Денешна дата
21/03/2023

Над 1 милион Македонци од Измир молат за учител по македонски јазик

Околу 600.000 Македонци од Маниса и над половина милион од Измир се оставени без учител по македонски јазик. Постарите иселеници, заминати во 50-тите години на минатиот век, го зборуваат македонскиот јазик, но молат за помош од Владата, да им испрати учител за младите да не го заборават јазикот.

 

Пишува: Горан Лефков

 

Со љубов кон Македонија и македонскиот јазик секојдневно се будат над еден милион Македонци во Западна Турција. Иселени од 1955 до 1959 година во Турција по тогашниот договор помеѓу Југославија и Турција, овие наши сограѓани сеуште ја чуваат Македонија во нивните срца. Љубовта кон родината грижливо ја пренесуваат на нивните деца.

Јилдиз Ајдоган е 55 годишна Македонка, од околината на Измир. Родена во Измир, додека нејзините родители се по потекло од селото Горно Врановце, Велешко. Место каде е издаден првиот број на весникот Нова Македонија во 1944 година. Татко и мајка и заминале во Турција од 1955 до 1957 година.

„Имам огромна желба, моите 3 деца да го научат македонскиот јазик. Јас зборувам македонски, но не знам да читам и пишувам. Мажот ми, научи да чита од македонскиот весник што се носи во Измир, но не знае да зборува. Би биле многу благодарни, доколку Македонската држава ни испрати учител кој ќе не научи, нас и нашите деца да зборуваат Македонски јазик“, вели Јилдиз.

Таа додава дека нејзиниот татко кој сега има 80 години мечтае за Македонија и најверојатно следниот месец ќе го посети родниот крај.

Нејзиниот дедо бил партизан во Втората светска војна и е убиен од фашистите. Таа гордо ги чува спомените за нејзиниот дедо.

Татко и останал сираче на 3 години.

Желбата за да го пренесе јазикот на своите внуци тлее и кај Џевдет Комерт, бизнисмен од Маниса, милионски град на 40 километри источно од Измир.

Донесен е во Турција на 5 години во 1959 година, а потекнува од Општина Маврово Ростуше. Прво следно доаѓање за Македонија е во 1973 година на 18 годишна возраст. Оттогаш нема испуштено ниту една година да не дојде во родниот крај.

  „Работев неколку години во Германија, а одморот го поминував во Македонија. Срце ми плаче за Македонија. Неколку години работев и во Источна Македонија, откупував ориз за турска компанија“, вели Џевдет.

 

Јас сум првиот Македонец од Турција што доби македонски пасош во 2002 година. Тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, ми рече дека имало закон за Македонците што се во Канада, Америка и Австралија да добијат пасоши. Мене многу ми стана криво, зарем ние не сме Македонци пак нам да не ни дадете пасоши и државјанства? Размисли малку и ми рече, во право си Џевдeт. Поднеси барање за пасош и однеси слики, јас ќе го потпишам, се присетува Џевдет.

Тој е претседател на друштвото за македонско турска соработка Солидарност од Маниса и во 90-тите години го збратимил градот Маница со Скопје, а  испраќал и лекови со комбиња за Маврово- Ростуше.

Во 50-тите години, цело село Болетин покрај Радика се иселило во Турција. Јас направив две мои куќи за моите деца и го ставив селото на Гугл мапс да не изумре и да се знае споменот за нашите предци. Кога ќе поминам од Маврово кон Радика секој камен го гушкам. Толку многу ја сакам Македонија и си го сакам мојот крај.

Сакам љубовта кон Македонија и македонскиот јазик да им ја пренесам на моите внуци. Многу сакам да го научат македонскиот јазик, да зборуваат и пишуваат на македонски“, вели Џевдет.

За разлика од Маниса каде немаат во Измир, македонски учител имало до пред неколку години, потенцира Кемал Ватан.

Тој е македонски турчин, кој заминува за Турција како млад. Роден во село Злеово, Радовишко во 1940 година. Основно и средно образование завршил во Радовиш и Охрид. Прв пратеник во Турското Собрание од 1999 година до 2002. Близок пријател на Саво Климовски и покојниот претседател Борис Трајковски.

Во Измир до пред неколку години имавме учителка по македонски јазик од Скопје. Слаџана се викаше, но сега немаме. Јас сум Турчин по потекло од Македонија, но сакам моите деца и внуци да знаат Македонски“, вели Кемал.

Во Турција дојдов на 19 години со Југословенски пасош. Пред две години поднесов барање за македонски пасош. Многу сакам да го имам, бидејќи Македонија ми е многу драга и во срцето ја носам.

Сега сум пензионер, работник век го поминав како директор на Фабрика за бои и лакови, вели Ватан.

 

 

По повод 30 години од формирањето на Македонско – турското друштво за пријателство Солидарност од Маниса, делегација од Македонија, на чело со министерот Оливер Спасовски, Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, градоначалниците на Чашка, Струмица и Маврово Ростуше, ги посетија нашите иселеници во Турција.