Денешна дата
08/08/2022

Патишта на Сатаната

Евреите на Мојсеј, дваесет години талкале по пустината, водени од заблудата дека ќе го најдат тоа што не ни знаеле што е. Барале нешто што од длабочината на душата го чувствувале, но било тешко разбирливо за логиката на робовите. Се соочиле со многу страдања, бедотии и предизвици, но и со големи заблуди. Но, Мојсеј поседувал силен идеал и самопожртвуваност, за разлика од овие наши „пророци“ на кои единствени идеали им се власта и парите. Во име на таквиот нивен идеал, овие лидери (пратени по божја казна) со години не држат во талкање, трагање и во беда. Создаваат пустина која ја нарекуваат држава. Потоа создаваат народи, кои ги нарекуваат робови. И на крајот, градат пирамиди кои се нарекуваат несреќи. Среде пустина изградија бројни пирамиди, а наоколу остана само пустина.

Наредниве месеци се очекува да помине последниот караван за излез од пустината. Ако не се приклучиме, ситуацијата политички и безбедносно драматично ќе се заостри. Случувањата во Ѓорче Петров покажаа до кое ниво се доведени народите од вакви пеколни водачи. Дефинитивно, одговорните структури треба да се ослободат од инфериорност и страв од Груевски и да излезат со јасни ставови дека Брисел нема ни алтернатива, а ниту време. Дека понатаму нема да ги спонзорираат личните рејтинзи и бизниси на мафијашката структура што ја води државата, газејќи по основните човечки вредности. Ќе прават историска неопростлива грешка ако и овојпат потпаднат во стапицата на Премиерот, талентиран измамите и манипулациите да ги воздигне на ниво на јавни добра. Ако пак ни се случи истото, сите ќе завршиме во пеколот на Данте. Честопати во историјата, луѓето следеле слеп водач или водач со убава маска, несвесни дека не следат човек туку обична маска. Кога потајно се следи маска, тогаш и следбениците се претвораат во маски. Убавата маска има цел да го покрие грдото лице на власта. Нашата маска само површно разговара за името, а, од друга страна, немилосрдно анатемира интелектуалци, новинари и политичари кои имаат рационален пристап кон овој проблем.

Одисејата со името поминала низ четири фази. Првата фаза е (1990-1995 година), кога Грција ја попречи Македонија да стане членка на ООН, оти некои „патриоти“ ја бараа голема Македонија. Но, со умерена политика, тогашниот претседател Глигоров, успеа да изнајде решение. Така, во 1993 година беа донесени две резолуции од Советот за безбедност на ОН, со кои државата се зачленува во Обединетите нации со времено име. Но, по повеќе националистички провокации од типот: „Солун е наш“ и самоволните блокади кон Грција, Грците одлучија тотално да ја затворат границата со Македонија. Тие две години беа пекол за нашата економија. Подоцна, со посредство на странците, се изнајде решение со потпишувањето на Времената спогодба (1995 година), со која Македонија се задолжи да направи уставни измени (за немешање кон соседите) и промени во нејзините симболи, а Грција да ја симне блокадата и да не ја попречи интеграцијата. Втората фаза (1996-2001 година) ја карактеризира добрата соработка меѓу двете држави. Тука, посебна улога имал тогашниот премиер Георгиевски. Името беше ставено во ад-акта. Третата фаза (2002-2006 година) се карактеризира со конструктивна соработка и зближување меѓу двете држави. Конструктивната политика на тогашниот премиер Бучковски вроди со добри резултати. Македонија стана лидер во регионот по сите параметри. Кога САД ја признаа Република Македонија со името „Македонија“, Грците паднаа од „нокдаун“. Подоцна и некои важни членки на ЕУ почнаа да го користат уставното име. Кога се помисли дека битката е добиена, за несреќа, во политичката сцена дојде Груевски. Тоа е последната фаза (2006 година до денес), која може да се нарекува колективна катастрофа. Тој го уриваше секој конструктивитет и се качи на бесен коњ, негативен популизам, со што видно ги зајакна грчките позиции. Целата евроатлантска кула се сруши како кула од карти. Виновници за тоа се многу структури и поединци, но не и Владата. Бројни „непријатели“, „предавници“ и„мерценари“ требаше да се мета за отстрел. Многу работа за Сатаната и за Луцифер. Целата работа се пресели во средината на пеколот, каде што важат ритуалите на Сатаната. А тој бара жртви. Ништо не треба да се штеди за да се задоволи страста на Сатаната. Па и идеалите како основни вредности. Македонците, Албанците и сите други треба да се поклонуваат пред главниот Сатана. Жртви, најпрвин противниците, потоа народот, а на крајот се знае. Владата беше една голема НУЛА, оти ја сочинуваа една расипана прва виолина и повеќе труби.

Сега сме на крстопат меѓу загубениот и погрешниот пат. Албанските лидери со светлосни години се далеку од тоа што треба да бидат. Груевски цело време се повикува на колективни чувства, кои најмногу самиот ги провоцирал. Ахмети мисли дека неговиот електорат нема чувства, а ни потреби! По самитот, има шанси да видиме големи поплави. Се очекуваат големи протести од Албанците ако пак се пропушти НАТО. Како одговор ќе следат контрапротести, спонзорирани од ДПМНЕ. Поделбата се наметнува како императив. Сите патувања што ги води Сатаната водат кон пеколот.

 

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk