Денешна дата
23/09/2021

Еуростандард банка во стечај

Отворено барам од стечајниот управник на Еуростандард банка транспарентност при водење на целата стечајна постапка, при што посебно сакам да обзнани во јавноста колку официјални сметки и подсметки има отворено Еуростандард банка во стечај.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Би сакал да го споделам своето разбирање за нештата поврзани околу носењето на Еуростандард банката во стечај и водењето на самата стечајна постапка.

Сакам да потцртам дека во случајов се работи за две фази на еден ист случај. Во изминатите 10 месеци наведов низа моменти во кои што одлуката за носење на Еуростандард банка во стечај беше извадена „од ракав“, претпоставувам по налог на некои структури во земјава. Тоа е злодело за кое верувам дека  времето ќе го изнесе на виделина заедно со учесниците во неговата реализација. Кршењето на процедурите на Народна банка беше очигледно, бидејќи алатките од типот на вонредни мерки, што подразбира одземање на лиценци на членови на Надзорен и Управен одбор, изречување на парични казни, не беше применето и алатката администрација која беше неминовност пред носењето на банката во стечај. Тука ќе го потенцирам и непрофесионалниот однос на раководството на Народна банка, бидејќи на само 6 дена пред објавувањето на стечајот кој беше на 12 август 2020 година, на Еуростандард банка на видео конференција меѓу претставниците на Надзорен и Управен одбор од Еуростандард банка и Вице гувернерките со директорката на супервизија на Народна банка, беше договорено дека до 14 август треба да се докапитализира банката со 3,5 милиони евра, додатен капитал. Повторувам, банката е однесена во стечај на 12 август 2020 година, а ни беше ветен датум на видео конференција за докапитализација на Еуростандард банка до 14 август 2020 година. Овој термин не беше испочитуван од страна на Народна банка. Која е причината за ваквиот непрофесионален однос? Многу ми е тешко да ја најдам.

Втората фаза од самиот стечај на Еуростандард банка е самата стечајна постапка. Сведоци сме дека првите месеци беа многу силни од страна на стечајниот управник во прибирањето на стредствата со цел стварање на поголема стечајна маса. Еуростандард банка во стечај отвори своја сметка во Комерцијална банка. За мене овој потег е симптоматичен, бидејќи општ впечаток е дека Еуростандард банка отиде во стечај во моментот кога сакаше да се ослободи од влијанието на Комерцијална банка  во нејзиното работење.

Неможам да ја најдам причината Народна банка како институција да  биде член во Одборот на доверители на Еуростандард банка во стечај, освен ако има задача да го прати целиот процес со цел вистината да не излезе на виделина. Убава симбиоза во самата стечајна постапка меѓу Народна банка, стечајната управа на Еуростандард банка и Комерцијална банка.

Нетранспарентноста во прибирање на средства на Еуростандард банка во стечај и незнаењето колкава сума на средства се собрани е парадокс кој сам за себе говори дека нешто зад целава работа мириса.

Отворено барам од стечајниот управник на Еуростандард банка транспарентност при водење на целата стечајна постапка, при што посебно сакам да обзнани во јавноста колку официјални сметки и подсметки има отворено Еуростандард банка во стечај. Посебно потенцирам, да се обзнанат подсметките кои се користат во прибирање на финансиските средства. Зошто постојат сметки и подсметки? Дали треба да се скријат некои средства, и да не се обзнанат во јавноста? И вториот сегмент – официјално да обзнани колку финансиски средства се собрани во стечајната маса, бидејќи во јавноста „кружат муабети“ дека е собрана сума која во целост ги покрива сите оштетени правни и физички лица.

Говорам за финансиски средства за обештетување на клиентите на Еуростандард банка, без да се земе предвид имотот на Еуростандард банка и идните принудни наплати на доспеани побарувања, чија вредност сигурно надминува сума од 20 милиони евра.

Почитувани, убеден сум дека сторителите на ова злодело мака-мачат како да го затворат овој скандалозен чин. Свесни се дека направено е злосторство за кое сторителите мора да преземат одговорност и да одговараат пред органите на прогонот и секако пред судовите во Република Македонија, па ако треба и пред меѓународните судови во Париз и Стразбур.

Убеден сум дека скептичноста кај поединци и институции ќе биде заменета со рационалност. Јас и моето семејство немаме никаква вина во овој мега скандал кој има само последици од сите можни аспекти на нашето живеење. Не барам сожалување, ја барам правдата. И веќе после десет месеци упорност од моја страна и од страната на сите оштетени правни и физички лица, предметот ќе го финализираме во фаза во која што ќе нема губитници, барем не во клиентите на Еуростандард банка.

Апелирам до сите институции истрагата која што се води во Јавниото обвинителство за четири лица меѓу кои сум и јас да не се потпира на извештајот на Народна банка, бидејќи тој не е вистинит и сам по себе е тенденциозен. Ова го пишувам од причина што досегашните истражни постапки во стечајот на Еуростандард банка се базираат исклучиво на неверодостојниот извештај даден во јавноста од страна на Народна банка. Оставки на раководната гарнитура на Народна банка е првиот чин кој треба да се очекува и следствено на тоа треба да се отворат истражни постапк за целото раководство на Народна банка.

Почитувани, простете што повторно ве оптоварувам со стечајот на Еуростандард банка кој го доживеав многу болно и молам за разбирање дека нема да го оставам овој случај да остане нерешен, а кој ќе се затвори во многу краток период.

 

Latest posts by Администратор (see all)