
Милион Африканци до 2030 во државата- лажна вест за собирање на партиски поени
Трајчо Димков, пратеникот од опозицијата со шокантна вест во врска со населувањето на мигрантите во нашата земја. 2-3 недели со исто обвинување и српскиот десничарски пратеник од партијата Двери Срѓан Ного. Колку десницата соработува во ширењето на лажни вести.
Пишува: Кристијан Трајчов
Во февруари 2020, поранешнот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков, изјави дека СДСМ ќе донесе еден милион Африканци во нашата земја. Според него, ова Владата планира да го реализира до 2030 година и дека наводно името на нашата земја ќе биде Македонија Етиопија.
Еден месец подоцна од Димков, на 10 март, во српскиот телевизиски канал „Српска прича“, истото го изјави и поранешниот српски пратеник од партијата Двери, Срѓан Ного. Тој изјави дека лидерите на Балканот, вклучувајќи ја Албанија, но без Словенија, имале постигнато договор со Џорџ Сорос кадешто на овие простори ќе се населат 5-8 милиони бегалци и дека за тоа политичарите ќе добијат 100-160 милијарди евра.
За да се избегне дезинформирање на граѓаните ја проверивме оваа информација на поранешните пратеници Димков и Ного.
Испративме прашање до Владата на Северна Македонија. Од таму не известија дека не постои таков документ, ниту за такво нешто било разговарано. Тие тврдат дека станува збор за дезинформација, којашто тие категорично ја отрфлаат.
Според Сефер Тахири, комуниколог и универзитетски професор, лажните вести се многу опасни и служат за манипулација.
„Дезинформациите најчесто ги пуштаат различни центри на политичката моќ: влади, но и партии од опозицијата, економски центри, разни организации кои имаат различни агенди, но во време на глобализација често во пласирање на дезинформации или како што се познаваат веќе лажни вести се вклучени и држави, кои употребуваат различни комуникациски канали за да ваквите дезинформации стигнуваат до публиката се со цел да артикулираат и остваруваат партиски, политички или пак пропагандистички цели“, смета Тахири.
Тој додава дека дезинформирањето значи погрешно информирање на публиката односно објавување на непотврдени информации, информации базирани на неверодостојни извори, базирани на гласини.
Истото прашање беше поставено и до СДСМ, но немаше одговор до доставениот рок.
МН: Каков е интересот на мигрантите за населување во Северна Македонија
Според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи (МВР), од 2016 година до март годинава во земјава се регистрирани 178.366 нелегални премини на нашата граница. Најголем дел од нив во бегалската криза во 2016 година.
Табела 1. Илегални премини на нашата граница од 2016-2020.
Извор: МВР
Во истиот период, од 178.366 илегални преминувања само на едно лице му било признаено право на азил-признаен бегалец, а на 11 лица им било признато право на азил заради супсидијарна заштита.
За дел од нив се донесени решенија со кои се запира постапката за признавање на азил поради тоа што ја напуштиле државата во периодот додека траела постапката, без притоа да ги известат надлежните институции.
Невладината организација Легис, која е вклучена во „мигрантските потоци“ во земјава од 2014 сметаат дека ова тврдење е тешко изводливо.
„Веќе пет години немаме големи цифри на мигранти коишто сакаат да останат тука, односно немаме ни 100 барања за азил вкупно. Во 2015 поминаа милион луѓе, а останаа само тројца. Во 2019 година има нула одобрени барања за азил, што укажува на тоа дека немаат план за останување тука. А со шпекулациите во медиумите, на прашањето што ако ни дојдат тука, тоа всушност не е хумано од луѓето коишто го велат тоа бидејќи тие се човечки суштества кои што имаат право на слобода и движење“, смета Мерсиха Смаиловиќ, претседател на Легис.
Таа додаде дека бегалците најчесто доаѓаат од Турција, преку Грција и влегуваат кај нас.
„Кога ќе пристигнат овде, се движат во главно низ Централна Македонија и 90% од нив се упатуваат накај Србија, а останатиот дел во Косово. Тие вршат транспорт со криумчарите, кои им зимаат по 1000 или 2000 евра, барем така се шпекулира, но со сигурност немаме информација бидејќи немаме контакти со нив“, вели Смаиловиќ.
Според податоците на МВР, во периодот 2016-2020 година имало 198 случаи за криумчарење на мигранти и против 330 сторители се поднесени соодветни пријави до надлежните органи.
„По смената на власта во 2017 година во Република Северна Македонија откако опозицијата речиси ги потроши обвинувањата на сметка на власта поврзани со статусот на албанците, поточно откако се апсолвира Тиранската платформа, ВМРО- ДПМНЕ градеше апсурден политички дискурс, кој беше полн со индирелтни ксенофобични пораки и измислувајќи нов непријател а тоа се мигрантите. Се сееше страв дека владата се обидува преку мигрантите да изврши удар врз македонскиот народ. Ва таа насока на градење на антимигрантска политика ја гледам и последната изјава на пратеникот на ВМРО- ДПМНЕ“, смета Сефер Тахири.
Тој додава дека одредени политички струи, особено од десницата и во регионот темата на мигрантите ја употребуваат за партиски цели, бидејќи со неа се сее страв и се критикува ЕУ и изјавата на српскиот пратеник е во таа насока.
За Смаиловиќ мигрантите се обични луѓе кои бараат само подобри услови и еднакви шанси за квалитетен живот. За жал играњето на картата на стравот се користи за нечии партиски агенди.
„Не само овде, туку и во другите држави луѓето мислат дека со нивното доаѓање во нивната земја нема да бидеме безбедни, дека ќе ја променат геополитичката состојба и слично. Преку мигрантите се шират лажни информации и се нанесува страв кај луѓето кадешто владее страв од непознатото“, смета Смаиловиќ.
Во политиката често се среќаваме со вакви дезинформации кадешто најчесто многу луѓе, без да ги проверат информациите веруваат на она што ќе се каже. Една стара девиза, „секому верувам, но, се проверувам“ е повеќе од актуелна во ерата на лажните вести.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023