Денешна дата
21/10/2021

ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ

Кога во 2005 година победив, станав Градоначалник со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, после стапувањето на функција ВМРО- ДПМНЕ ми ја испостави својата фактура со која требаше да им отстапам раководни функции на дел од јавните претпријатија. За жал поставените лица од партијата имаа за цел да одработуваат најпрво за себе и политичката партија од која доаѓаат, а најмалку да одработат во интересот на граѓаните на Град Скопје. Моето разидување со партијата ВМРО-ДПМНЕ, беше токму на овој план, бидејќи не дозволив средствата од јавните претпријатија да се пренасочуваат во партиските каси.

Пишува: Трифун Костовски

 

Локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври се пред нас и кампањите стартуваа со невиден жар, небаре ќе донесат фундаментални промени во нашето секојдневие. Евидентно е дека се водат кампањи кои во основа ние, граѓаните ги плаќаме, ама по умешните играчи умеат нашите пари да ги стават за потреби на поединци и партии. Очигледно е дека немаме вистински увид кај сите кандидати за нивните програми и визии, а тоа пред се се должи на фактот што тие не можат да си го задоволат луксузот да се рекламираат по медиумите. Од она што можеме да го слушнеме и видиме заклучувам дека предизборната кампања ми наликува на игри без граници.

Ветувања без базични анализи, ветувања без вистински познавања што токму локалната самоуправа значи и кое е полето на делувањето на идниот Градоначалник и Советите во Општините. Секојденвното учество во овие кампањи на лидерите од најсилните партии на власт и опозиција е траги комична. Почитувани, се работи за локална самоуправа. Навистина ми е многу тешко да го разберам секојдневното појавување во медиумите од страна на Премиерот на Владата на Република Македонија – читајте прв човек во централната власт, да учествува во кампањи кои се од локален карактер. Исто така и првиот човек на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ кој претендира да биде следен Премиер на Владата на Република Македонија, читајте централна власт, денес патува низ Македонија само со една цел да нивните кандидати добијат на предстојните избори. Пред повеќе години го критикувавме Груевски за ваквите постапки. А сега историјата ни се повторува и ни се чини прифатлива. Нешто длабоко не е во ред со оваа земја.

Основно прашање се поставува пред мене, зошто овие лидери толку се посветени во локалните избори, иако е повеќе од јасно дека процесот на децентрализација е во голема мера закочен и ингеренциите на Градоначалникот се ограничени, а исто така ограничени се приливите на финансиски средства во буџетот на Општините? Почитувани, фактот што денеска веќе после изминати три децении од практикување на демократија, граѓаните ја губат довербата во политичките партии, јасно зборува дека со освојувањето и на локалната власт политичките партии овие функции ги ставаат во интерес на сопствената партија и сопственото членство, додека интересите на граѓаните остануваат и понатаму на маргините. Впрочем имаме богати партии со огромни имоти и финансиски средства. Заклучувам, дека партиите немаат стопанска дејност, ама печалат. Што  мислите на чија сметка печалат? Да почитувани, тие печалат на сметка на наша сметка, обичните граѓани. Оваа моја констатација се должи токму на моето искуство како Градоначалник. Кога во 2005 година победив, станав Градоначалник со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, после стапувањето на функција ВМРО- ДПМНЕ ми ја испостави својата фактура со која требаше да им отстапам раководни функции на дел од јавните претпријатија. За мене ништо не е спорно дали раководните лица на јавните претпријатија ќе бидат од некоја конкретна политичка партија или не, туку ми беше најбитно да бидат луѓе кои ќе раководат со тие јавни претпријатија само во интерес на градот и граѓаните на Град Скопје. За жал поставените лица од партијата имаа за цел да одработуваат најпрво за себе и политичката партија од која доаѓаат, а најмалку да одработат во интересот на граѓаните на Град Скопје. Моето разидување со партијата ВМРО-ДПМНЕ, беше токму на овој план, бидејќи не дозволив средствата од јавните претпријатија да се пренасочуваат во партиските каси. Ова беше базичната причина за нетрпеливоста на Владата на Груевски кон мене како Градоначалник на Скопје и како личност.

Почитувани, факт е дека три децении партиите во Македонија егзистираат исклучиво на сметка на граѓаните на Република Македонија. Би бил многу задоволен доколку стекнатиот имот на овие партии е направен од членарините на членовите на овие партии. За жал не е така. Во изминатите три децении, политичките партии научија едно, дека власта дали е таа на локално или централно ниво, значи обезбедување на ресурси за нивно натамошно опстојување и лично богатење.

Денот кога треба да го дадеме нашиот глас наближува. Би било најдобро кога ние граѓаните на Република Македонија ќе ги симнеме очилата со партиска диоптрија и ќе поченеме да размислуваме да го дадеме гласот на тој што навистина заслужува. Ова посебно важи за изборот на Градоначалници. Ветувањата од сите кандидати кои секојдневно нè бомбардираат се нереални, посебно ветувањата дадени од лица кои се кандидати за Градоначалници и немаат ама баш никакво искуство во работењето на локалната самоуправа. Бесплатен транспорт за пензионерите во Скопје е типичен пример за безидејноста на кандидатите за оваа функција. Небаре тие од сопствен џеп ќе го финасираат бесплатниот транспорт на пензионерите.

Почитувани, секој поединец има право на избор. Настојувајте вашиот избор биде праведен, бидејќи помалку или повеќе матрицата на сите кандидати за Градоначалници во Општините на Република Македонија е копи-пејст. Градоначалник на Општина во основа е менаџер. Успешен Градоначалник е тој што ќе биде повеќе посветен во решавањето на проблемите на самата Општина. Својата специфика на локалната самоуправа си бара посебни профили на стручни лица кои ја познаваат оваа материја. Градоначалникот треба да  биде само организатор и реализатор на поставените цели. Со еден збор, сакам да го видам тимот на идните Градоначалници. Ме интересираат биографијата  не само на кандидатите на Градоначалници, ме интересираат и биографиите на нивните тимови. Убавите соништа за тоа што ќе направи новиот Градоначалник во неговиот мандат паѓаат во вода истиот момент кога ќе се соочи со реалната слика за финансиската состојба во самата Општина и нејзините финасиски проекции.

На крајот заклучувам дека граѓаните на Република Македонија, полека но сигурно созреваат во поглед афирмација на нивните очекувања и желби и дека сè помалку политичките партии и нивните лидери имаат влијание врз нивните конечни одлуки. Луѓето треба да ги почитуваме по делата, не по зборовите. Како може да го почитувам двоецот Заев-Мицковски кога само пред десетина дена си подадоа рака на очи на целата македонска јавност за фер и демократски избори, а денес во нивниот меѓусебен вокабулар провејува омраза, навреда и понижување. Вие како милувате, но за мене тоа е навреда.