Денешна дата
02/07/2022

Тензично по убиството, Албанците апелираат да се казни виновникот

Убиецот да одговара за убиството на матурантот Ангел Петковски, а граѓаните да се воздржат од вжештување на меѓуетничките односи, се пораките од политичарите и од невладиниот сектор

коавтор: Искра Опетческа

(линк до видео)

Во траор, револт, гнев, но и страв е обвиткано Ѓорче Петров по вчерашното убиство на матурантот, 18 годишниот Ангел Петковски. Кога претпладнето екипа на „Инбокс 7“ ја посети населбата, беше напнато, но мирно. Местото пред Европската очна болница каде што беше убиен Петковски, денеска го обезбедува полицијата. Полициско обезбедување имаше и на бензинската пумпа на крстосницата која го дели патот, кон излезот од Скопје и мостот кој води кон општина Сарај. Сообраќајот се одвиваше нормално, со исклучок на влезот од Скопје, каде што полицијците ги пренасочуваа возилата за влез во градот преку обиколницата на патот за Приштина. Траорот е само една улица подолу во непосредна близина на општинската зграда на улицата „Хераклеа“ каде што живееше Ангел. Река од солзи, неверување, шок, гнев. Во домот на семејството Петковски само пред два дена се прославувала матурата на Ангел. „Детето беше мирно никогаш не сум чула мајка му да крене глас на него“, ни вели Јованка, средовечна сосетка на Петковски, кои, како што ни раскажа, биле преселени во Скопје од Тетово. Ангел има помал брат на возраст од десет години. Кобната вест уште ја кријат од него.

ubistvo Gorce (4)

 

Револтирани дуќанџии: Убиецот нека биде казнет, а не сите Албанци!

 

На другата страна од булеварот е сликата која зборува за синоќешниот хаос и дивеење – демолирани се дваесетина објекти во трговскиот центар во Ѓорче Петров, непосредно до пазарчето. Искршени излози на месарници, менувачници, комплетно уништени кафе-барови и ресторани. Срчи на секаде  во паркот во близина. Дуќанџиите велат дека тие веднаш по убиството ги затвориле своите објекти, но подоцна дошла група млади луѓе кои кршеле се пред себе.

Нека се запрашаат политичарите зошто ова се случува, ова е поради нив“, изјави за „Инбокс 7“, Сефедин Исаки.

Тој е сопственик на ресторанот „Сас Планета“, кој изгоре до темел.

Мене полицијата не ме пушти да се приближам, а знаеја дека гори мојот објект, на 100 метри од тука има пожарна станица која не реагираше, јас работам за некој денар, денеска немам веќе ништо“, објаснува Исаки и додава дека негови гости биле и Македонци и Албанци.

Според сопственикот на кафе барот „Те Кока“, полицијата добро знае кој го направил ова и зошто.

Жалиме за убиството, но убиецот нека биде казнет, а не сите Албанци. Ова нека биде последно“, вели Фатмир Бајрами, кој истакнува дека имало инциденти и друг пат, но сега било најстрашно.

 

На увид без обвинител

 

Иако палењето на дуќаните се случи синоќа, сопственикот на кафе барот „Те Кока“ Фатмир Бајрами тврди дека увидна екипа на местото на настанот пристигнала денеска околу десет часот утрото.

ubistvo Gorce (7)

Утрово дојде полиција и направи фотографии внатре во дуќанот. Но, никаде го немаше обвинителот. Полицијата само сликаше, но не зеде ниту еден отисок. Тврдам дека огромната саксија со цвеќе не може да ја крене еден човек и да ја фрли. Затоа се сомневам дека во инцидентот учествувале повеќе луѓе“, вели Бајрами. Во неговиот дуќан беше уништена и една од двете машини за мелење кафе.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје преку соопштение за јавноста информираа дека јавен обвинител излегол на местото на настанот каде што беше убиен Ангел Петковски. Не добивме одговор на прашањето – дали обвинителството направило увид и  во трговскиот центар во Ѓорче Петров?

 

Полицијата уапси 18 лица, ножот, со кој е извршено убиството не е пронајден

 

МВР официјално соопшти дека е уапсен осомничениот за убиството кое се случи вчера во населбата Ѓорче Петров. Станува збор за 19-годишно лице кое и е познато на полицијата поради кривични дела сторени во минатото. Според МВР убиството е извршено со нож, но дека се уште не е пронајден. Како што рече пред новинарите, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, убиството се случило по тепачка помеѓу сега покојниот Ангел и осомничениот за убиството. До тепачката дошло кога младиот Ангел се обидел да му го одземе на осомничениот велосипедот кој тој го украл од неговиот двор.

ubistvo Gorce (1)

Кражбата ја забележале тој и неговиот татко по што тргнале по крадците. Полицијата соопшти дека се приведени 18 лица со обвинение дека предизвикале нереди и матeријални штети за време на вчерашните протести во населбата Ѓорче Петров. Петмина од приведените се малолетници.

 

Апели за соживот

 

Советот и градоначалникот на општина Ѓорче Петров изразија жалење за убиеното момче во близина на Европската очна клиника. Локалната власт изрази и загриженост за тензиите и за настаните по трагичниот настан и ги повикаа надлежните институции, а посебно Министерството за внатрешни работи да ги преземаат сите мерки, за како што се вели „ враќање на мирот и безбедноста, и заштита на животот и имотот на граѓаните“. Општината апелира граѓаните да се воздржат од какви било насилни активности. Советот и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, во соработка со МВР, како што се вели во соопштението, ќе утврдат дополнителни мерки од безбедносен карактер. Во меѓувреме, стасуваат апели за воздржување од насилство и предизвикување тензии. Пораките од политичарите и од невладиниот сектор се недвосмислени – убиецот да одговара за убиството на матурантот Ангел Петковски, а граѓаните да се воздржат од вжештување на меѓуетничките односи.

МВР пред малку го објави ова видео од спроведувањето на осомничениот пред истражен судија:

уредник: Стојанка Митреска

 

Македонија го памети случајот со младиот Мухамед А. Јашари, кој загина на 5 Април 2011, спасувајќи го својот пријател – Дарко. Деветнаесетгодишниот Јашари, излегувајќи од училишната зграда во дворот на ГУЦ „Здравко Цветковски“ видел дека непознати и маскирани напаѓачи го тепаат неговиот соученик Дарко. Веднаш пристапил да му помогне и да го одбрани. Но, беше нападнат од насилниците и по здобиените смртни удари, почина.

На социјалната мрежа Фејсбук беше покрената иницијатива за подигнување на споменик на младиот Јашари. Судот одреди тринаесет години затвор за обвинетиот за убиство П. М. Револтираните дуќанџии-Албанци чии објекти вчера беа демолирани потсетуваат на овој случај и велат: „Ние тогаш не се дигнавме, убиецот си ја доби казната“.

 

stavrova@inbox7.mk