Денешна дата
23/09/2021

Борба против корупција без ресурси

Системот за борба против корупцијата во Северна Македонија, со преполовени ресурси. Недоволно стручни лица, недоволна опрема, недоволно кадри, несоодветен простор. На крај резултатите се поразувачки.

 

Пишува: Горан Лефков

 

Превработеност. Ова е првиот атрибут што ја „краси“ администрацијата. Илјадници луѓе се појавуваат како вишок во истата. И тоа го покажуваат податоците на Министерството за информатичко општество и администрација.

Во оваа истражување се соочивме со спротивна реалност. Вработени фалат насекаде. Фокус на истражувањето ни беа неколку институции кои се дел или индиректно се поврзани со системот за борба против корупција. Немаше институција која не пријави дека и фали персонал. Од технички персонал па до високо стручен персонал.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е пополнета само со една третина од предвидениот капацитет. Од податоците што ги добивме од Комисијата, користејќи го законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата имала 20 вработени, сега се вработени уште 4, значи 24 постојано вработени и 7 избрани членови на истата. Според систематизацијата оваа Комисија треба да има 60 вработени.

„Овој број од 24 вработени е премал согласно овластувањата што ги имаме во ДКСК. Да се надеваме дека 2021 година ќе можеме да вработиме барем 10 луѓе бидејќи сме на мака. Треба да им помагаме на луѓето и ние како членови, бидејќи се малку. Половина од овие 24 луѓе работат технички работи, како архива, буџет и слично“, вели Нури Бајрами, член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Тој додава дека имале функционална анализа на систематизацијата со околу 113 работни места во Државната комисија за спречување на корупција, но тој закон не им поминал на Собрание, па требало да ја усогласат функционалната анализа со сегашниот закон.

Голем недостаток на вработени има и во Државниот завод за ревизија. Според нивната систематизација треба да имаат 168 вработени, но тие имаат околу 100.

Табела 1.  Планирани и пополнети позиции во Државниот завод за ревизија.

година опис ревизори администрација персонал вкупно
2015 г. систематизирани 118 24 1 143
пополнети 81 10 1 92
2016 г. систематизирани 118 24 1 143
пополнети 79 10 1 90
2017 г. систематизирани 118 24 1 143
пополнети 77 9 1 87
2018 г. систематизирани 118 24 1 143
пополнети 82 6 1 89
2019 г. систематизирани 118 24 1 143
пополнети 80 9 1 90
2020 г. систематизирани 149 16 3 168
пополнети 90 5 1 96
Извор: Државен завод за ревизија

 

Максим Ацевски, државен ревизор вели дека имаат одобрено 10 нови вработувања и дека состојбата се подобрува.

„Имаме одобрување за нови 12 вработувања и ќе достигнеме бројка над 100 вработени. Побаравме 111 милиони денари буџет, ни одобрија 107 милиони“, вели Ацевски.

Тој додава дека Заводот го затекнал со 90 вработени од кои 82 биле ревизори. Тоа значи дека институцијата функционира со половичен број на вработени.

Лоша состојба со бројот на вработени има и во Обвинителствата. Во Македонија има околу 170 јавни обвинители, додека по систематизација треба да има 220. Оваа бројка од околу 50 обвинители постојано недостасува. Во Обвинителството недостасуваат и истражните центри кои треба да преземат дополнителен кадар со полициски овластувања кои ќе им помагаат на обвинителите околу истрагите. Но во изминативе 10-тина години откако е донесен овој закон, овие центри никако да профункционираат.

Наташа Габер Дамјановска, директор на Академијата за судии и обвинители вели дека со завршувањето на постојната генерација, судовите и обвинителствата треба да се консолидираат со кадар.

„Следат неминовни генерациски кадровски промени, преку кои сегашната седма генерација (60 лица) која ја следи почетната обука и наредната осма генерација (се планираат 97 позиции) ќе остварат крупно кадровско пополнување во судството и обвинителството. Исто така, верувам дека Академијата треба да обезбеди редовна (по можност годишна) динамика на пополнување на овие позиции за да постои верба во можноста за кариерно напредување на младите кадри кои работат во правосудството“ , вели Габер Дамјановска.

Многу кадар недостасува и во полицијата. Во 2005 година во Министерството за внатрешни работи (МВР) работеле 13.106 припадници, а во 2014 година нивниот број се намалува на 10.800. Оглас за нови 600 полициски службеници побара Министерството за внатрешни работи. Ова не е прв ваков оглас. Во 2017 година во МВР се распиша оглас за 500 полицајци. Додека во 2015 година МВР бараше 600 нови колеги. Во неколку наврати се вработувани полициски службеници за да се надополни недостатокот, но како голем работодавач, од МВР и заминуваат многу вработени, по основ на пензионирање.

Голем недостаток на кадар, особено на економисти и правници има и во Агенцијата за управување со одземен имот. Таму по систематизација требаат 70 луѓе, а тие имаат 47 од кои 27 работат како чувари на одземените предмети.

„Засега со овие луѓе даваме се од себе, меѓутоа дека на Агенцијата и се потребни овие работи, и се потребни. За успешна работа требаат добри услови за работа. Без добри услови нема да имаме 100% успешно извршена работа“, вели Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот.

Од институциите кои ги истражувавме нема ниту една која го има потребниот број на вработени. Добро екипирано беше само Специјалното обвинителство, но за жал тоа веќе не постои.

 

Просторни капацитети

Покрај екипираноста, системот за борба против корупцијата и институциите кои служат како поддршка на овој систем, што со превентивна, што со истражна функција, имаат недостаток и од простор. Така во оваа истражување повеќе од половината на институциите имаат недостаток на простор.

