Денешна дата
23/09/2021

ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Во моментов можам да набројам пет, шест банки кои се во многу полоша состојба одколку некогашната Еуростандард банка. Ако транспарентноста за ова Владино задолжување е лижавчето наречено К-15 за администрацијата, тоа мои почитувани пријатели се вика подмитување.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Би сакал да ги споделам со вас моите размисли за транспарентноста која се практикува во нашиот секојдневен живот. За жал заклучувам дека транспарентноста во Македонија е на многу ниско ниво во сите области на нашето живеење, од интимни и професионални, па сѐ до јавни општествени и политички рамништа.

Транспарентноста се користи само како збор во речникот на нашите највисоки политички структури, главно за манипулација со нас, граѓанките и граѓаните, кои веќе отрпнавме на празноречието. Во случајов ќе говорам за два поводи за злоупотребата на зборот транспарентност.

Пред десетина дена на Владина седница се донесе одлука која само во јавноста проструи како информација дека буџетот за оваа година на Владата на РМ се зголемува за нови 350 милиони евра. Во јавноста немаше никаква дебата на темата поврзана со зголемувањето на буџетот. Нетранспарентноста во користењето на буџетските средства е аномалија во нашиот систем и извор на многу несакани појави какви што се криминалот и корупцијата. Вработувањата во јавната адмнистрација не само што не се ограничуваат, туку тие продолжуваат со нескриено, засилено темпо, бидејќи претстојат локални избори. Актуелната политичка партија која е носител на Владата на Република Македонија, во недостаток на идеи и смели чекори за нашиот натамошен развој, настојува преку буџетот да си го купи своето гласачко тело. Дали на ваков начин треба да ја градиме нашата иднина? Убеден сум дека ќе се согласите дека ова е недозволив и нечеснен начин на практикување на власт. Со цел да опстои, таа перманентно оди на пазарот на пари и во името на граѓаните на Република Македонија финансиски нѐ задолжува, незнаејќи за што овие пари ќе бидат користени. Ако транспарентноста за ова Владино задолжување е лижавчето наречено К-15 за администрацијата, тоа мои почитувани пријатели се вика подмитување. Децентрализацијата како систем мора да се убрза од најпроста причина што ние граѓаните во Република Македонија и во општините каде што живееме, ќе можеме полесно да го контролираме патот на јавните пари, собрани од даноците кои ревносно ги плаќаме. Ќе може да имаме увид за што се трошат нашите пари.

Нетранспарентноста на трошењето на буџетските пари е заеднички именител на сите политички партии кои владееле во Македонија од нашето осамостојување, па да денес. Морам да заклучам дека плурализмот и демократијата во Македонија не заживеаа во вистинската смисла. Плурализмот и демкратијата во Македонија се практикуваат како борба за освојување на власт и приграбување на голем дел од колачот кој се вика буџет на Владата на Република Македонија и кој е извор на многу корумптивни зделки.

За втората нетранспарентност ќе го посочам случајот со стечајот на Еуростандард банка.

Изминаа полни 10 месеци од стечајот на Еуростандард банка и до денес сите соучесници во овој мега скандал молчат. Народна банка беше неколкупати прозвана од мене и од оштетените штедачи да одговори на прашањето, зошто при толку алатки кои ги имаа на располагање, не ги применија алатките на вонредни мерки, а последователно ако вонредните мерки не вродија со плод требаа да воведат администрација во банката и стечајот ќе настапеше во момент кога ќе беа исцрпени сите можности за спас на банката. Денес на многумина им е јасно дека оваа банка ниту од далеку не беше спремна за носење во стечај, бидејќи во моментов можам да набројам пет, шест банки кои се во многу полоша состојба одколку некогашната Еуростандард банка. Народна банка мудро молчи, прашањето е ЗОШТО? Нетранспарентноста од нивна страна за вистинскиот повод за носењњето на Еуростандард банка во стечај е врв на една хипокризија која владее во оваа институција, секако подрджана од играчи во банкарскиот сектор и од актуелната Влада во Република Македонија.

