
Еуростандард банка- молкот на институциите продолжува, или…
Трошка надеж дека синергијата која што владее кај погоре споменатите лица и институции напукнува е неодамнешната изјава на екс- премиерот Љубчо Георгиевски, актуелен претседател на ВМРО-Народна и коалиционен партнер во Владата на Ковачевски, кој што безмилосно и неаргументирано јавно ме нападна преку неговата фб страница, за мојот наводно криминоген однос во работењето на банката. Денот на обзнанувањето на извештајот од истрагата поврзана со стечајот на ЕС банка, кој приватно го направив, се ближи.
Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, повторно се навраќам на болната тема, стечајот на Еуростандард банка кој ден -денес не ми дава мир и не можам да разберам зошто мораше да се случи.
Очигледни беа пропустите направени од институција задолжена да го контролира банкарскиот систем, а тоа е Народна банка, а паралелно и пропустите направени од Техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски. Ќе повторам прецизно за кои пропусти станува збор:
- Општа состојба во РМ
Во 2020 година, во Македонија владее пандемијата Ковид 19 со воведена вонредна состојба од страна на Техничката Влада, која траеше вкупно 97 дена. Во деновите на вонредната состојба на Еуростандард банка ѝ е одземено правото за присилна наплата на своите побарувања од физички и правни лица. Со блокирање на присилната наплата на Еуростандард банка на доспеаните кредити, кредитното портфолио се влошува, согласно Законот за банки. Во овој период на вонредна состојба, ние акционерите ја докапитализиравме Еуростандард банката со нови, свежи 11 милиони евра. Намерите на нас акционерите беа чесни и отворени, а тоа е стабилизација на Еуростандард банката.
- Народна банка
Народната банка најнапред требаше по сила на закон да ни дозволи пролонгирање на нашите обврски, согласно нејзините препораки од 97 дена, впрочем колку и траеше вонредната состојба, период кога не можевме да ја вршиме присилната наплата. Народна банка од вкупно 4 алатки кои и стојат на располагање, а тоа се:
*Редовни мерки
*Вонредни мерки
*Администрација
*Стечај
ги користи само првата алатка – редовни мерки и последната алатка-стечај, прескокнувајќи ги алатките вонредни мерки и администрација. Ваквиот непрофесионален однос денес уште повеќе се отсликува преку фактот што при вкупно несобраната стечајна маса се исплатени сите физички лица и клиенти на Еуростандард банка, што значи пари во банката има. Народна банка стечајот го обзнани еден месец по завршувањето на вонредната состојба, при тукушто завршени вонредни парламентарни избори и неформирани Собрание и Влада на Р. Македонија. Вакви несериозни чекори за носење банка во стечај се далеку од разумот, дотолку повеќе што Еуростандард банка учествуваше во вкупниот платен промет во земјата преку филијалите на Македонски Пошти на број 330, со вкупно 24%. Чекор направен од Народна банка рамен на самоубиство.
- ТехничкаВлада
Во свето функционирање, Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски која беше составена со цел да ги организира предвремените Парламентарни избори, носи ДВЕ КОНТРОВЕРЗНИ уредби со сила на закон:
Првата објавена во Службен весник на ден 24.3.2020 со која забранува отворање на стечајна постапка на правни лица , вклучително и банка, минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба, да со исто таква уредба со сила на закон, ама овој пат објавена на 29.5. 2020, предходната уредба се поништува и обзнанува дека стечај е можен веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен капитален стечај кој настана веднаш по вонредната состојба е Еуростандард банка. На самиот ден на објавување на стечајот на Еуростандард банка од страна на гувернерот Бежоска, предходеше средба на еден од акционерите на ЕС банка со техничкиот премиер Оливер Спасовски, на која средба недвосмислено се кажа дека сценарио за стечај не постои.
Изминатите две години ги повикувам да дадат одговор, актуелниот премиер Ковачевски и неговиот предходник Заев, бившиот технички премиер, а сега актуелен Министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателот на Собранието на Р. Македонија Џафери и Народна банка на чело со гувернерот Анита Бежоска. Молкот на сите прозвани лица им е заеднички именител. Дали се работи за заговор? Трошка надеж дека синергијата која што владее кај погоре споменатите лица и институции напукнува е неодамнешната изјава на екс- премиерот Љубчо Георгиевски, актуелен претседател на ВМРО-Народна и коалиционен партнер во Владата на Ковачевски, кој што безмилосно и неаргументирано јавно ме нападна преку неговата фб страница, за мојот наводно криминоген однос во работењето на банката. Денот на обзнанувањето на извештајот од истрагата поврзана со стечајот на ЕС банка, кој приватно го направив, се ближи. Се прашувам, дали ќе има и нови пукања во синергијата која досега владееше меѓу овие лица и институции на системот? Се надевам дека органите на прогон ќе соберат сили со цел да се справат со општественото зло- организиран криминал , кој беспрекорно владее во Р. Македонија полни две децении.
Граѓани на Р. Македонија и мои читатели, би сакал да сфатите дека оваа борба ја водам за општ интерес на Р. Македонија, а вие размислете дали треба да се приклучите и како би дале свој удел во борбата против криминалот.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023