Денешна дата
28/01/2023

КОМУ МУ СМЕТА СЕМЕЈСТВОТО КОСТОВСКИ

На јавниот тендер за приватизација на ЈЗУ Градски аптеки, учествувавме заедно со Алкалоид и Зегин и заеднички ги откупивме 75% од уделите. Од самиот почеток меѓу овие три правни субјекти постоеше раздор. Зегин веднаш ги покажа своите апетити за преземање на сите градски аптеки, носејќи и полнејќи ги залихите во градските аптеки со фармацевтски производи од Зегин со дата на плаќање на испорачаната роба веднаш и со високи затезни камати.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Во изминатите 2,5 години, пишував за стечајот на Еуростандард банка. Трагајќи по причините за овој неразумен чин од страна на Народна банка, доаѓам до заклучок дека јас и моето семејство некому му сметаме во нашава држава. Во континуитет го чувствувам грабежот кој ми е правен од поединци и правни лица, ама со силна асистенција на институциите во државата.

Најнапред во 2002 година ме ограби Владата на ВМРО предводена од Георгиевски-Груевски, со цирка 2 милиона марки кои Светската банка и ги донираше на Република Македонија, само со една цел да се очистат загубарите во тој период со нивно можно рестартирање. Се работи за Порцеланка Велес, каде овие 2 милиона марки наместо да ми се вратат мене, завршија на сметката на Питиќеви и нивните адвокати во Велес и Виена, со кои средства убеден сум дека се финансираше и севкупната истрага околу моето досие низ сите земји каде сум работел од тогашната телевизија А1 и госпоѓата Снежана Лупевска. Начинот на кој што се украдоа овие пари е дрзок и криминален. На моите и поплаките од моите адвокати институциите молчеа.

Приватизацијата на ЈЗУ Градски аптеки во ПЗУ Градски аптеки е вториот шамар кој го добив од поединци и институции на системот. На јавниот тендер за приватизација на ЈЗУ Градски аптеки, учествувавме заедно со Алкалоид и Зегин и заеднички ги откупивме 75% од уделите. Од самиот почеток меѓу овие три правни субјекти постоеше раздор. Зегин веднаш ги покажа своите апетити за преземање на сите градски аптеки, носејќи и полнејќи ги залихите во градските аптеки со фармацевтски производи од Зегин со дата на плаќање на испорачаната роба веднаш и со високи затезни камати. Истовремено господинот Механџиски ја блокира исплатата од Градски аптеки кон добавувачите, не ставајќи го потписот на неговиот претставник во ЈЗУ Градски аптеки на платежниот документ. Со цел да се расчисти ситуацијата со Градски аптеки, потпишан е договор за мој откуп на уделите од Алкалоид, кој договор од наша страна е целосно испочитуван, а тоа значи вкупната сума беше исплатена во договорените термини. Следуваше закажан собир на сите уделаши во Градски аптеки, каде мојата фирма ГОФИ требаше да го преземе контролниот пакет и да отпочне да ја води фирмата. Токму на денот кога беше закажан собирот во ЈЗУ Градски аптеки, претставникот на Алкалоид Ненад Симоновски не се појави и со тоа Собранието стана невалидно. Градски аптеки отидоа во стечај, кој стечај трае повеќе од 15 години и со овој имот управува стечајниот управник и Зегин.

Господинот Живко Мукаетов, актуелен претседател и менаџер на Алкалоид, ми објасни дека немал сила да го натера господинот Симоновски да се појави на Собранието и дека неговото отсуство е негов личен избор.

Господинот Ненад Симоновски пред да почне пандемијата на Ковид-19 воспостави личен контакт со мене, бидејќи како што велеше го јадела јанѕа кон мене. Тој ми обзнани дека бил натеран од раководството на Алкалоид да не се појави на закажаното Собрание. На прашањето дали е спремен да сведочи, тој ми даде потврден одговор, но за жал денес веќе не е меѓу нас.

Денешните Градски аптеки, денес во голем дел се Зегин. За Алкалоид и натаму Зегин е најголем купувач. Жалосно и смешно е што се случува во Македонија. Господата Механџиски и Мукаетов се почитувани стопанственици во Македонија, а за мене се водат небулозни истраги околу моето учество во стечајот на Еуростандард банка.

Мојата вкупна загуба во проектот Градски аптеки изнесува повеќе од 12 милиони евра.

Криво наместениот систем во Македонија функционира беспрекорно. Физички и правни лица потпомогнати од системот денес владеат со Република Македонија.

Стечајот на Еуростандард банка е посебна приказна. Намерата да Еуростандард банка се носи во стечај, пред истиот да се случи е минимум две години активно планирано.

Во сиот овој план во последните две години беа донесени лоши кредитни портфолија од Комерцијална банка во Еуростандард банка. Истовремено функционирањето на т.н. позајмици каде меѓу останатите банки се појавува и Комерцијална банка е уште поинтензивно. Ние, акционерите го сменивме Управниот одбор и донесовме нов кој исклучиво работеше на отклонување на лошите кредитни портфолија и собирање на одлеаните пари преку т.н. позајмици. Некому не му се допадна ваквиот став на целото раководство на Еуростандард банка и одлучи да истата ја однесе во стечај. Егзекуторот беше Народна банка во услови на тотално безвластие во државата и вонредна состојба од пандемијата Ковид-19.

Небулозата со стечајот на Еуростандард банка од креаторите на овој чин не ја поштедија ниту осигурителната компанија Еуролинк. Истата ја отуѓивме само за да ја спасиме Еуростандард банка. За жал ниту Еуролинк не помогна во спасот на Еуростнадард банка.

Заклучувам: Што е целта? Ме покрадовте, ама не ме уништивте. Бидете убедени дека ќе ве гонам сè додека не ја добијам правдата.