Нетранспарентноста на актуелната Влада се согледува преку не давањето одговор по повод неколку пати прозваниот бивш Технички Премиер и сегашен Министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, да даде одговор за контрадикторноста за носење на двете уредби со сила на закон, од Техничката Влада, каде со првата дава три месечен мораториум за покренување на стечајна постапка на правни субјекти, после завршување на вонредната состојба, а потоа со исто таква уредба донесена два месеци покасно ја укинува предходната. Да повторам, Еуростандард банка беше единствениот правен субјект кој после вонредната состојба беше однесена во стечај, после предвремените парламентарни избори и при неконституирани Собрание  и Влада на Република Македонија! Тајмингот во кој Еуростандард банка беше однесена во стечај, наликува на добро режиран криминоген чин. Од страна на Вицегувернерките на Нардона банка, ни беше даден термин да ја докапитализираме банката до 14 август 2020 година. Видео конференцијата помеѓу претставниците на Надзорниот и Управниот Одбор на Еуростандард банка и Вицегувернрките на Народна банка беше на 6 август 2020 година. Оваа видео конференција меѓу Еуростандард банка и Народна банка, постои во архивите на Еуростандард банка во стечај. Госпоѓата Бежоска, актуелна Гувернерка на Народна банка, очигледно се води од свои побуди иако Вицегувернерките говореа во нејзино име и во име на Народна банка на Македонија и ветија датум 14 август 2020 година. Што мислите, кој е крив? Ќе дојде време кога сите соучесници во овој злостор со име и презиме ќе бидат обелоденети. Несакам да ја коментирам нетранспарентноста на Претседателот на Јавното обвинителство, Господинот Јовески. Отворена истражна постапка, без никаков прогрес во нивната истрага. Замајување на јавноста? ДА почитувани мои, тоа е моето толкување… замајување на јавноста.

Нетранспарентноста со стечајот на Еуростандард банка, е уште повпечатлива, бидејќи недостасуваат многу информации кои треба да се споделат со оштетените правни и физички лица, со јавноста и на крајот со нас, бившите акционери на оваа банка. Денес немаме релевантни показатели, колку средства се собрани во стечајната маса на ЕСБ во стечај. Немаме транспарентност колку сметки и подсметки има отворено Еуростандард банка во стечај за прибирање на стечајната маса. Согласно информациите од оштетени коминтенти кои имаат побарувања од стечајната маса на Еуростандард банка, телото кое го води овој стечај е недостапно за разговор да сподели информации или во краен случај да реши нечиј проблем. На секое телефонско јавување, во најголем број случаи следи одговорот: одговорниот е на боледување или одговорниот не е достапен. Почитувани мои читатели, се работи за вкупна сума од 100 милиони евра , ваши и мои пари. Дојдоа луѓе кои требаа да го завршат овој процес во најкраток рок, со цел да има средства да се обештетат сите правни и физички лица, а на крајот и ние акционерите. Вообичаената практика и тактика во Македонија е стечјаните постапки да траат со децении, каде одредени структури ќе имаат како во случајов шведска маса до големи финансиски средства на користење и убеден сум дека ќе се грицкаат за задоволување на своите и на потребите на нивните налогодавци. Дали ова треба да го дозволиме? Со чест на исклучоци, меѓутоа стечајните управници, апсолутно ја злоупотребуваат својата функција да бидат на страна на оштетените. Ова е повод повеќе да ја споменам стечајната постапка која се води веќе 15 години со бившите Градски аптеки. За некого извор на приходи и правење зделки во четири очи, а за некого огромен финансиски губиток.

Почитувани, ова е само еден сегмент каде што треба да делуваме, доколку вистински сакаме да се справиме со организираниот криминал и со корупцијата.

Прашањето со Еуростандард банка ќе ме боли сѐ додека очите ми се отворени. До последен здив ќе се борам за вистината. Ќе вложам сѐ што имам за да дојдам до вистината. Животот ме научил да се борам и ова е можеби мојот последен предизвик за вистинска борба. Во мојава борба против организираниот криминал не се водам само од моите лични интереси, туку мнгу повеќе, сѐ водам од интересите на обичните граѓани и целата заедница, бидејќи многу ми е битно какво општество ќе оставам во наследство на идните поколенија.

Latest posts by Администратор (see all)