Денешна дата
25/05/2022

ДЕТСТВО

Гледајќи преку социјалните мрежи колони на бегалци од тукушто започнатата руско-украинска војна кај мене се појавува порив да му кажам на светот бидете луѓе, бидете хумани, чувајте го тоа што го имате. Богатството кое се трупа е менливо и минливо. Немојте да бидете заробеници на материјалното.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, соочени со актуелната војна меѓу Русија и Украина и отпочнатата бегалска криза во Украина, како и кризите предизвикани на Блискиот Исток и Северна Африка на почетокот на овој милениум, сведоци сме на насилно раселување на повеќе милиони жители кои трагаат по безбедност и просперитет. Заклучокот сам по себе е многу едноставен. Секоја војна на било која точка од Земјината топка носи беда, крв и маки по локалното население. Ваквите војни со бегалски кризи оставаат длабоки траги на најмладата популација која во основа е најсилниот капитал за опстојување на човештвото на планетата Земја. Детството е најголем учител за секој поединец. Какво детство сме имале, такви спомени ќе носиме со себе. Да се биде бегалец од сопствената земја е најстрашното нешто што може да се случи во денес цивилизираниот 21 век. Очај, неизвесност за иднината се дел од прашањата кои секој бегалец го мачат. Траумите кои ги доживува најмладата популација при вакви бегалски кризи, оставаат трајни траги во нивната меморија и животи. Без да одам подлабоко во минатото само ќе потсетам на бегалската криза на нашите Македонци од Егејскиот дел кои во многу краток временски период мораа да ги напуштат своите домови, бегајќи од смртта која им се закануваше во тие мигови. Дали е праведно да го протерате човекот од сопственото огниште? Не, ама тоа се случило, а се случува и денес.

Денес живееме во еден длабоко поларизиран свет кој се наоѓа на работ на нуклеарна војна. Причините за ваквата поларизација се многу длабоки и по мене длабоко навлегуваат во сферата на културата и поимањето на што значи да се биде човек и што значи еден човечки живот. Мудроста вели дека интересот е вечен. Се согласувам, интерес мора да постои, меѓутоа не смееме да го ставиме интересот над хуманиот однос којшто треба да постои меѓу нас луѓето. Хуманоста која се искажува не само како човек кон човек, туку хуманост искажана во сите сфери на нашето живеење, посебно кон приодот и разбирањето дека планетата Земја на која денес живееме ние луѓето е исто така дом на преку 3 милијарди живи суштества од флората и фауната.

Насловот на колумната е ДЕТСТВО, бидејќи детството е најсилниот сегмент во изградбата на човекот како личност. Какво детство сме поминале, такви сеќавања ќе имаме и бидете убедени дека општества кои дозволуваат мирен раст на младата популација денес се најпрогресивните држави, бидејќи инвестирајќи во младите луѓе, ние инвестираме во целото човештво на планетата Земја.

Сакам да се навратам на моето детство. Роден сум во Скопје, Ново маало, кога во тој дел на Скопје немаше ниту асфалтирани улици, а ќе се најдеше по некоја калдрма останата од старо турско време. Со многу едноставни зборови, детството го поминувавме играјќи на прашливите улици или пак со снег и кал улици во времето кога ќе паднеа дождови или снегови.

Среќата велат дека е дел од нас. Можам да кажам дека во мојот животен пат немам поминато ниту една војна во која би ги почувствувал голготите на децата бегалци и можеби тоа е причината што мојот детски развој се одвиваше во хармонија на семејство кое во ништо не се разликуваше од останатите мои соседи, пријатели, роднини. Уличните игри и училиштата ни беа нашиот заеднички именител на дружење. Летувањата ни беа организирани преку извидници во кампови, а потоа како феријалци каде уште повеќе успеавме да се социјализираме како деца од различни семејства со заемна почит. Токму забелешката на мојот соработник Блерим Рахмани дека имам прекрасни другари бидејќи веќе ги познава сите и долго е со мене ми даде поттик да напишам за генезата за овие мои долгогодишни другарувања со моите другари од детство. Другаруваме веќе седма деценија. Голем број од моите другари веќе си заминаа од овој свет, меѓутоа спомените останаа трајни меѓу нас живите другари. Констатацијата на мојот Блерим беше дека имам прекрасни другари. Да, навистина јас сум богат човек, ги имам другарите кои многу ми значат, а убеден сум дека и јас им значам. Поминатото заедничко детство во мир и без трауми од нас создаде луѓе кои се вооружени со највисоките човечки доблести, а тоа е хуманоста. Ако среќата постои, тогаш јас сум ја имал таа среќа.

Гледајќи преку социјалните мрежи колони на бегалци од тукушто започнатата руско-украинска војна кај мене се појавува порив да му кажам на светот бидете луѓе, бидете хумани, чувајте го тоа што го имате. Богатството кое се трупа е менливо и минливо. Немојте да бидете заробеници на материјалното. Користете го материјалното толку колку што вам ви треба, ама пред сѐ мора да надвладее хуманоста, бидејќи хуманоста имплементирана во нашето секојдневие е врвната цел на модерното општество.

Моите денешни размисли за детството се насочени токму против војните, бидејќи војните носат зло, растурени семејства и уништено детство, а со уништеното детство му предизвикуваме на човекот и трауми кои ќе ги носи целиот свој живот.

Историјата е наука од која што треба да ги извлечеме добрите, ама и лошите искуства. Добрите да ги доусовршиме, а лошите искуства да ги искорениме. Најголемото зло на севкупната цивилизација низ историјата на човештвото е токму војната. Дали некојпат ќе созрееме да и кажеме збогум на оваа монструозна човечка маана? Убеден сум дека еден ден и ова зло ќе се искорени, но само прашање е кога.