Денешна дата
31/07/2021

КВИСЛИНШКИ ИНСТИТУЦИИ

Институциите: Министерство за правда, Јавно обвинителство, Судство, МВР со сите можни дирекции и Народна банка во изминативе три децении исклучиво ги штитат интересите на владеачките структури и на луѓето блиски до нив. Сите погоре наведени институции функционираат на системот Квислинг, што во превод би значело слепа послушност на ѓаволот. Квислингот бил суден и осуден!

 

 

Пишува: Трифун Костовски

Соочен со искуството во Република Македонија, дојдов до заклучок дека треба со вас да го споделам мојот поглед  околу функционирањето на институциите во Република Македонија, чија задача е да го штитат интересот на граѓаните. Меѓутоа, имам впечаток дека се ставени под целосна контрола на „ѓаволот“ олицетворен во партикуларните интереси на владејачките структури, од која и да се партија. Норвешкиот колаборационист Видкун Квислинг, во нацистичка Хитлерова Германија беше човек кој прв ги поддржа нацизмот и холокаустот и се стави во поданичка служба да го одработува тоа што Хитлер го замислил. Заради таквото сервилно и слепо следење на Хитлеровата „визија“, настрадаа милиони жители во времето на Втората светска војна.

Анализирајќи го севкупниот развој на Република Македонија од нејзиното осамостојување во 1991 година, евидентно е дека сите институции во системот кои треба да го штитат граѓанинот, согласно уставот и законите на Република Македонија се повеќе или помалку ставени да ги штитат интересите на владеачките политички структури.

Институциите: Министерство за правда, Јавно обвинителство, Судство, МВР со сите можни дирекции и Народна банка во изминативе три децении исклучиво ги штитат интересите на владеачките структури и на луѓето блиски до нив.

Веќе влеговме во деветтиот месец од зулумот наречен стечај на Еуростандард банка, а институциите на системот имам впечаток дека работат толку колку што сакаат да покажат дека работат, а не и вистински да го решат проблемот.

Ќе набројам неколку случаи кои лично ги почувствував:

  1. Народна банка на РМ и денес е недопирлива иако е повеќе од јасно дека намерата да ја носи Еуростандард банка во стечај е донесена многу порано одколку на денот кога тоа беше објавено. На структурите од власта и поединци блиски до власта, не им одговараше новиот Управен одбор кој почна да трага за излеаните пари од банката и да си ги врати назад. Посветеноста на новиот Управен одбор за доаѓање до крајните дестинации каде завршиле излеаните пари од банката, а бидете убедени дека парите се во Македонија, на одредени структури од власта и поединци блиски до неа, не им одговараше воопшто и тие всушност се исплашија од грдата вистина која може да излезе на виделина. Токму затоа Народна банка доби налог да банката се затвори под итно.

Ваквиот став е повеќе од точен, бидејќи Народна банка со редовните мерки ни го одзема правото да работиме со физички и правни лица цела година, а тоа значи цели 12 месеци да создаваме нови загуби. Заклучувам дека Народна банка не ги искористи алатките: вонредни мерки, што во основа значи, одземање на лиценци за работа на водечки структури и парични казни за одредени пропусти, второ не ја зема предвид можноста за воведување на администрација иако за време на целата вонредна ситуација која траеше 97 дена ни беше одземено и последното право кое ни беше дозволено за да функционираме како банка, а тоа е принудната наплата, која во изминатиот период со новиот Управен одбор имаше зачудувачки добри ефекти во наплата на лошите пласмани.

На сето ова би го напоменал и фактот дека потенцијалниот партнер за влегување во акционерската структура кој беше проверен и прифатен од Народна банка како можен акционер, не беше примен ниту на разговор!

