Денешна дата
25/05/2022

КАНИБАЛИЗАМ

Сопственикот на Зегин, Механџиски правеше недолични чекори во бизнисот каде митито и корупцијата ни најмалку не му беа страни, а ќе се согласите со мене дека во коруптивно општество овој начин на водење бизнис врви и тоа многу добро. Градски Аптеки отидоа во стечај кој беше комплетно контролиран од Зегин.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Насловот на денешнава колумна го презедов од историјата на човештвото кое повеќе од 300,000 години еволуира на Земјината топка.

Самиот збор канибал значи човекојадец. Канибализмот отсекогаш постоел, а во некои далчени култури кои опстојуваат до ден денешен, сѐ уште е присутен. Со цивилизацискиот развој на ова се гледа како на предаторска форма на човековото постоење, и се осудува. Изворната форма на канибализмот е самиот човек да биде храна на човекот. Во историскиот, цивилизациски и еволутивен развој на човекот, доаѓаме до степен кога овој погрден збор го користиме како синоним за девијантни општествени појави. Во таа насока, честопати умееме да кажеме бидејќи општествениот досегашен развој се темели на мигрирање, војни, револуции, болести, дека револуцијата ги јаде своите деца. Синонимот револуцијата ги јаде своите деца е типичен за 20 век со појавата на болшевизмот и комунизмот, каде многу интелектуалци од сите области на нашето живеење го доживеаа крахот поради општествените промени кои се случуваа токму во нивните земји или татковини. Дали е ова канибализам? Не, не е канибализам, бидејќи ние не ги јадеме луѓето, туку ги уништуваме. Токму уништувањето е вистинскиот порив за мојата денешна колумна. Не сум човекојадец, ниту сум жртва на револуција, ама станувам свесен дека сигурно сум жртва на институциите во системот на Република Македонија. Многумина ќе се прашаат во што е суштината на оваа моја констатација. На кратко ќе го опишам мојот животен пат.

Роден сум во СКопје, израснат на калливите улици со парче леб намачкано со маст, шеќер, а ако немало тоа и со сируп за грло. Воспитуван во духот дека образот морам да го чувам по секоја цена и дека морам да ја негувам емпатијата кон сето опкружување. Од 10 годишна возраст патував низ пазариштата на тогашна СФРЈ, а најмногу во Словенија, продавајќи ран зеленчук и овоштие и заработувајќи за себе и семејството. Завршив гимназија во Скопје и Гевгелија, а Гевгелија стана дестинација од причина што катастрофалниот земјотрес ни ја сруши куќата. Завршив економски факултет на Универзитетот Кирил и Методиј и со 22 години се вработив во тогашната најсилна трговска фирма Технометал Македонија, каде што ги поминав сите скалила во моето напредување. После 14 години стаж континуирана и посветена работа бев пратен како делегат во Полска, каде уште повеќе го збогатив моето познавање за трговија со специфични стоки. После распадот на СФРЈ поминав да работам во Швајцарската фирма Ситко и по неполна година ја формирав својата фирма Кометал. Работев исклучиво со основните сировински материјали во црната металургија, а тоа се агло-руда, железна руда пелети и брикети. Од 91-та година заклучно до 2007 година имам испорачано на Полските железари повеќе од 90 милиони тони материјал. Најголем дел од овие суровини ги испорачував од Русија и Украина по железнички пат, а помал дел испорачував од Јужна Америка и Јужно-Афричка Унија со Панамски до Полските пристаништа. Во целиот период на работење не сум имал ниту едно недоразбирање со моите бизнис партнери, а уште помалку да имам судски спорови. Сакам да појаснам дека материјалот со кој што работев е подложен на многу можни рекламации квалитативни и квантитативни, меѓутоа никогаш не сум дозволил овие рекламации влијаат на односите со моите партнери. Од овој бизнис печалев и спечалив. Глобализацијата си го направи своето, имав можност во овие времиња на транзиција да постигнам уште многу поголем успех, меѓутоа не успеав, а неуспеав од проста причина што немав такви аспирации. Кон крајот на минатиот  милениум почнав да размислувам за преселување на мојот капитал во Република Македонија и полека но сигурно го пренесов сиот мој капитал до крајот на 2010 година. Многу од капиталот заврши како грин-филд инвестиции, меѓу кои беа и Еуростандард банка и Осигурителната компанија Еуролинк. Учествував и во приватизации на многу правни субјекти од јавен и стопански карактер. Доаѓам до главната моја констатација, во сите мои бизнис подфати во Република Македонија имам неуспеси. Бидете убедени дека неуспехот не е мое дело, неуспехот е дело на институциите што функционираат од осамостојувањето на Република Македонија па до денес. Таксативно ќе наведам мои инвестиции кои системот во Република Македонија ми ги уништи.

