Денешна дата
24/02/2020

Социјалните мрежи и нивното место во јавната сфера

Навистина, не мислам дека сум човек кој заслужува вакви навреди. Ако дотичните мислат дека со ова ќе ме повредат, отворено ќе кажам: вие мене не ме повредувате. Бидејќи, основното мото на мојата животна врвица е да имам два прста чист образ.

Пишува: Трифун Костовски

 

Денес во Македонија, како и насекаде низ светот, социјалните мрежи се активен дел од општествените и комуникациските динамики. Тоа е еден неодминлив процес. Светот се устрои така што нужно е секој еден да биде присутен во некоја од платформите на социјалните мрежи. Но, доколку ги извадиме розевите очила, и доколку се освренеме на содржината која се пласира на социјалните мрежи, особено кај нас, ќе забележиме дека ефектот на комуникациското рамниште е девастирачки. Одеднаш она што треба да биде демократска виртуелна агора за размена на мислења, се претвора во крвава војна помеѓу луѓе со длабока омраза. Едноставно, тие се показател за немањето комуникациска култура и за огромното количество на потреба да се рани, повреди другиот, различниот.

Зарем нељубовта е онаа која треба да се стави на пиедестал? Зарем ова што го гледаме на социјалните мрежи е нашето образовно, културно и политичко ниво?

Повод да се осврнам на ова е моето лично искуство, кое го доживувавм во континуитет, со цел да бидам деградиран, понижен, дискредитиран. Дури, некои од учесниците на таа социјална хајка одат до размери во кои се вклучуваат и лаги поврзани со криминал. Станува збор за тешки обвиненија. До сега можеби на сето ова гледав и со мал потсмев.

Јас сум во зрели години, со огромно работно искуство, рационален и со емпатија. Кај мене зборот омраза не постои, а ниту такво чувство сум почувствувавл некогаш. Сосема спротивно – за мене животниот императив е љубовта.

Би се запрашал која е позадината за ваквиот бестијален атак. Размислувам дали е поврзано со предвремените избори. Иницијалната каписла за овој напад е моето гостување на Алфа телевизија на тема корупција и економија. Не помнам дека навредив кого било, но само дадов свое мислење за реалната ситуација во Македонија. Мојот настап предизвикал револт кај некој мој сограѓанин, кој на својот ФБ профил напишал илјадници невистини, лаги, клевети за мојата личност, за мојот и личен и професионален животен пат.

Ваквата ситуација ме потсети на една од последните песни на Тоше Проески, Цреша. До кога ќе бидеме заинтересирани за туѓите животи и тоа на еден малограѓански, а не благороден начин. До кога ќе губиме време и енергија за нешта кои ја урнисуваат заедницата, и не носат никакво добро, туку напротив, создаваат гнев, револт, рана и кај оној кој прозива и кај прозваниот. Кому му е потребно ваквото количстево на безмилосно и залудно потрошено време.

Навистина, не мислам дека сум човек кој заслужува вакви навреди. Ако дотичните мислат дека со ова ќе ме повредат, отворено ќе кажам: вие мене не ме повредувате. Бидејќи, основното мото на мојата животна врвица е да имам два прста чист образ.

Би поставил прашање: дали вие кои понужувате, дискредитирате и деградитрате имате задоволство во сето тоа. Бидејќи ако е така, верувајте ми, јас имам емпатија со вас, сочуство, бидејќи не е лесно да се живее со такво количество на омраза. А вие и јас имаме заеднички именител – сплотени сме со заедничкиот културен идентитет кој е роден од вековната историја на Македонија. А ова  е начинот на кој Македонија се разградува.

Би сакал да им биде јасно и на тие што ме познаваат и на тие што не ме познаваат дека поголемиот дел од моето работно искуство е поминато надвор од Македонија. Искуството стекнато во комуникација и сорабтка со партенрите од другите култури е драгоцено и може да се искористи како доблесно и во нашата култура. Таму комуникациската култура не се одвива со навреди и дискредитирања туку со аргументација. Да учиме од нив како треба да ја развиваме комуникациската култура и на социјалните мрежи и во агората.

Би завршил споделувајќи ја со вас желбата час поскоро да ги научиме овие лекции. Бидејќи да се стане дел од Европското семејство, не е доволно само нашето административно членство. Потребно е сами себе да се изградиме како граѓани со култура на однесување и знаење, бидејќи ќе бидеме третирани како земја без сопствени специфики достојни на вековната европска традиција.