Денешна дата
25/05/2022

Еуростандард банка 2022

Алатката администрација беше прескокната и веднаш се прејде кон четвртата алатка стечај. Гром од ведро небо за нас акционерите, за сите институции во банката, а уште посилен за правните и физички лица, коминтенти на банката. За Гувернер од типот Анита Ангеловска Бежоска да покрене стечај на банка, прескокнувајќи со закон утврдени процедури, за мене е само извршување на нечиј налог.

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Моето извинување што досега не се појавив со мои нови колумни, ова е моја прва колумна во оваа година и е посеветена токму на Еуростандард Банка.

За моето закаснување со оваа колумна до некаде е виновен и Ковидот-19, Омикрон со кого имав средба, не по моја желба и морав да си го одлежам периодот на изолација и терапија за мое повторно враќање меѓу вас.

Темата Еуростандард банка ќе биде и во оваа година центарот на моите колумни и кои особено ќе бидат зачестени во периодот кој доаѓа од причина што го очекувам веќе финалниот извештај од истрагата, која трае повеќе од 13 месеци, која лично јас ја водам и која ќе биде обзнанена пред вас мои сограѓани и пред сите институции, кои се директно или индиректно повикани да земат учество во овој мега скандал. Во натамошниот текст поединечно ќе ги одделам сите институции, правни и физички субјекти, што директно или индиректно учествувале во злосторот наречен стечај на Еуростандард банка. За сите учесници во ова злосторство ќе напишам посебни колумни во кои што ќе се трудам до крајност објективно да ја обзнанам пред вас улогата во чинот стечај на Еуростандард банка.

Централното место секако ѝ припаѓа на Народната банка на Република Македонија и на нејзиниот сѐ уште актуелен Гувернер Госпоѓата Анита Ангеловска Бежоска.

Госпоѓата Бежоска која само за нејзини познати критериуми стана Гувернер на Народна банка,  ниту од далеку не е во состојба да ја води оваа институција, бидејќи нејзиното искуство и познавањето на оваа материја е сомнително. Работниот стаж поминат во Народна банка е во аналитичкиот дел и нема ама баш никакво искуство со монетарната политика и банкарскиот сектор кои се суштината во работењето на оваа институција. Жена која ја оценувам со ниски побуди, каприциозност, осветољубивиост и суетност. Жена која не е сигурна во себе и своето познавање на материјата, и која на сите средби беше опкружена со сите Вицегувернери и Директори на супервизија што имам впечаток дека и влеваа самодоверба.

Народна банка во своето работење има 4 основни алтки за контрола на банкарскиот систем и негово консолидирање.

Тие алатки се : 1. Редовни мерки, 2. Вонредни мерки, 3. Администрација и 4. Стечај

Примената на овие алатки во случајот со Еуростандард банка беа применувани како следи:

  1. Редовните мерки беа присутни во секојдневната комуникација меѓу Народна банка и Еуростандард банка.
  2. Вонредните мерки кои што во себе вклучуваат одземање на лиценци и изречување на парични казни на членови на Надзорен одбор, Управен одбор и Директори на сектори, не беше воопшто користена.
  3. Алатката администрација беше прескокната и веднаш се прејде кон четвртата алатка стечај. Гром од ведро небо за нас акционерите, за сите институции во банката, а уште посилен за правните и физички лица, коминтенти на банката.
  4. Чинот на стечај се воведува во период после предвремени парламентарни избори , кога немаме оформено ниту Собрание на РМ,  ниту Влада на РМ. Стечајот е обзнанет веднаш по завршувањето на вонредната состојба која траеше полни 97 дена и ни беа одземени сите права за присилна наплата, што значи бевме живи осудени на смрт.

Сериозниот потенцијален инвеститор со месеци упорно тропаше на вратата на Народна банка да биде примен на разговор за преземање на банката. За жал Народна банка на чело со Госпоѓата Бежоска вешто го избегнуваа контактот со потенцијалниот инвеститор,  бидејќи имаа цел пред себе, а целта беше по секој основ Еуростандард банка да се однесе во стечај.

За Гувернер од типот Анита Ангеловска Бежоска да покрене стечај на банка, прескокнувајќи со закон утврдени процедури, за мене е само извршување на нечиј налог.

Почитувани читатели, денешниов текст ќе го завршам само со фактот дека Народна банка ја презема улогата на егзекутор на Еуростандард банка, прескокнувајќи процедури предвидени со Законот за банки. Нарачателот за овој злостор ќе биде обзнанен во многу блиска иднина. Во следните колумни ќе напишам факти кои се несоборливи за учеството и на Техничката Влада и тогашниот Технички Премиер и денес актуелен Министер за Внатрешни работи, Оливер Спасовски. Ќе напишам колумни и за учеството на Комерцијална банка во овој злостор и посебна колумна за петтоколонашите во Еуростандард банка.

Бидете со мене. Зад секој мој искажан збор имам цврсти докази. Вистината мора да излезе на виделина и крајно време е да се обештетат сите правни, физички лица, заедно со нас акционерите.

Несакам да звучам саркастично, меѓутоа богатата Шведска маса која се вика Еуростандард банка во стечај, денес има собрано средства за подмирување на сите обврск кон правните, физички лица и нас акционерите.

Незнам дали се работи за спекулација или вистина, меѓутоа се шират гласини дека стечајниот Управник и тимот кој ја води Еуростандард банка во стечај поднеле барање за додатни награди. Ве молам замислете си за колку богата трпеза станува збор.