Денешна дата
25/05/2022

ДОВЕРБА

Замислете, кога довербата во судството на Р. Македонија би била 100% денес, а не 8%, каде би била Македонија. Многумина ќе помислат дека сум утопист. Сакам да ви одговорам дека утопист не сум, меѓутоа тежнеам кон едно совршено општество кое ќе биде од интерес на секој поединец, жител на Земјината топка. Дали е мојава визија реална, оставам времето да покаже, ама верувајте многу сум погоден од луѓе кои ја практикуваат довербата од интерес.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани пријатели, пишував за љубовта како еден од најдоблесните зборови во опстанокот и битисувањето на човечкиот род на планетата Земја. Овој пат ќе се осврнам на довербата која во основа претставува еден базичен дел во опстанокот на човечкиот род на планетата Земја.

Во нашето секојдневие, зборот доверба е сè уште присутен, меѓутоа по мене значењето на овој збор и неговото практикување во нашето секојдневие е стожер на нашиот натамошен цивилизациски развој. По мене довербата е синоним кој го отсликува карактерот на поединецот и општеството. Довербата како реалност е присутна во нашето секојдневие по два основа. Првиот и сè уште многу присутен материјален интерес каде довербата се купува, вториот сегмент на довербата е внатрешно емотивно поврзување на човек со човека или човек со заедница. Во цивилизацискиот развој на човештвото довербата купена со пари или емоции имала многу силно влијание. Основното прашање кое се поставува пред мене денес е колку од овој многу убав збор во нашето секојдневие се практикува како интерес или како емоција.

Несомнено во сиот цивилизациски развој на човекот, довербата била практикувана и во двата случаја интерес и емоција. Историјата има запишано во својата оставштина дека довербата е многу битна, ама сакам да направиме дистинкција дали е довербата од интерес или од емоција.

Во историјата довербата од интерес се покажала како многу погубна за многу цивилизациски вредности кои што денеска отишле во заборав. Ќе го споменам Ханибал, силниот војсководец на Картагина во Пунските војни меѓу тогаш многу развиената Картагена и новиот во подем Рим, кој после тоа станува носител на севкупната античка цивилизација. Ханибал имал платеничка војска која била многу ефикасна и силна. Војувал 20 години на Апенинскиот полуостров, без ниту една изгубена битка против римјаните. Во недостаток на финансиски средства, најелитните коњички трупи од војската го напуштиле и ја загубил единствената битка во својата историја на Сома, во околината на Картагина и од тогаш градот Картагина и целата империја која владеела во Северна Африка и Шпанија е избришана како со гума.

Низ историјата на човештвото платеничките војски секојпат играле голема улога, ама не само во војните. Платеничкиот однос на доверба и денеска е сеопшто прифатен систем на функционирање. Минатото преточено во денешниот реален свет на зборот доверба кај нас и во светот повеќе се практикува на систем платена доверба. Сведоци сме на многу случаи каде поданичкиот однос или кажано довербата се прави или купува со пари. Делува сурово, ама тоа е реалност. Се поставува прашање пред вас, каде е другиот дел од довербата, говорам за емотивната доверба. Токму тука довербата почива на вистински човечки вредности. Тука довербата се добива, а многу пати се губи меѓу нас луѓето во точно тие моменти кога ќе се појави интересот. Не ретки се случаите на изгубена доверба кога во прашање е интересот. Пред мене се поставува прашање, дали понатаму со зборот доверба и со неговото практикување во нашето секојдневие ќе дозволиме да биде предмет на интерес или полека ќе го негуваме севкупниот наш општествен развој само со една цел да ги доближиме и доразвиеме емотивните потреби за имплементирање на довербата во нашето секојдневие. Ваквото имплементирање на довербата како емоција го прави општеството многу посилно и многу похумано. Замислете, кога довербата во судството на Р. Македонија би била 100% денес, а не 8%, каде би била Македонија. Многумина ќе помислат дека сум утопист. Сакам да ви одговорам дека утопист не сум, меѓутоа тежнеам кон едно совршено општество кое ќе биде од интерес на секој поединец, жител на Земјината топка. Дали е мојава визија реална, оставам времето да покаже, ама верувајте многу сум погоден од луѓе кои ја практикуваат довербата од интерес. Вие размислете.