
Еуростандард банка- агонија без крај
Свесен сум дека покренување истрага во останатиот банкарски сектор околу начинот на користење на овие така-наречени позајмици ќе предизвика вистински земјотрес во севкупниот банкарски сектор, а со тоа е можна и дестабилизација на целата држава.
Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, вообичаено секој вторник во седмицата го посветувам на стечајот на Еуростандард банка – агонија која ќе трае додека и агонијата на заробениот правен систем. Многумина од вас кои ги следите моите колумни, убеден сум дека ја разбирате суштината и причината на мојот порив, да се стаса до правдата и вистината за стечајот на Еуростандард банка. Во изминатите 30 месеци, пишував за пропустите што Народна банка ги направи, некористејќи инструменти за да ја заштити банката, пишував за неодговорноста на Техничката Влада, со носење на две контроверзни уредби со сила на закон. Пишував за неразбирливиот чин на кој се води севкупната истрага околу стечајот од страна на надлежните органи. Пишував за некоректното однесување на Комерцијална банка во работење и соработката со Еуростандард банка. Направив и приватна истрага, која ја водеше еминентната ревизорска куќа Р.У.Р. Љубљана, Словенија, предводена од познатиот експерт за банкарски криминал на светско ниво, господинот Драго Кос. Пишував и за потенцијалните инвеститори во банката кои не беа удостоени од страна на Народна банка ниту за една средба, иако тие инвеститори ги задоволуваа сите квалификации за да влезат како стратешки партнер во Еуростандард банка, пропишани од страна на Народна банка.
Денес, посебно место му давам на извештајот кој беше објавен на 22 август 2022 година. Овој извештај до ден денешен е достапен за севкупната јавност на Република Македонија и од него може да се забележат девијантните појави во банкарскиот сектор. При истрагата и забелешките, во ниту еден момент лично не сум сакал да бидам заштитен. Свесен сум за моите пропусти, ама не до степен на себе уништување. Токму тука ја гледам суштинската потреба од институцијата Народна банка, институцијата Влада на Република Македонија и институцијата Судство на Република Македонија, да ги штитат интересите на правните и физички лица во банката, вклучително и нашиот, акционерите во банката. Во врска со молкот, кој што апатично владее во Македонија, а поврзано со овој случај, прашувам отворено: дали згрешив што одлучив да се одметнам од врзани банкарски садови и канали за недозволено финансирање со така-наречените позајмици? Дали згрешив што до последен момент се борев да ја стабилизирам банката, внесувајќи нов додатен, свеж капитал од 13 милиони евра? Дали згрешив што сакав банката да работи исклучиво во интерес на сопствените клиенти? Дали згрешив што сакав да промовирам чесен начин на работење, согласно позитивните прописи во банкарскиот сектор?
Така-наречените незаконски позајмици во самиот извештај се реалност во Република Македонија. За секој добро упатен истражен орган, овој извештај треба да биде базичен во натамошната истрага.
Не можам да прифатам дека севкупната истрага сѐ уште се заснова на званичниот извештај од Народна банка, кој во основа е нереален и неточен.
Јас со извештајот нудам факти, а институциите за прогон молчат, не нудејќи ништо правно и законски реално. Во секоја сериозна држава, институциите на прогон кои вршат истрага треба да си ја завршат својата работа. За жал, во Македонија тоа не бидува токму поради фактот што во земјата организираниот криминал е длабоко навлезен во сите пори на нашето секојдневие, ширејќи се како метастаза.
Свесен сум дека покренување истрага во останатиот банкарски сектор околу начинот на користење на овие така-наречени позајмици ќе предизвика вистински земјотрес во севкупниот банкарски сектор, а со тоа е можна и дестабилизација на целата држава.
Но, истовремено си го поставувам прашањето пред себе и пред вас: како да го спречиме ова канцерогено општествено зло- организираниот криминал? За негово искоренување мора да се почне со еден случај за пример, со цел да дадеме димензија дека во државата нема повластени лица и организации кога се во прашање незаконски финансиски деанија.
Доколку не смогнеме сили за да се соочиме со суровата реалност во Република Македонија, тогаш ќе бидеме неми сведоци на жртвувањето на наредните правни и физички лица, жртви токму на организираниот криминал. Симболично кажано, на организираниот криминал во секое општество базичен допинг сме токму ние, реализираните граѓани кои целиме во нашите животи да создадеме благосостојба и за себе и за општо добро, но на чесен начин. Агонијата продолжува…
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023