Денешна дата
07/05/2021

Шарена или шашава револуција

 

Денеска одбележуваме 5 години од отпочнувањето на процесите за она што беше наречено Шарена револуција, чие име асоцира на колоритното незадоволство на граѓаните на Република Македонија, барајќи заминување на Владата на чело со Груевски, поради сомнежот за голем криминал кој беше објавен во бомбите од страна на актуелниот Премиер Зоран Заев.

Она што се случуваше на улиците на главниот град за мене имаше големо и прекрасено значење, бидејќи нѐ обедини сите граѓани на Република Македонија кои сакавме правда и прогрес, без разлика на нашата верска и етничка припадност. Шарена, за мене доби уште повеќе значење со колоритните бои што беа користени како револт на насилнички спроведениот проект „Скопје 2014“. Тогаш инсистирав, а денес сум уште повеќе убеден дека ова шаренило од бои на новоизградените објекти требаше да остане како меморија за еден колективен револт, за една граѓанска непослушност.

Изминаа 5 години, добивме нова Влада, која во основа беше организатор на овој шарен протест, а која беше безрезервно поддржана од граѓанскиот сектор но и од поширокото граѓанство. Тогаш беа ветувани правда за сите, слобода на говорот, и други нешат кои би го втемелиле демократското општество. Тогаш се боревме против заробената држава од тогашната актуелна Влада за денес да констатираме дека државата ни е повторно заробена, токму од организаторите на оваа шарена револуција и доаѓаме до заклучок дека ги набркавме ситите, а дојдоа гладните.

Многумина од учесниците и поддржувачи на оваа шарена револуција добивме шлаканица. Во ниеден момент не претпоставувавме дека на идентичен начин ќе се злоупотребуваат институциите на системот за лични и партиски интереси. Мал  број учесници од шарената револуција беа кооптирани во актуелната власт или народски кажано купени, бидејќи беа вистински водачи на таа шарена револуција. Личностите за кои говорам самите ќе се препознаат во овој текст и убеден сум дека ќе извлечат соспствени заклучоци. За волја на вистината некои од претсваниците на граѓанскиот сектор влегоа во извршната власт затоа што искрено веруваа дека можат да влијаат за пдобри промени однатре. Но се разочараа и си заминаа.

Во самиот наслов го споменав зборот шашава. 99% од сите поддржувачи на шарената револуција беа злоупотребени за лукративните интереси на поединци и партијата на власт. Неможев да најдам посоодветен збор кој нема да биде толку навредлив за нас кој учествувавме во тие протести. Точно, јас бев шашав, верував. Бидејќи мора да се верува за да се дејствува за подобро утре. А денес што имам? Едно големо НИШТО.

Од шарената револуција извлеков поука дека не можам да му верувам на секој кој ќе покрене добра идеја. Настојувам да бидам поаналитичен и порационален во поглед на мојата поддршка на политички субјекти и партии.

Сивилото кое се надвисна над граѓаните на Република Македонија во овие последни две децении е повод што ние како граѓани на Република Македонија ја изгубивме вербата дека челниците на политичката сцена во Република Македонија ќе можат да ја извадат  на вистинскиот, праведниот, демократски пат. Летаргијата и песимизмот кои се евидентни во нашето секојдневие мораме час поскоро да ги замениме со надеж и да почувствуваме дека ние и идните поколенија ќе можеме да си ја изградиме нашата држава. Токму затоа во денешната моја колумна која е посветена на изборниот законик, јас ја лоцирам основната причина за слободниот пад на нашава држава во последните три децении. Изборниот законик не ни дозволува да гласаме за личности, туку нѐ натера да гласаме за партии.

Партиите во изминативе три децении на владеење во Република Македонија, оставија зад себе една грда слика.

Стручниот, интелектуален потенцијал со кој што располага Република Македонија е маргинализиран. ЗОШТО? Затоа што во изборниот законик имаме цензус за валидни избори на било кое ниво!

Мора изборниот законик да се менува. Две клучни работи мора да бидат вметнати: првата е наместо 6 изборни единици Македонија да биде 1 изборна единица бидејќи сме унилатерална држава, НЕЛИ? И второ, гласањето мора да биде законска обврска на секој граѓанин на државата. Со ставњето на законската обврска на секој граѓанин да гласа ќе го потикнеме секој граѓанин да размисли кому и зошто ќе го даде гласот и дефинитивно ќе имаме Влада и Парламент согласно желбите на сите граѓани.

Шарената револуција е минато која што разбуди надеж. Шарената револуција ја сметавме како ѕвезда на небото. За жал не испадна ѕвезда туку метеор, кој ни се сруши врз главите на сите, и кој разви скепаса за секоја понатамоѓна граѓанска активност.

 

 

Трифун Костовски, бизнисмен