Денешна дата
25/05/2022

Лидерство

Најголемиот непријател на човечкиот род и на Планетата Земја е токму војната. За мене единствена цел кон која треба да се стреми модерната цивилизација е да створиме општество во кое ќе владее хуманиот карактер на нашето меѓусебно однесување како луѓе и односот кон целокупниот био-диверзитет.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Би сакал да се осврнам на сегментот во општественото живеење на човекот кој несомнено е најсилниот аргумент за неговиот напредок, стагнација или пад во целосен хаос – сето ова го споменувам мислејќи на лидерството.

Историјата вели дека лидерите се раѓаат, а историските настани и контексти ги прават да бидат лидери. За толку посакуваниот светски мир, потребни се лидери кои навистина ќе умеат да ги водат своите држави и својот народ кон просперитетна иднина и покрај тоа што тој пат ќе има низа предизвици кои мора да бидат разрешени. После Втората Светска војна, бевме сведоци на студената војна во рамки на која постоеа два воени сојуза меѓусебно конфронтирани и беа меѓусебно зависни еден од друг за нивниот опстанок. Тоа беа Варшавскиот пакт и НАТО алијансата. Со паѓањето на Берлинскиот ѕид во раните 90-ти години од минатиот век, се распадна Варшавскиот пакт. Со распаѓање на Варшавскиот пакт сите нејзини членки веднаш го променија својот сопствен политички систем и отпочнаа да ја практикуваат западната демократија како врвен дострел за развој на општеството. Севкупното распаѓање на бившиот Советски сојуз, вклучетелно и членките на Варшавскиот пакт се одвиваше без војни и насилие или народски кажано на мирен начин. Единствено бившата СФРЈ сопствениот распад го доживеа како најкрвав во историјата на меѓусебно војување на балканските народи. Во 90-те години Руската Федерација настојуваше да се  вклопи во новите светски трендови и комуникацијата со развиениот западен свет и НАТО беа на многу високо ниво. И денес ги паметиме средбите на Јелцин и Клинтон кои беа срдечни и даваа сигурност дека мирот ќе владее.

НАТО воената структура беше ставена на испит дали треба да опстои или не, бидејќи дефинитивно се распадна воениот сојуз против кого беше и формирана. Во моментите на распадот на Советскиот сојуз сите држави договорно се разделија и немаше поводи за никакви војни.

Согласно проценките на САД и ЕУ, НАТО се ребрендира како воена сила која треба да делува на полето за севкупниот светски мир. Самата генеза на европските народи кон Русија секогаш биле експанзионистички кон руските територии. За жал овие базични мотиви и натаму се во потствеста на многу европски политичари, меѓутоа во еден сосема друг облик. Русија и Руската Федерација уште при распадот на Советскиот сојуз недвосмислено искажа желба да се придружи кон европското семејство како рамноправна членка. За жал не добија никаков повратен одговор, а со задржување на воената структура НАТО се заживеаа старите интереси кон Руските територии. Сведоци сме дека сите бивши членки на Варшавскиот пакт денеска се членки на НАТО, вклучително и бившите Советски републики Литванија, Лотва Латвија и Естонија. Ширењето на НАТО структурата  посебно се засилува во почетокот на овој милениум кон останатите бивши Советски Републики, Украина , Грузија… Базичниот интерес за ширењето на НАТО е да овозможи пристап до најсилните светски ресурси на енергенси и суровини кои се денес во владение на Руската Федерација. Јас друга причина за постоењето и делувањето на НАТО на Евро-азискиот континент не гледам, бидејќи скоро цела Европа со исклучок на Руската Федерација, Белорусија и Украина се членки на НАТО.

Се поставува основното прашање. Зошто затегнатите односи меѓу НАТО сојузниците и Руската Федерација ескалираат токму во овој момент? Моиве погледи за актуелната состојба, убеден сум дека ги разбираат и сите учесници во денешниве немили настани на Европскиот континент. Е токму тука е прашањето на лидерството, токму во вакви моменти недостатокот на лидери во земјите што одлучуваат за мирот во светот е присутен. Замислете, поминаа шест месеци од заминувањето на Меркел и Европа се соочува со страотна војна. Ако ги изанализирате сите лидери на водечките држави во Европа и САД вклучително со лидерите на Руската Федерација и Украина ќе дојдеме до заклучок дека нема врзивно ткиво кое може да ги смири овие тензии. Со еден збор недостасува Госпоѓата Ангела Меркел за која сум убеден дека многу успешно ќе го измениџираше и овој сегмент за мир на Европскиот континент. Најистурените личности во унијата и во водечките европски држави вклучително со лидерите на Руската Федерација и Украина го заменија дипломатскиот говор со говор на омраза, осуда и со морничавото и смртоносно ѕвецкање и употреба на оружје. Дали е ова тоа што човештвото го посакува? Дали оружјето е единствениот адут за владеење во светот? Дали ќе дозволиме со светот да владеат личности кои го немаат инкорпорирано во себе чувството за одговорност, емпатија и грижа бидејќи нивните одлуки имаат силно влијаие врз севкупниот живот на планетата. Колку малку требаше за да настане оваа светска дестабилизација. Трамп беше заменет со Бајден, а на местото на Меркел доаѓа Господинот Олаф Шолц. Само две клучни политички фигури се сменија во изминативе две години и светот се најде на прагот на војната.

Почитувани читатели, лидерите ни се потребни и во тешки моменти и во моменти на просперитет. Мора да поставиме многу механизми во нашиот цивилизациски развој, за на површина да испливаат луѓе кои во себе имаат длабок лидерски дар.

Знам дека ова е многу тежок пат, бидејќи историјата сама за себе говори дека многупати светот го владееле луѓе без интегритет и визија, и кои имаа само нарцистички и мегаломански претензии. Сакам да споделам со вас уште едно мое размислување, запрашувајќи која е целта на севкупната светска цивилизација? Зошто ја учиме историјата и какви заклучоци треба да извлечеме од историјата за нашиот цивилизациски развој?

Мојот став е следен: Најголемиот непријател на човечкиот род и на Планетата Земја е токму војната. За мене единствена цел кон која треба да се стреми модерната цивилизација е да створиме општество во кое ќе владее хуманиот карактер на нашето меѓусебно однесување како луѓе и односот кон целокупниот био-диверзитет. Цивилизациските придобивки мора да имаат цел, а таа цел е градењето на хумани и благородни заедници, барем засега.