Академијата на судии и обвинители не може соодветно да одговори на просторните побарувања на своите слушатели.

„Во моментов еден од најголемите проблеми со кои се соочува Академијата се просторните капацитети на Академијата кои несоодветствуваат на обемот на нејзините професионални активности. Академијата интензивно работи на тоа да го надмине овој долгогодишен проблем и се надевам дека многу наскоро ќе може да ја видиме Академијата во многу помодерно издание од она во кое што е денес“, вели директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска.

Недостаток на простор има и во Државната комисија за спречување на корупцијата. Таму се соочуваа и со неможност да ја инсталираат соодветната опрема заради просторот.

„Требаше да не сместат на друга локација во просторија од 900 метри квадратни. Но изгледа не излезе ништо од тоа, ќе треба постоечките простории да ги реновираме за да можеме да ја инсталираме опремата од ЕУ, која две години стои во Министерство за правда бидејќи нема услови каде да се инсталира. Додека се врши реконструкцијата на просториите, ние може да се префрлиме во други простории“, забележува членот Нури Бајрами.

Простор најмногу и фали на Агенцијата за управување со одземен имот. Таму со години се затекнуваат десетици илјади возила. Само Шумската полиција има запленето околу 2.500 возила. Тие возила треба да се складираат некаде.

„За успешна работа на Агенцијата мора да имаме и добри услови. Во случајов во Агенцијата условите се минимални. Ни фали канцелариски простор, ни фалат магацини, ни фалат и луѓе. Засега со овие луѓе даваме се од себе, меѓутоа дека на Агенцијата и се потребни овие работи, и се потребни. За успешна работа требаат добри услови за работа. Без добри услови нема да имаме 100% успешно извршена работа“, вели Асани.

Агенцијата сега има деловен простор од 200 метри квадратни, а само за овој персонал треба минимум 500.

Самоодржливост на системот

Системот за борба против корупција има таква природа и може сам да се одржува доколку се постави како што треба и му се дадат соодветни услови за работа. Познат е случајот со Соединетите Американски Држави каде системот за борба против корупцијата се финансира со имотот запленет од кривични дела. Примери за финансирање на ваков начин има и во Република Северна Македонија.

„Имаме буџет од 300.000 евра, а во овие три години имаме вратено 2,5 милиони евра во буџетот“, вели Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот.

Но ефектот од нивната работа е повидлив во делот на подарени возила на институциите.

„Имаме над 600 возила кои сме ги доделиле за овие три години. На пример, над 40 возила се доделени за здравство и околу 100 за МВР“ , вели Асани.

Доколку оставиме една претпоставена вредност на тие возила од 5.000 евра, на државните институции се заштедени околу 3 милиони евра.

Сепак македонскиот систем за борба против корупцијата е далеку под капацитетите на високо развиените земји. За пример ќе ја земеме Словенија, каде за 2017 година како одземен имот на контото на тамошното јавно обвинителство се запишани околу 300 милиони евра. Во Северна Македонија, корупцијата е многу пораспространета од тие земји и бројките барем за почеток треба да бидат многу поголеми.

Соработка помеѓу институциите за борба против корупцијата

Соработката помеѓу институциите за борба против корупцијата е на незавидно ниво. Што заради немање на знаење, што заради немање на капаците, што заради немање на волја.

„Имаме нефункционален систем, слободно можам да кажам дури и дека немаме систем. Ние имаме институции кои помеѓу себе не се доволно поврзани и координирани. Едноставно немаме институции во кои ќе се знае, кој, што и како презема и да се надоврзе на другите. Иако имаме закони за тоа, дури имаме и пракса, склучуваат договори за соработка помеѓу себе, сепак не постои изграден систем за соработка помеѓу институциите. Како сакаш земи ги, дали институциите во рамките на институциите кои водат истраги, полиција, финансиска полиција, така и помеѓу оние кои имаат друг тип на улоги, на пример, контролна, како ревизорите, антикорупциската комисија. Не постои меѓусебно добро поставена координација. Никој досега не се занимавал со тоа прашање за воспоставување на систем за ефикасна борба против корупција“, вели Слаѓана Тасева, меѓународен експерт за борба против корупцијата и еден од основачите на Антикорупциската комисија во Македонија.

Ваквата состојба ја потврдува и Фатон Асани.

„Кога дојдов за директор на Агенцијата за управување со одземен имот од Царината требаше фактички да преземеме околу 6 милиони парчиња роба. До 2017 година од Царината стигнувале барања за преземање на робата, никој од Агенцијата не ги преземал и тие останале во Царина. Ние досега имаме преземено околу 2 милиони парчиња. Во Демир Хисар требаше да преземе појаси за автомобили запленети во 2002 година“, вели Асани.

Од институциите што ги прашавме генерално оценката беше дека кај некои од нив има желба за соработка, но немаат капацитет да ги вршат основните функции, камо ли за нешто повеќе.

„Соработката со Државен завод за ревизија е законски уредена, а надвор од таа соработка, имаме и соработка за поединечни предмети. Последна таква соработка беше една тематска соработка за бесправно изградените објекти. Ние веќе ги собравме сите предмети што ги имавме во делот Охрид-Струга и ги дадовме кај нив. Ние ќе ги донесеме одлуките кога тие ќе завршат со ревизијата“, вели Нури Бајрами, член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Тој додава дека генерално имаат волја за соработка, сите институции кубурат со капацитети и ресурси за работа, па можеби и тоа е причината што таа соработка затајува, вели Бајрами.

 

 

 

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Горан Лефков, како дел од активноста „Јакнење на капацитетите на институциите во борбата против корупцијата“ поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.  Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Latest posts by Администратор (see all)