Денешна дата
10/12/2022

EУРОСТАНДАРД БАНКА – ЖРТВА НА ПОЛИТИКАТА

НА ПАТОТ КОН АМБИСОТ СИТЕ (НЕ) ,,ВОЗАТ” СО ЛАЖНИ НАСМЕВКИ!

 

 

Пишува: Трифун Костовски

 

 

 

Почитувани читатели, веќе подолг период секој вторник пишувам за стечајот на Еуростандард банка, при што таксативно ги набројувам сите пропусти на институциите во системот кои директно или индиректно учествуваа во овој грозоморен чин.

 

Егзекуторот на Еуростандард банка, беше Народна банка. Инструментите кои ги имаше на располагање Народна банка за стабилизирање на Еуростандард банката,  не ги користеше, туку наврат-нанос, веднаш после вонредната состојба поради пандемијата Ковид-19, ја однесе банката во стечај. Логистичката поддршка за овој чин на Народна банка е добиена од Техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски во 2020 година , каде со носење на контрадикторни уредби со сила на закон даде зелено светло на Народна банка  стечајот да го изврши веднаш после тукушто завршените предвремени парламентарни избори и неформирани Собрание и Влада на Република Македонија. Одлуката за носење во стечај на банката ја доживеав како гром од ведро небо.

 

Третиот сегмент се обвинителството, судството и финансиската полиција, кои денес упорно ги кријат  институционалните пропусти на Народна банка и Техничката Влада, држејќи не нас акционерите под притисок за можни кривични обвиненија и неможност да покренеме судски постапки за отштета пред институциите во Македонија.

 

Собранието на Република Македонија преку Комисијата за финансирање и буџет, која е единствено надлежна за работењето на Народна банка, денеска молчи.

 

Стечајната постапка е нетранспарентна и очигледно е дека во стечајната маса има премногу средства за обештетување на сите правни и физички лица, ама срамот ќе биде голем.

 

Најмногу ме запрепастува молкот на политичките партии кои не покажаа ни мрвка интерес за овој процес и следење на целиот случај Еуростандард банка. Со еден збор јас и моето семејство се чувствуваме како „Ѓорѓи сардисан – те тепаат, ама не ти даваат да плачеш”.

 

Во изминатиот двегодишен период со моето појавување на социјалните мрежи, се доближив до моите сограѓани и им благодарам на поддршката која секојдневно ја добивам од нив.

 

Две клучни нешта се битни во дадениот момент. Најпрвин преку моите социјални мрежи не нудам конкретен политички програм за излез на Македонија од ваквата состојба, туку нудам начин за соработка со секој поединец и група, како заеднички да го елиминираме она што е толку евидентно во Република Македонија, а тоа е организираниот криминал и корупција. Доколку се одлучам да влезам на политичка сцена, секако приоритет на оваа партија би била борба против организираниот криминал и корупција.

 

Другиот елемент, ставен во игра да бидам блокиран за  мое евентуално политичко учество, е фактот што сѐ уште против мене се води истрага од Јавното обвинителство околу причините за стечајот на Еуростандард банка. Аргументите  за ваква истрага се неиздржани, дури и смешни, бидејќи јас сум најголемиот губитник со стечајот на Еуростандард банка. Не само што ја изгубив Еуростандард банка. Изгубив имот и бизниси со неколку десетици милиони евра.

 

Дали правдата треба да ја барам надвор од Македонија? Да, меѓутоа дали може да ги разберете  моите лични дилеми? Македонец, со огромна љубов кон мојата Македонија, која  ја покажав со дела, треба да ја тужам на арбитража низ арбитражните судови во светот.

 

Република Македонија, денеска е заробена држава од организиран криминал и корупција, практикувани од политичките партии, кои штитејќи ги интересите на групи и поединци  е рак-рана која  го погодува секој чесен граѓанин на оваа држава. Заробена е и од квази политичари, со лажни насмевки кои секојдневно го ,,билдаат” егото со јавни настани и препознатлива реторика за идни планови. Во суштина со прст не мрдаат за да најдат излез од оваа хаотична состојба  која единствено води кон пропаст.

 

Секојдневните политички збиднувања во сите сегменти на нашето живеење, дали е обвинителство, дали е политичка-бизнис соработка, која еве деновиве ја промовира и партијата Алијанса за Албанците,  се  показатели дека Македонија се движи во амбис.

 

Многумина пријатели ми обзнануваат дека тоа што се случува денес во Република Македонија, се случува низ цел Балкан. Дали треба да се помирам со овој факт дека не сум само јас ограбен и уништен, дека тоа се случува секаде и дека  треба да молчам? Мене на прво место ми е Република Македонија и нејзината иднина.

 

Јас ќе се борам да се воспостави право и правда во мојот двор, во мојата татковина.

 

Со жал го прифаќам фактот дека криминалот и корупцијата на балканските држави е сѐ поприсутен, но мене ме интересира Република Македонија.

 

И  понатаму останувам на бедемот да се борам против општественото зло, организиран криминал и корупција.

 

Мојот успех зависи од вас мои сограѓани. Не сакам да бидам сведок на нови лични трагедии кои системот во континуитет ги практикува со своите граѓани. Вчера бил некој друг, денеска сум јас, но утре сте вие на ред. Размислете…