Денешна дата
08/08/2022

Стечај и стечаен управник

Стечајниот управник Душко Тодевски по сите нешта упатува на заклучок дека бил добро информиран што ѝ се спрема на Еуростандард банка и со време си го подигнал сопствениот депозит. Согласно информациите кои ги имаме на увид, стечајниот управник за овие 15 месеци собрал додатни цирка 6 милиони евра, што за мене е нереално. Зошто Душко Тодевски ја отвори сметката на Еуростандард банка во стечај во Комерцијална банка, кога и самиот веќе е запознат со водењето на стечајната постапка дека Еуростандард банка беше третирана како депонија за лошите пласмани на Комерцијална банка.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Денеска, за прв пат во моите пишувања поврзани со стечајот на Еуростандард банка ќе го насочам моето внимание кон човекот кој веќе 15 месеци го води стечајот на банката и кон фактите кои ќе ги споделам за неговата работа. Би било упатно и вие самите да извлечете заклучоци.

Најнапред, сакам да укажам на фактот дека Македонија кубури со порфесионалци од овој тип на стечајни управници, кои треба да ја завршат стечајната постапка на веќе банкротирана банка. Кога велам ги нема многу верувајте, до сега од информациите кои што ги добив, единствена личност која има лиценца да води банка во стечај е господинот Душко Тодевски. Име поврзано со сите стечајни, финансиски постапки во Македонија.

Неодамна се запознав со фактот дека поднел барање за негова награда за досегашното водење на оваа постапка од цирка 150 илјади евра. 15 Месеци стечаен управник, равенство на 150 илјади евра. Ќе се согласите со мене дека тоа е добар хонорар за работа која, според мене воопшто не ја завршил.

Во предходните колумни говорев за организиран криминал во банкарството, а организираниот криминал е дело на поединци стручни во своите области, поддржани од институциите на системот или во превод Влади, Минстерства, судство.

Господинот Тодевски беше штедач во Еуростандард банка. Неговите заштетдени пари од половина милион евра ги повлекува на 2 септември 2019 година, и ги носи во друга банка, чие име нема да го соопштам.

Горан Трајковски, човек кој што многу добро ја познава материјата имајќи го 10 годишното искуство како директор на УЈП беше одличен трагач по одлеаните пари. Господинот Горан Трајковски успеа во периодот септември 2019 до крајот на фебруари 2020 да наплати 21,2 милиони евра и токму со овој факт беше дигнат алармот дека Еуростандард банка мора да се уништи. Трагите на парите неможе да се сокријат, беше само фактор време кога тие траги ќе ги откриевме и ќе дојдевме до крајните корисници на овие пари. Некому тоа му пречело! Сите анализи кои се прават денес за местото и состојбата на Еуростандард банка, говорат дека ако требало да се направи стечај истиот требало да се направи заклучно до крајот на мај 2019 година. Замислете, тој стечај не се направи, бидејќи петто-колонашите беа сѐ уште на власт во Еуростандард банка, заедно со нивните ментори.

Со смената на Управниот одбор, пративме силен сигнал дека парите ќе ги најдеме и токму тука лежи причината за ненадејното носење на Еуростандард банка во стечај, иако во меѓувреме беа докапитализирани 10 милиони евра, ја зголемивме стапката на наплата, посебно на отпишани кредити и донесовме потенцијален и сигурен партнер за докапитализација на банката кој за жал Народна банка  не го прими , бидејќи одлуката за носење на Еуростандард банка во стечај била донесена од неговите креатори токму во моментот кога Горан Трајковски го декларираше својот пристап за ефикасна наплата на побарувањата. Стечајниот управник Душко Тодевски по сите нешта упатува на заклучок дека бил добро информиран што ѝ се спрема на Еуростандард банка и со време си го подигнал сопствениот депозит. Согласно информациите кои ги имаме на увид, стечајниот управник за овие 15 месеци собрал додатни цирка 6 милиони евра, што за мене е нереално. Само јас познавам фирми или заеми кои биле таканаречени отпишани, а се вратени во целост во банката со суми над покажаната.

Во севкупната стечајна постапка за прибирање на средства во Еуростандард банка од почетокот до денес, а тоа значи 15 месеци, кај мене се јавуваат клиенти на банката кои бараат начин како да си ги вратат сопствените обврски, бидејќи целокупната стечајна управа на чело со стечајниот управник се недостапни. Говорам за мали и големи суми на пари.

Заклучувам дека стечајниот или неговите блиски надвор од банката не сакаат да видат пари на оваа банка која е веќе во стечај. Сосема индикативен е фактот кој упатува на сомнеж, зошто Душко Тодевски ја отвори сметката на Еуростандард банка во стечај во Комерцијална банка, кога и самиот веќе е запознат со водењето на стечајната постапка дека Еуростандард банка беше третирана како депонија за лошите пласмани на Комерцијална банка.

На крајот најсилното прашање до Гоподинот Тодевски: со кое право вие го ставате Фондот за осигурување на депозити како партнер за обештетување од стечајната маса, заедно со правните и физичките лица. Фондот никогаш не бил коминтент на банката. Право на наплата од стечајната маса имаат само правни и физички лица, коминтенти на банката. Со бришење на членот 163 од Законот за банки, фондот треба да биде избришан од листата на доверители во стечајната маса.

Господине Тодевски, вие што сте единствен во Република Македонија со лиценца за водење на банки и финансиски институции во стечај, тоа не ви дава право својата професионална обврска да не ја извршите совесно. По начинот на кој што комуницирате со јавноста и со бившите клиенти на Еуростандард банка, очигледно дека немате транспарентен приод кон собраните средства. Времето ќе ја разоткрие вашата вмешаност или знаење дека се подготвувал стечај на Еуростандард банка, а вашата нетранспарентност укажува на сомнежи дека во собраната маса на средства има многу повеќе отколку тоа што вие јавно покажувате.

Ги повикувам органите за гонење на организиран криминал и корупција сериозно да се зафатат со истрагата која што сѐ уште е на мртва точка и да бидат преземени конкретни чекори. Денес 15 месеци после стечајот на банката ние немаме обвинети, а осомничените се водат чисто како практика да се покаже на јавноста дека нешто се работи. Мојот личен имот стекнат уште пред да ја создадам банката како грин-филд инвестиција со чисти пари е сѐ уште замрзнат. Си поигрувате со луѓе на кои што чесноста им е врв на нивното достоинство.

Мудроста вели: дека и кај најстамените луѓе се појавува таканаречената „жолта минута“. Не дозволувајте луѓето да ги ставате во таква состојба на умот и на чувствата. Институциите на системот се тие кои треба да го гарантираат нашиот живот, достоинство и просперитет. Украдените институции од граѓаните и ставени во функција на организираниот криминал еден ден ќе мора да дадат отчет.