Денешна дата
27/09/2021

ПОТСЕТУВАЊЕ бр. 3

Потенцијалниот купец или коинвеститор за стабилизација на Еуростандард банка беше спремен да влезе со свеж капитал, направи свои дју дилиџенс за банката, бараше прием во Народна банка за да може да се договори за целата постапка околу неговото влегување во акционерската структура во банката, меѓутоа Госпоѓата Бежоска одби да го прими на разговор овој потенцијален партнер.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Минаа Велигденските празници кои ни пратија силна порака дека мораме да продолжиме по нашиот пат, со цел да си овозможиме пристоен и достоинствен живот. Ова се празници на кои треба да се потсетиме дека и кога неправдено се постапува во однос на нас, треба да имаме трпение и љубов.

Изминуваат веќе 9 месеци од злосторот направен врз Еуростандард банка. Јас како најистурен акционер на банката и ден денеска се борам и ќе се борам да дојдеме до вистината зошто Еуростандард банка мораше да биде ликвидирана. Кооперативноста на акционерите со Народна Банка беше огромна. Отуѓивме многу работи од наша сопственост со цел да ја спасиме банката, меѓутоа и тоа не помогна, бидејќи некој се нашол загрозен дека со новиот Управен одбор ќе дојдеме до крајната дестинација каде завршувале одлеаните средства од Еуростандард банка, а за тоа сум убеден дека некому не му е во интерес. Јас продолжувам по својот пат и вистината ќе ја донесам на виделина.

Замислете, 9 месеци ги повикувам сите надлежни институции да ме викнат на распит, меѓутоа до денес, освен одлуката која за мене е несфатлива а која се однесува на замрзнување на мојот имот и првиот распит пред Јавниот Обвинител, до сега немам никаков епилог.

Материјалот кој ми беше прочитан за време на моето прво и единствено сослушување е крајно несериозен и неприфатлив за мене и сите акционери.

Со цел да не се заборават пропустите кои што се направија во стечајот на Еуростандард банка таксативно ќе ги наведам сите по ред, а вие почитувани пријатели и раководни структури на институциите кои треба да се борите против организираниот криминал, размислете и делувајте.

Фактите се следни:

  1. Кон крајот на март 2020 со нашата докапитализација од 11 милиони евра, адекватноста на капиталот на банката беше 6,55 проценти.
  2. Вонредната ситуација поради пандемијата на Ковид-19 траеше цели 97 дена, во кои не можевме ништо да сториме во принудните наплати од доспеаните кредити. Целото стопанство беше блокирано.
  3. Банката се носи во стечај на ден 12 август 2020 при неконституирани Собрание и Влада на Република Македонија, веднаш после предвремените парламентарни избори, одржани на 15 јули, и еден месец по завршувањето на вонредната ситуација во земјава.
  4. На денот на стечајот, банката располагаше со 27,5 милиони евра на своите сметки.
  5. Уредбите на техничката Влада, и тоа првата објавена на 24 март 2020 и втората објавена на 29 мај се контрадикторни. Со првата уредба од 24 март, Владата предвидува да нема поведување на стечајна постапка минимум три месеци по завршување на вонредната состојба, а со втората уредба, со сила на закон, објавена на 29 мај, претходната уредба се суспендира!!! … Зошто? Само да потсетам дека друг правен субјект, освен ЕСБ во Македонија нема. Единствено ЕСБ отиде во стечај.
  6. Неколкупати го имам прозвано актуелниот Миинистер за внатрешни работи, и Технички Премиер на Владата на РМ, Оливер Спасовски,во времето кога Еуростандард банка се однесе во стечај, да даде објаснување зошто се донесени овие контрадикторни уредби, бидејќи повторувам единствено ЕСБ беше однесена во стечај веднаш после вонредната состојба.
  7. Народна Банка одбива да ни ги даде, нам бившите акционери на банката, пресметките како дошла до ниво на адекватност на капиталот на банката кој што по закон треба да се затвори.

Пишував и ќе повторам, како е можно од адекватност на капиталот 6,55 проценти, кон крајот на март да падне под нивото утврдено со Законот за банки, за само 4,5 месеци и во услови каде три месеци и една недела бевме во вонредна ситуација. Тоа е веселата математика на Народна Банка и затоа денес прашувам зошто во периодот на слободно паѓање на адекватност на капиталот Народна Банка не ја презема мерката за воведување администрација, што ќе овозможеше да се види дали банката има своја иднина. Ве убедувам почитувани, банката имаше своја иднина. Главниот потенцијал на банката беа 330 – те експозитури на Македонски Пошти, кои беа во наше владение на период од 20 години, преку кои експозитури Еуростандард Банка учествуваше со една четвртина од вкупниот платен промет. Е, тоа некому му пречеше.

  1. Официјалните извештаи на стечајниот управител Тодевски во врска со затекнатата состојба во Еуростандард банка е копијана извештајот на Народна банка. Учеството на Народна банка во Одборот на доверители формиран од стечајниот управител е врв на целата хипокризија поврзана со стечајот на банката. Кое е местото на Народна банка во Одборот на доверители? Почитувани, одговорот сам по себе се наметнува, а тоа е да се контролира севкупната стечајна постапка, со цел покривање на трагите на огромните средства излеани од банката.
  2. Непрофесионален однос на Народна банка!!!, а повод за овој мој став е пресот на Гувернерката Бежоска, во кој што објави дека падот на БДП наместо 3,3% од предвиденото ќе биде скоро 5%. Почитувани, репресијата во стопанството трае цела година. Денес, и пилците знаат дека процентот на пад на БДП ќе биде околу 5%. Прашувам…каква институција е Народна банка со сегашната водечка структура на чело со Гувернерката Бежоска? Дали таа треба да делува превентивно?, Да, мои читатели, таа треба да делува превентивно, а не да се јавува со пресови, кога завршува календарската година. Впрочем и во нејзиното излагање спомена дека ударни квартали каде стопанството на Македонија е погодено се вториот, третиот и четвртиот квартал. Замислете стечајот на Еуростандард банка го направи во третиот квартал, во ек на евидентен пад на стопанството во Македонија. Што ќе беше визионерство!!! Колективна оставка и одговорност на целото раководство на Народна банка. Тоа е што јас го барам.
  3. Потенцијалниот купец или коинвеститор за стабилизација на Еуростандард банка беше спремен да влезе со свеж капитал, направи свои дју дилиџенс за банката, бараше прием во Народна банка за да може да се договори за целата постапка околу неговото влегување во акционерската структура во банката, меѓутоа Госпоѓата Бежоска одби да го прими на разговор овој потенцијален партнер.

Прашувам ЗОШТО?

Почитувани пријатели, многумина од вас ќе се запрашате зошто го повторувам текстот кој што беше објавен во Декември 2020 година, а во денешнава моја колумна и дополнет – затоа што не сакам да дозволам прашината на заборавот да го покрие ова злосторство.

Упатувам порака до сите институции на системот дека стојам на располагање 24/7 за мој натамошен распит. Вистината каде завршиле одлеаните пари мора да се расчисти. Повторувам веќе по десетти пат, одлеаните пари од Еуростандард банка се во Македонија.

Пријатели, имав внатрешен порив да ве потсетам за ова злосторство, бидејќи мене не ми дава мир, не поради изгубеното материјално богатство, туку повеќе заради грижата кон оштетените штедачи кои без нивна вина станаа колатерална штета, а, секако, дефинитивно сакам да си го сочувам достоинството кое за мене има приоритетно значење.

 

Latest posts by Администратор (see all)