Денешна дата
07/05/2021

ГНЕВ

 

Почитувани читатели,

Сметам дека е човечки и од тоа не се срамам мојот личен гнев и разочарување кон институциите на системот заедно со носителите на овие институции да го искажам за нештата кои се случуваат во нашата Македонија.

Пред два дена го добив решението од Кривичниот Совет на одделението за Организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд со кое се одбива ослободување на мојот замрзант имот кој е спечален пред повеќе од три децении, од причина што сум осомничен за стечајот на Еуростандард банка.

Јас осомничен!

Простете, не можам да се помирам со овој жиг кој ми го нанесе оваа Влада која денес владее во Република Македонија.

Јас, кој сум дарувал и ќе дарувам за доброто на моите сограѓани, за поттикот на нашите културни и општествени особености, сум дарувал во изградба на сакрално-религиски храмови, сум го подржувал спортот во секоја фаза од моето живеење, денес овој Кривичен совет, мене ме прoгласува осомничен!

Најодговорно прашувам, ЗА ШТО? Какви се овие небулози кои се трудите да ги креирате и да го рушите човечкото достоинство кое можеби за вас не е битно, меѓутоа за мене е најбитно во моето живеење.

Кој му дал право на аболиран премиер за криминал денес да ми го руши достоинството и да ме стави во група на криминалци каде никогаш ниту сум припаѓал, ниту ќе припаѓам.

Со ваквиов чин уште повеќе ме предизвикуваат да дадам мој личен пример и да подржам луѓе со искрени намери за државата, да ова зло од Влада се однесе на буниште.

Почитувани читатели, простете ми што денеска петок, точно пред отпочнувањето на викенд во кој викенд верниците на католичката црква ќе го чествуваат Велигден, го изразувам својот гнев јавно и покажувам точно со прст каде е гнездото на организираниот криминал.

Стојам исправен и одговорен зад секој горе искажан збор.

ДОСТА Е! Барем за мене, ја преливте и последната капка од преполнетата чаша со горчливи солзи.

Почитувани, барам разбирање од вас, бидејќи си го познавам мојот ментален склоп и сакам да ви порачам, ако вака оставиме да се уништуваат луѓе заедно со нивните имоти и ако денес тоа мене ми се случува, верувајте утре ќе ви се случи и вам.

 

Трифун Костовски