Денешна дата
31/07/2021

Кабает

Kако можете да го објасните фактот дека сите блиски на тогашната и денешна власт успеаа да си ги повлечат средствата од Еуростандард банка пред нејзиното затворање? Тоа е случајот со тогашната министерка за финансии Ангеловска. Овој факт сам по себе укажува дека целокупната врхушка на СДСМ била информирана за овој потег и дека таквото сценарио било многу добро испланирано.

Пишува: Трифун Костовски

 

По сила на нештата, имајќи ја предвид мојата посветеност да се расчисти криминалот поврзан со стечајот на Еуростандард банка, денес повторно сакам да споделам со вас мои размислувања, анализи и заклучоци.

Минаа 10 месеци од упокојувањето на Еуростандард банка. До денес нема ниту еден конкретен акт за водење сериозна истрага околу случајот Еуростандард банка, освен иницијалниот потег на Јавното обвинителство за отворање предмет на истрага, кој по мене беше чин направен повеќе поради притисокот од јавноста и штедачите, отколку како предмет на кој Јавното обвинителство треба да биде целосно посветено. Документот по кој Јавното обвинителство го води овој случај е заснован исклучиво врз извештајот на Народна банка и Агенцијата за перење пари чие обвинение, во најмала рака, е несериозно. До денес нема подигнато обвинение против ниедна личност за овој грозоморен чин.

Почитувани читатели, повеќе од очигледно е дека актуелните структури на власт поддржани со одредени структури кои функционираат во светот на бизнисот сакаат овој предмет да оди во заборав. Сведоци сме или можеби јас сум сведок дека Народна банка со предумисла ја однесе Еуростандард банка во стечај. Ова го тврдам, бидејќи имајќи толку алатки на располагање за консолидирање на банката, таа реши да ја затвори. Бидете убедени дека за ваквиот чин,на кој било меѓународен суд да биде покрената постапка со Народна банка, ќе биде осудена. Илјадници физички и правни лица се оштетени од овој неразумен чин.

Во неколку наврати отворено ги повикав клучните луѓе кои денес се во актуелната Влада на Република Македонија, да одговорат на конкретни прашања, бидејќи тие, а не јас ги донеле уредбите со сила на закон кој директно се одразија на брзиот стечај на Еуростандард банка, веднаш после вонредната состојба прогласена заради пандемијата во 2020 година. Неколку пати го прозвав актуелниот Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и во времето на Техничката Влада во 2020 година нејзин Премиер, да даде одговор зошто се носат уредби со сила на закон и тоа првата објавена во Службен весник на 24 март 2020, во која вели после завршувањето на вонредната состојба ниту еден правен субјект нема да оди во стечај, минимум три месеци, за потоа со исто таква уредба објавена во Службен весник од 29 мај 2020 година предходанта уредба се укинува, што во превод значи стечај веднаш. Единствен правен и сериозен субјект кој што се однесе во стечај беше Еуростандард банка. Господинот Спасовски до денеска не најде време да даде одговор.

Го повикав и првиот Јавен обвинител на РМ Јовески да даде објаснување што се случува со преземената истрага. Евидентен е молкот, бидејќи нештата сами по себе говорат дека се работи за прецизно утврден проект за елиминација на Еуростандард банка.

Почитувани читатели, како можете да го објасните фактот дека сите блиски на тогашната и денешна власт успеаа да си ги повлечат средствата од Еуростандард банка пред нејзиното затворање? Тоа е случајот со тогашната министерка за финансии Ангеловска. Овој факт сам по себе укажува дека целокупната врхушка на СДСМ била информирана за овој потег и дека таквото сценарио било многу добро испланирано. Замислете го следниов парадокс или лицемерие, на самиот ден на носењето на банката во стечај, 12 август 2020 година: мојот син Коста Костовски е на состанок со тогашниот Технички Премиер Оливер Спасовски во кој што недвосмислено го предупредува Премиерот да не се преземат никакви чекори против банката, бидејќи како семејство сме одлучни истата да ја стабилизираме и направиме солидна банка. Мојот син излезе задоволен од средбата бидејќи наишол на разбирање кај Техничкиот Премиер , и само три часа од тој состанок, армија од неколку стотици ангажирани службеници за 15 минути ги запечатуваат сите 340 експозитури на Еуростандард банка и самата дирекција. Како е можно Народна банка на своја рака да организира акција од таков тип, а централната власт не биде информирана?

Почитувани пријатели, ми останува уште да го повикам господинот Заев да ми даде одговор на прашањето зошто дозволи Еуростандард банка да оди во стеча? Факт е дека човекот кој ја упропасти банката Николче Петкоски е многу близок до структурите на СДСМ. Факт е дека во кредитното портфолио најголем процент од фирмите се блиски до партијата на власт и господинот Заев.

Почитувани читатели, заклучувам дека умислата да се ликвидира Еуростандард банка е донесена во истиот  момент кога го сменивме Управниот одбор  кој ја доведе банката во незавидна состојба и донесовме Управен одбор кој беше одлучен да ги најде и врати одлеаните пари во банката. Ваквиот наш пристап не им одеше во прилог на многумина видни личности во Република Македонија.

Почитувани пријатели, „Сите патишта водат кон Рим“ или поговорката „рибата смрди од главата“ во дадениов случај се идентификуваат со мега-скандалот, стечајот на Еуростандард банка. Бидете убедени и покрај ограничувањата кои ги имаме во водењето на нашата истрага за овој мега-скандал, бидејќи немаме пристап до документацијата на банката и нејзините коминтенти, ќе дојдеме до сторителите на ова злодело и за многу краток период јавноста ќе биде известена, а сторителите ќе ги гонам како во Република Македонија, така и преку меѓународните судови кои се занимаваат со оваа материја.

Ми го замрзнаа имотот со цел да не можам да дојдам до средства и да ја водам оваа битка.

Дали мислат дека со овој потег успеале да ми ги врзат рацете? Да почитувани пријатели, ми ги врзаа рацете, ама умот не ми го врзаа, а времето ќе биде единствениот сведок на ова злосторство што ќе го докажам.

Дали е кабает сторителот на ова злодело? Убеден сум дека е кабает.

 

Latest posts by Администратор (see all)