  1. Порцеланка-Велес, инвестиравме за одржување на компанијата 4 милиони марки во 1999 година и согласно тогашниот проект од Светската банка со цел да се оспособат овие производствени капацитети за натамошна приватизација, беше одобрен фонд за покривањето на обврските на овој правен субјект. Порцеланка доби на име покривање на сите загуби 4 милиони марки, каде беа покриени обврските кон тогашен ЕСМ и Комерцијална банка во целост, а фирмата Кометал ЛТД остана неисплатена. По желбата на тогашниот Премиер Љубчо Георгиевски и тогашниот Министер за финансии Никола Груевски, овие средства завршија во рацете на луѓе кои што требаше да вршат истрага на моите стекнати пари и бизниси во Австрија, Швајцарија, Полска, Украина и Русија.  Во истрагата не најдоа ништо и сфатија дека имаат работа со чесен човек. Ги изгубив овие средства и молчев, за да повторно влезам со нови 7,5 милиони евра, ама овој пат евра за да ја рестартирам Порцеланка. Светската криза која се појави во 2007 година не погоди силно бидејќи постојната технологија во Порцеланка мораше да користи енергенс кој беше многу скап. На моето барање на до тогашната Влада предводена од Никола Груевски да изградам гасовод од Свети Николе до индустриската зона во Велес со влог кој ќе биде согласно законската регулатива во Република Македонија, а ќе ни овозможеше користење на многу поефтин енергенс и бидете убедени дека тогашната Порцеланка ќе преживееше и денеска ќе функционираше. За жал Владата на Никола Груевски ниту најде сходно да одговори на овој предлог. Денес за многумина Велешани јас сум виновникот за пропаста на Порцеланка. Не се криви Велешани што така размислуваат, бидејќи пропагантите на властодршците се многу силни, а со тоа ја кријат вистината. За предно искажаното стојам одговорно.
  2. Кермес – Од 2006 година до денес симболот кој го препознаваа старите Скопјани, Кермес е авет. На со закон утврдена маркица, прифатен проект, дадена градежна дозвола, платени комуналии во целост, овој проект и денеска нема завршница. Во овој проект е инвестирана значајна сума на финансиски средства.
  3. Градски аптеки – Приватизацијата на Јавната Здравствена Организација-ЈЗО Градски Аптеки на систем јавно наддавање беше извршена во времето на Министерот Владо Димов. Во оваа приватизација бевме вклучени три правни субјекти ГОФИ, Алкалоид и Зегин. Од самиот почеток фирмата Зегин беше детерминирана да оваа веќе приватана здравствена организација ја носи во стечај од за нив разбирливи причини, бидејќи ќе се леквидира можна конкуренција. Алкалоид, силна фармацевтска компанија влезе во овој проект, меѓутоа кога почувствува каква е играта на Зегин ми ги понуди неговите удели да ги откупам со цел да го преземеме работењето со Градските Аптеки и да се прекине со узурпирањето на Зегин, лиферувајќи неограничени колиини на фармацевтски производи, со термин на плаќање веднаш, вклучително оштри затезни камати, а истовремено со блокирана за исплата сметка на Градски Аптеки за можна исплата, бидејќи плаќањето можеше да се изврши само со три потписи на делигираноте личности од сите три правни субјекти. Бојкотот на Зегин беше константе, Испорачува роба и не дозволува да си наплати. Ги откупив уделите на Алкалоид и на закажаното Собрание за преземање на Градски Аптеки , веќе починатиот претставник на Алкалоид Ненад Симоновски не се појави. Објаснувањето на актуелниот прв човек на Алкалоид Живко Мукаетов беше дека тој неможе да го натера својот претставник да дојде на Собрание.  Сопственикот на Зегин, Механџиски правеше недолични чекори во бизнисот каде митито и корупцијата ни најмалку не му беа страни, а ќе се согласите со мене дека во коруптивно општество овој начин на водење бизнис врви и тоа многу добро. Градски Аптеки отидоа во стечај кој беше комплетно контролиран од Зегин. Денес, правното лице Гофи нема никаков увид во стечајот на Градски Аптеки, а ние како семејство вложивме повеќе од десет милиони евра.
  4. Финалето од сите овие мој бизнис патишествија во Македонија е Еуростандард банка. Носењето на Еуростандард банка во стечај и ден-денеска е замаглено со многу учесници во нејзиното уништување. За Еуростандард банка пишував, пишувам и во иднина многу ќе пишувам, бидејќи сакам да ја разбудам и меѓу вас граѓаните поентата дека сакаме да градиме вистинско општество каде законите постојат поради нас граѓаните на Република Македонија и каде пред законите сме сите еднакви. Јас сум бизнисмен по професија, а по душа филантроп и хуманист. Многумина од вас ме доживуваат како најголем ктитор и донатор во Македонија. Ако канибализмот е минато и сакаме да го отстраниме од нашето секојдневие, револуциите си ги јаделе и си ги јадат своите деца, јас можам да додадам дека институциите во Македонија ги јадат своите сограѓани на начин кој е понижувачки и е нетипичен за едно современо општество.

Завршувам со една констатација. Роден на овој камен, стекнал знаење и искуство тука и надвор. Спечалил имот надвор од Македонија и се вратил со сиот свој капитал во Македонија и тука во Македонија и покрај својата хуманост и емпатија и посебно љубов кон државата е системски уништуван. Канибализмот во нова форма живее во денешново македонско секојдневие.