  1. ДКСК. Од првиот момент на покренувањето на стечајот на Еуростандард банка, оваа институција не пројави никаков интерес, па макар и по допрен глас да влезе во генезата за овој мега криминоген скандал. На мое инсистирање остварив средба, на која беа присутни сите членови на ДКСК и добив впечаток дека тие немаат намера да се зафатат со овој мега скандал, иако по закон е дел од нивните со закон пропишани обврски. Пред месец дена официјално побарав нивно вклучување, давајќи во мојот допис несоборливи факти врз основа на кои може да формираат предмет и да ги испитаат фактите кои што ги наведов. Меѓутоа по директива ДКСК се јави да интервенира во случајот дали има конфликт на интереси на двајца уставни судии кои по било каков основ имале некој контакти со нас, бившите акционери на Еуростандард банка. Замислете, комисијата за борба против криминалот треба да го проверува Уставниот суд и нејзините членови. За појаснување, Уставниот суд имаше обврска повторно да се изјасни дали Фондот за осигурување на депозититреба да има предност во наплатата од вкупно собраната стечајна маса.
  2. Јавното обвинителство. Мојот син Коста Костовски и јас имаме забрана да го отуѓуваме и стопанисуваме нашиот имот, издадена од Јавното обвинителство на РМ. Покрената е истрага против 4 лица, меѓу кои сум и јас. Обвинителниот акт што служи за истрага е во најмала рака несериозен, да кажам смешен. Направен е по терк на Народна банка и нејзините главни надворешни советници. 0,1 % нема вистина во тој обвинителен акт.
  3. Техничка Влада и МВР. Лице Оливер Спасовски. До денес немаме званичен одговор на веќе со месеци наназад поставуваните прашања до тогашниот Премиер на Техничката Влада и денес актуелен Министер за внатрешни работи. Зошто се носат две контрадикторни уредби објавени на седници на Техничката Влада, објавени во Службен весник од 24 март 2020 година и 29 мај 2020 година, со кои што со првата уредба со сила на закон се забранува стечај на било каков правен субјект минимум 3 месеци, по завршувањето на вонредната состојба, а со новата уредба, со сила на закон, објавена на 29 мај 2020 година, три месечната забрана за покренување стечајна постапка се суспендира, а тоа значи стечај веднаш после вонредната состојба, каде што единствен правен субјект кој отиде во стечај е Еуростандард банка.

Сите погоре наведени институции функционираат на системот Квислинг, што во превод би значело слепа послушност на ѓаволот.

Почитувани, хаотичниот систем кој функционира во Република Македонија, мора да престане. Сите учесници, во овие институции кои се трудат да ги задскријат криминалите од овој маштап се соучесници во овој мега скандал.

Нинбергшкиот процес е едно потсетување дека главните актери кога – тогаш ќе ги стигне правдата. Но, тоа не значи дека и нивните колаборанти нема да се соочат со правдата.

Политичкиот ринг е единственото место каде може да се извојува победа и да се отпочне полека ама сигурно воспоставување на институционални ситеми и модели кои ќе функционираат во целокупниот општествен систем и кои ќе им слуѓат на сите граѓани подеднакво и рамноправно.

Денес Република Македонија има де јуре Влада, а де факто тоа што го гледаме во секојдневието е далеку од стабилна Влада. Само по себе Собранието е посебна приказна.

Моето искуство и мудрост упатуваат на заклучок дека заради неефикасноста на Владата и нејзината злоупотреба на сите институции на системот, како и не функционалноста на Собранието, а во време на пандемија каде човечкиот живот и опстанок е доведен во прашање, нужно е итно формирање на Експертска Влада, која политичките партии треба да ја формираат, меѓутоа со членови кои немаат партиска боја и припадност туку поседуваат знаење, искуство, професионалност и одговорност.

Убеден сум дека актуелните политички партии мјот предлог нема ниту да го земат предвид, бидејќи затворени во нивните вилаети и желни тие да ја контролираат власта, а со тоа и огромните буџетски средства кои се наменети за функционирање на државата е парадокс кој за жал нѐ турка наназад и во бездна.

Во последниве две децении сведоци сме до кој степен актуелните партии на власт се изживуваат со буџетските пари собрани од граѓаните на Република Македонија. Замислете, имаме ново формирано Министерство за политички системи! Дали некој од нас граѓаните го прочитал предметот на делување на ова министрество? Убеден сум НЕ.

Имаме Вицепремиер за борба со корупцијата кој најавува нови 10 вработувања во овој ресор, имајќи ги сите институции на системот кои се повикани да работат против ова општествено зло. Министерот за Надворешни работи, во ситуација на комплетна стагнација на нашата економија и владеење на пандемија, праќа советници (систем позајмен од Груевски) во Амбасадите низ светот за промоција на Македонија како дестинација за инвестиции.

Почитувани претставници на власта, не правете будала од мене, престанете со изживувањето со народните пари. Можеби не вам директно, претставниците на актуелната власт, ама на нас граѓаните на Република Македонија, вашиот недомаќинлук ќе ни се удри од глава.

Почитувани читатели, немам намера да ве убедувам, само ве замолувам да извлечете заклучоци од сето горе напишано.

Квислинг бил и останал назив за секој колаборант во дела упатени против човештвото, а во случајов против народот и неговата иднина.

Квислингот бил суден и осуден!

 

 

Latest posts by Администратор (see all)