Денешна дата
21/03/2023

Дали има крај

Последиците од овој стечај ги чинат коминтентите на банката и нас акционерите, повеќе од 100 милиони евра загубени финансиски средства. Говориме за организиран криминал и корупција кои денес ја тресат Македонија. Молкот, на истражните органи и обвинителство на сите мои укажувања, е чин за осуда.

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, веќе 2,5 години водам битка со непријател, кој за жал не е само мој, туку на сите чесни граѓани на Република Македонија. Директно или индиректно ни ги крои нашите лични и судбините на сите граѓани во Република Македонија.

 

Дали мораше Еуростандард Банка грин-филд инвестиција,  да биде однесена во стечај е прашање на кое не добивам аргументиран одговор. Стечај, во кој ние акционерите моравме да докапитализираме 2,5 милиони евра за период кој не беше испочитуван од самата Народна банка, е брзопотезно исцениран. Крајниот  рок за докапитализација, даден од страна на Народна банка на видео- кол средбата меѓу Надзорниот одбор на Еуростандард банка и Вице-гувернерите на Народна банка, беше 14 Август 2020 година. Замислете, гувернерката на Народна Банка, госпоѓа Бежоска ја носи банката во стечај два дена пред истекот на овој даден термин за докапитализација! Целта ги оправдува средствата, во духот на Макијавели.

 

Последиците од овој налудничав потег се огромни, како по правните и физички лица, коминтенти на банката,  така уште повеќе по нас, акционерите. Последиците од овој стечај ги чинат коминтентите на банката и нас акционерите, повеќе од 100 милиони евра загубени финансиски средства.

 

Пропустите кои се правени од страна на Народна банка која не користи инструменти за стабилизирање на банката, а и биле на располагање,  се доказ за тоа.

 

Уредбите со сила на закон донесени од страна на Техничката Влада во време на вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 се : Во Службен Весник на РМ, објавена на 24 март 2020 година се забранува отворање стечај на правни лица, минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Во Службен Весник од 29 Мај 2020 година претходната уредба од 24 Март се укинува и стечајот може да се прогласи веднаш.  Единствен правен субјект кој отиде во стечај беше Еуростандард банка.

 

Говориме за организиран криминал и корупција кои денес ја тресат Македонија. Молкот, на истражните органи и обвинителство на сите мои укажувања, е чин за осуда.

 

Самата стечајна постапка која е во тек, се води нетранспарентно со голема скепса дека се користат сите алатки за наплата на одлеаните средства од банката, согласно Законот за стечај. Се крчми и продава сиот имот на банката под услови кои се далеку од очите на јавноста.

 

Да појаснам, меѓу Еуростандард банка во стечај и други правни лица каде се одвива стечајна постапка, има голема разлика. Се работи за стечај на банка, чии последици  се огромни.

 

Невообичаено е што  стечајните управници,  господата  Тодески и Саздовски,  се скриени од очите на јавноста и недостапни. Шведската маса, која се вика Еуростандард банка, има многу финансиски средства кои ќе овозможат богата трпеза за сите учесници.

 

Согласно информациите со кои располагам, екс- генералниот директор Николче Петкоски, против кој исто така се води истражна постапка, има лиценца да работи како стечаен управник.

 

Упатно би било да стечајниот судија на Еуростандард банка го именува токму Николче Петкоски за стечаен управник, бидејќи тој најдобро знае каде се одлеани сите финансиски средства од банката.

 

Претпоставувам дека чувствувате иронија во мојот предлог за стечаен управник!

 

Господа, како може да дозволиме да живееме во држава каде организираниот криминал си има сопствена држава. До кога ќе трае оваа невидена неправда кон чесните, од системот уништени граѓани на Република Македонија.

 

Секој божји ден со нашиот молк и толерирање на ваквата состојба ние граѓаните на Република Македонија даваме можност за нови жртви кои несомнено организираниот криминал ќе ги создаде и соголи.

 

Дали има крај оваа небиднина? Има, ако ние граѓаните , решиме да ставиме крај на ова зло. Патот ќе биде тежок, меѓутоа со знаење, посветеност и одлучност, убеден сум дека и во Македонија може да завладее правото како во многу напредни европски земји.