Денешна дата
28/01/2023

Quo Vadis, Македонијо?

Наративот на политичките партии мора да биде изменет од корен. Политичките партии мора да ги решаваат проблемите на секој граѓанин, а не само на сопствените приврзаници и поддржувачи. Впечатокот кој јас го добивам за плурализмот во Македонија е дека политичките партии претставуваат криминални организации под плаштот на политиката и на тој начин законски го уништуваат сопственото ткиво во државата- човекот.

Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, насловот на денешната колумна го извлеков од познатата  максима Quo Vadis кога Св.Петар на старо-римски јазик му поставил прашање на Исус, „Каде одиш”, а Исус му одговорил дека  повторно оди на  голготата, да биде распнат на големиот христијански симбол, крстот.
Во изминатите 2,5 години секоја седмица пишувам деанија поткрепени со аргументи, зошто Еуростандард банка отиде во стечај. Симбиозата меѓу Народна банка, Техничката Влада предводена од Арсовски, Комерцијална банка и севкупното судство, обвинителство и истражни институции, ја покажуваат грдата слика на едно македонско општество, во кое правдата и желбата за правда се длабоко закопани во земја.
Не сум ниту Свети Петар, а уште помалку Исус Христос, меѓутоа имам право да ја барам правдата и да стасам до неа на начин кој треба да е цивилизиран и праведен.
Молкот на сите погоре наведени институции и правни лица е уште еден доказ дека Македонија се движи по пат на безумие во беспаќе. Убеден сум, за жал,  дека не сум единствен случај во Република Македонија кого системот го уништува, или се обидува  во тоа.
Најбизарно, во сета оваа глобална состојба  на македонското секојдневие,  е молкот на партиите од власта и опозиција. Бизарен молк!
Република Македонија има вградено парламентарен систем на функционирање, а партиите се токму тие кои што треба да го креираат севкупното живеење во Република Македонија.
Со исклучок на првите години, после осамостојувањето на Република Македонија, сите политички субјекти од власт и опозиција го покажуваат грдото лице за водење на сопствената држава.
Флоскулите од типот дека сите пред законот сме еднакви се само празни зборови, напишани и имплементирани во законите на Република Македонија. Во пракса се случува спротивното.
Се прашувам, каде оди нашата држава?
Незадоволството од актуелните политички збиднувања во изминатите две децении укажуваат дека се движиме во правец на сопствено самоуништување.
Наративот на политичките партии мора да биде изменет од корен. Политичките партии мора да ги решаваат проблемите на секој граѓанин, а не само на сопствените приврзаници и поддржувачи. Впечатокот кој јас го добивам за плурализмот во Македонија е дека политичките партии претставуваат криминални организации под плаштот на политиката и на тој начин законски го уништуваат сопственото ткиво во државата- човекот.
Се прашувам уште колку жртви од типот на Еуростандард банка треба да се случат во Република Македонија за да ние, нејзините граѓани се разбудиме и да кажеме „доста е”?
Нам ни требаат политички партии кои ќе го креираат мозаикот на владеење на правото и правдата.
Јас ја продолжувам мојата борба и ќе бидам присутен во сите сегменти на нашето живеење.
Ова е мој животен порив,  во Република Македонија да завладее правото и правната држава, а политичките партии како носители на натамошниот развој на државата мора од темел да се ресетираат. Ако успеам ќе биде голем подвиг…