДУИ. Тоа не им беше јасно на уредниците од двата весника на медиумската империја на Рамковски. Тие, поради форсирањето на враќањето на Црвенковски, истопорија насловни со шпекулативни информации: „Ахмети излегува од власта“. И покрај дијалогот на Али и Бранко, во пролетната 2011 година, кога лидерот на СДСМ се сликаше во Мала Речица со синото сако, исто како сегашното на Премиерот Груевски, и тогаш и сега сум убеден дека во политичката матрица на првиот интегративец не е вграден чипот за приоритетните права од корпусот на национални интереси на Албанците. Првиот интегративец е имун и на „одбрана на државотворноста“, главниот партиски слоган – понуда на СДСМ.

Политиката на тандемот Глигоров – Црвенковски ја упропасти ПДП, особено кредибилитетот на интелектуалното крило од проф. Мурати, Имери и Алити. Тие немаа разбирање за дефинирање на Албанците како државотворен народ во Преамбулата на Уставот, што инаку беше уставоправен статус уште во Федерацијата и решенијата од 1974 година, вклучувајќи ги и практичните одлуки во сојузниот Парламент на екс-федерацијата, расправата симултано да се преведува и на албански јазик.

И не само тоа. Отсуството на визионерство и на смелост да се признае Тетовскиот Универзитет, кога тврдев дека со образован Албанец е побогата Македонија, дека насилничката интервенција во Гостивар и жртвите за албанското знаме беа знак на притаениот антиалбанизам кај тогашното раководство на државата, дека се примаа Албанци во јавната администрација со лажиче, дека се апсеше за паравојската, во време на агресивната балканска воена политика на Милошевиќ, дека во транзициските економски промени и приватизацијата не учествуваа Албанците… Апсурдот беше поголем што Владата на Црвенковски не сакаше да им додели простории на ПДП во тетовски Интерпромет, што потоа експресно го направи Георгиевски за потребите на ДПА и тандемот Џафери – Тачи.

 

 

Но, да не одгледуваме илузии. Национално-партиската агенда на трансформираната ОНА се базираше на веќе остварените позиции на првиот Универзитет на албански јазик во Мала Речица, врз концептот на децентрализација, која беше основа на автономистичкиот модел на Илирида од 1992 година, што, илегални како појава, сепак, беа реално и навремено предупредување за растечките национални права и интереси на Албанците.

Но, ДУИ и Ахмети не ќе може да ја одбегнат одговорноста пред Албанците и електоратот зашто правичната застапеност ја трансформираа во партиска берза, што ни по две години од сугестиите на Волебек и ОБСЕ не се применува двојазичноста во основното образование во средините со мешан национален состав, па откако некритички е дозволена антиквизацијата во македонската архитектура, за завршување на центарот Скендербег треба ново преиспитување на плановите, што…???

И покрај сè, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети и Груевски, имаат најголем број победи на досегашните парламентарни избори, а интегративците со досега незабележаните 19 пратенички мандати за една партија на Албанците од самостојноста наваму. Таквиот исход само ја документира актуелната лукративна политика на интегративците, наспроти нивната јавно промовирана национално-патриотска агенда во понудата за електоратот.

Лидерот на ДУИ е фотокопија на Груевски, негов траен сојузник и судбиник, како во победата така и при поразот.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

Лектор: Елена Цуцулоска

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)