Денешна дата
28/01/2023

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА-ЗАГОВОР НА СИСТЕМОТ

Не зачудува ни фактот што нашата Влада молчи на многуте неправди направени врз граѓаните на Република Македонија. Јас сум еден од нив. Две и пол години наназад укажувам со аргументи за злосторот направен со стечајот на Еуростандард банка. Во овој злостор се вклучени сите инститиуции почнувајќи од Влада, Народна банка, МВР со Финансова полиција и особено правосудниот систем

Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, убеден сум дека со моите колумни, во континуитет поврзани со стечајот на Еуростандард банка, ви станувам здодевен, меѓутоа моето животно мото кое во основа значи борба за правда ме поттикнува  да продолжам со уште поголем порив.
Мошне е актуелна темата на ветинг во правосудниот систем, најпрвин поттикната од амбасадорите на САД Кејт Мери Брнс и  Анџела Прајс Агелер, а поддржана од специјалниот висок функционер на САД господинот Ескобар, од Стејт Департментот, задолжен за Балканот.
Деновиве во јавноста токму на оваа тема говореше и актуелниот Амбасадор на Франција, господинот Сирил Бомгартнер. Следствено на ваквите сериозни обвинувања за нефункционалност на правниот систем во Република Македонија, од страна на нашите големи партнери и кои  во основа претставуваат извор на криминал и корупција,  слушнавме изјави од највисоките функционери на нашата држава со кои недвосмислено признаваат нефункционалност на државата ветувајќи отворена војна.
Искуството од Албанија,  која ветингот го имплементираше во 2016 година, е позитивно. Над 60% од вработените во правосудниот систем на Албанија се отстранети од функции, што претставува вистински напредок во натамошниот развој на соседна Албанија.
Што се случува кај нас? Кој треба да го имплементира така-наречениот ветинг? Оваа Влада и овие политички партии? Не,  почитувани мои читатели, тоа нема да се случи. Не очекувам, а не треба ниту вие да очекувате дека тој што го создал и практикувал криминалот и корупцијата ќе биде истиот кој ова зло треба да го гони.
Не зачудува ни фактот што нашата Влада молчи на многуте неправди направени врз граѓаните на Република Македонија. Јас сум еден од нив. Две и пол години наназад укажувам со аргументи за злосторот направен со стечајот на Еуростандард банка. Во овој злостор се вклучени сите инститиуции почнувајќи од Влада, Народна банка, МВР со Финансова полиција и особено правосудниот систем. Без лажна скромност, за многумина мои сограѓани важам како најголем филантроп во севкупната историја на Република Македонија, но свесен  сум дека овој факт,на горе споменатите институции во Македонија, ама баш ништо не им значи.
Не се работи за мене како поединец, туку се работи за армија граѓани на Република Македонија, оштетени од системот. Говорам од свое име, но и од името на оштетените сограѓани.
Деновиве сме сведоци на континуирано оттуѓување на имотот од бившата Еуростандард банка.
Целата стечајна постапка за Еуростандард банка се води нетранспарентно. Граѓаните, вклучително и јас, немаме ама баш никаков увид во масата на собрани финансиски средства.
Во многу висок процент, правните и физички лица се веќе обештетени, ама собирањето на финансиски средства и крчмењето на имотот на Еуростандард банка во стечајната постапка продолжува.
Од друга страна,  истражната постапка за мојата вмешаност во стечајот на Еуростандард банка од страна на Јавното обвинителство и натаму трае, иако сите со закон утврдени рокови се пробиени.
Дали некој ќе понесе одговорност?
Не можам да разберам  какви луѓе ја водат моја Македонија и на кое дереџе ја донесоа нашата држава! Замислете САД остро реагираат на фактот што нивната помош од неколку милиони долари во правосудниот систем на Република Македонија не вроди никаков успех. Тие повеќе пати потенцираат дека оваа донација, која потфрли во закрепнување на правосудниот систем на Република Македонија,  е дадена од граѓаните на САД. Што да кажеме ние граѓаните на Република Македонија, ние кои го финансираме севкупниот правосуден систем, со стотици милиони евра годишно?
Кого и зошто финансираме? Токму тоа е лудилото кое владее во Република Македонија. Криминалот и корупцијата поддржан од сите алки на системот во државата е финансиран токму од нас, граѓаните на Република Македонија.
До кога ќе бидеме понижувани и малтретирани од тие кои што денес ја водат нашата држава?
Мојата порака е дека  нема да отстапам ниту милиметар за правдата да триумфира. Од петни жили некој се  труди  да ме компромитира  во јавноста. Додека сум жив тоа нема да се случи. Јас и моето семејство имаме место во оваа држава, а тоа место сме го заслужиле преку нашите дела.
За вас, креаторите и извршителите на овој грозоморен чин, со стечајот на Еуростандард банка нема место во мојот живот. Ќе ве изнесам пред лицето на правдата, кога -тогаш. Правдата е спора, но сигурна.