Денешна дата
23/01/2022

2022 што ни носи?

Денес сме соочени со Бугарите, а утре…не знам. Стратегија е неопходна во сите клучни ресусрси од витално значење за Република Македонија. Тука потенцирам капитални инвестиции за производство на електрична енергија и капитални инфраструктурни зафати. Тоа е предуслов да го задржиме човекот – основно јадро на државотворноста.

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Почитувани читатели,

Се надевам дека во изминатава календарска година успеав да допрам кај поголем број од вас со моите размисли, ставови и посветеност  кон расчистувањето на стечајот на Еуростандард банка, кој не само според мене, туку и според други еминентни и искусни познавачи на оваа материја од банкарството, е класичен пример за организиран криминал.

Основното прашање, кое што се поставува пред нас, е со каков багаж влегуваме во 2022 година и што е најбитно, како да ги решаваме најболните прашања кои го допираат секој поединец во Република Македонија. Не сум склон кон  песимистички емоции, меѓутоа токму овој багаж кој го влечеме од 2021 година, може да биде пресуден за иднината на Република Македонија.

На политички план Македонија доживува длабока криза. Денес не се слуша волјата на граѓанинот, туку се тргува на берзата за купување пратеници во Собранието на Република Македонија. Срам од невиден размер. Локалните избори јасно ја осудија политиката водена од СДСМ и со право бараат предвремени праламентарни избори.

На политички план единственото брзо решение за закрепнување на Македонија се предвремени Парламентарни избори. Само со предвремени Парламентарни избори ќе можеме да дозволиме на одредени партии и  поединци да допрат до кормилото именувано Влада на Република Македонија, а ние граѓаните да очекуваме  новата формирана Влада да работи исклучиво во интерес на  граѓаните на Република Македонија. Политичката криза мора да биде разрешена во најкраток можен рок, бидејќи нејзиното толерирање може да предизвика и други додатни проблеми по  граѓаните и државата Република Македонија. Мора да се направи радикален хируршки  зафат на политичката сцена во Република Македонија, а тоа е возможно само со предвремени избори.

Енергетската криза која се вдоми во нашето секојдневие е резултат на повеќе фактори. Најболно е, во ситуација на енергетска криза да реагираме ноншалантно од типот ,,снегот не изненади среде зима”. Веќе три децении Македонија не инвестира во енергетските системи. Постоечките Рек Битола, Осломеј ТЕЦ Неготино, Хидроелектраните Матка, Маврово и други се остаток од бившата СФРЈ, патем со  технолошки застарени и отпишана опрема.

Секојдневното препукување со партиите на власт и опозиција на тема тендери и ,,кој е виновен” за енергетската криза, за луѓе кои ја знаат генезата за општественото функционирање  е фрлање прашина во очи.

Македонија во раните 90-ти години беше без надворешен долг. Денес, после 3 децении самостојност , надворешното задолжување изнесува близу 70% од бруто националниот доход. Капитални инвестиции нема, што во превод значи неодговорно владеење низ  целиот  период на самостојна Република Македонија.

Општествени промени се неминовни, ама притоа треба да се води сметка за кадровската структура на тие промени.

Актуелните политички партии играјќи ја улогата на власт и опозиција, до сега не ја испорачаа иднината, која ние граѓаните со голема желба ја очекувавме.

До сега,  во Македонија се владееше по систем ,,купи ден- продај ден”. Така не се може повеќе.

Почитувани читатели, излез мора да се бара од оваа небиднина во Република Македонија. Мора да се исцрта финална стратегија за тоа што треба да се инвестира во Република Македонија, како треба да се управува со довербата од граѓаните и на крајот, како со конкретни чекори да го прекинеме процесот на себеуништување. Кога велам себеуништување ги имам во предвид токму младите генерации кои секојдневно заминуваат од Македонија. Нивниот багаж е сиот човечкиот капитал стекнат во Република Македонија, кој ќе го користи туѓа држава каде ќе репродуцираат поколенија, кои наместо да останат  во својата татковина ќе бидат дел од туѓ систем,  дур нашите училишта и универзитети  зјаат празни. Го губиме човекот, најмоќниот капитал на секоја држава. Дали еднаш ќе бидеме свесни дека човекот како поединец наоружан со своето знаење и искуство е вистинскиот промотор за нашата поубава иднина. Губејќи  го така човекот, особено младиот човек наоружан  со знаење, вештини и способности,  ние ќе се изгубиме  себеси.

Во следната 2022 јас би посакал политичка стабилизација на Владата посветена токму на поединецот со цел да му овозможи и да го убеди дека тој треба да си ја гради сопствената иднина  на огништето каде се родил. Би посакал меѓу политичките субјекти да се исцртаат стратешките црвени линии за нашата Македонска посебност. Денес сме соочени со Бугарите, а утре…не знам. Стратегија е неопходна во сите клучни ресусрси од витално значење за Република Македонија. Тука потенцирам капитални инвестиции за производство на електрична енергија и капитални инфраструктурни зафати. Тоа е предуслов да го задржиме човекот – основно јадро на државотворноста.

Би посакал стратегијата за идниот развој на Република Македонија да биде донесена со консензус на сите политички субјекти, бидејќи само на таков начин секоја партија која ќе дојде на власт ќе биде обврзана да ги реализира стратешките инвестиции во стратешките сегменти за државата.

Дали ваков развој на политичката сцена ќе можеме да очекуваме во наредната 2022? Се борам да не станам песимист,  барам и ќе настојувам на политичката сцена да застанат луѓе со знаење, искуство, но и карактер. Тоа е единствениот начин  да ѝ се доближиме на толку посакуваната Европска заедница.

Почитувани читатели, ве убедувам дека од секој вас поединец зависи нашата иднина. Политичката култура,  која подразбира и  прекинување со говор на омраза меѓу политичките субјекти, мора да биде присутна во нашето секојдневие.

Дозволете ми, мои сограѓани на крајот да ви посакам многу здравје, среќа и успех во следната 2022 година, но истовремено и да ве поттикнам  да не останете рамнодушни кон она што ни се случува во  државата. Мора да го артикулираме вашиот и мојот глас и да испратиме јасна порака до политичките партии дека сакаме здрава иднина за нас и нашите идни поколенија.

Latest posts by Администратор (see all)