Денешна дата
29/06/2022

Скандалозно: Личните податоци на учениците за екстерно се најдоа на интернет

Откако денеска Дирекцијата за заштита на личните податоци упати укажување до Министерството за образование и наука, односно до Државниот испитен центар за регулирање на обработката на личните податоци на учениците објавени на интернет, МОН веднаш почна со корекција

Министерството за образование и наука вчера на својата интернет страница ги објави имињата на учениците и датумот на кој го полагаат испитот по екстерно тестирање. Бура од реакции и негодувања од родителите предизвика тоа што до името на учениците е наведен и датумот на раѓање на ученикот како и името на таткото.

eksterno naslovna

 

Родителите реагирале со свои претставки до Дирекцијата за заштита на личните податоци и барале образложение за направената повреда на Законот за заштита на лични податоци.

 

Не сакам секој да знае кога му е роденден на моето дете и кој му е татко“, вели мајката Ана А., која смета дека нема потреба вакви детални информации да бидат објавувани на интернет и да бидат достапни до јавноста.

 

Како што не информираа од Дирекцијата за заштита на личните податоци, биле доставени повеќе претставки за добивање на информација во однос на објавување на распоредот на тестирање, а во кои може слободно да се видат имињата на сите ученици како и нивниот датум на раѓање.

eksterno1-baner1-4

 

По проверката направена во доставениот линк  е утврдено дека во интегрираниот информатички систем за електронско тестирање се врши автоматската обработка на податоци за учениците и тоа: презиме, име, татково име, датум на раѓање, паралелка, година/одделение, наставен план и датум на тестирање. При тоа, податоците се јавно достапни за секого, односно може слободно да се видат податоците за секој ученик.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„Согласно одредбите на член 5 став 1 од Законот за заштита на личните податоци, личните податоци можат да се обработуваат правично и во согласност со закон; да се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели; да се соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои што се собираат и обработуваат; да се точни, целосни и каде што е потребно ажурирани при што ќе се преземат сите соодветни мерки за бришење или коригирање на податоците што се неточни или нецелосни, имајќи ги предвид целите заради кои се собрани или обработени; и чувани во форма што обезбедува идентификација на субјектот на лични податоци, не подолго од што е потребно за да се исполнат целите поради кои се собрани за натамошна обработка“, потсетуваат од ДЗЛП.

Како што информира за Инбокс7, Елена Стојановска портпарол на Дирекцијата за заштита на личните податоци, треба се да запре со објавување на датумот на раѓање за учениците од училиштата.

 

Неопходно ќе биде да се изврши соодветно прилагодување на апликативниот софтвер од интегрираниот информатички систем за електронско тестирање и примена на технички и организациски мерки при обработка на личните податоци на учениците на начин кој ќе обезбеди автоматската обработка на личните податоци на учениците да се врши во согласност со прописите и начелата за заштита на личните податоци. Во тој контекст треба да се регулира пристапот до податоците содржани во базата и нивната видливост и достапност на начин кој нема да ја нарушува приватноста на субјектите на лични податоци, во овој случај учениците“, информираат од ДЗЛП.

mon

 

Откако Дирекцијата за заштита на личните податоци упати Укажување до Министерството за образование и наука, односно до Државниот испитен центар со кое ќе даде конкретни насоки за регулирање на обработката на личните податоци на учениците објавени на интернет страницата.

Денеска од МОН информираат дека Државниот испитен центар во целост ги прифаќа укажувањата на Дирекцијата и дека веќе е пристапено кон промена и соодветно прилагодување на апликативниот софтвер од интегрираниот информатички систем за електронско тестирање, со цел да се изврши корекција на распоредите што се генерираат за процесот на екстерното тестирање.

 

Причината за објавувањето на татковото име е тоа што постојат деца со исто име и презиме, моравме да го објавиме и татковото име, се со цел да се направи јасна дистинкција меѓу учениците, односно да се знае точно за кого станува збор,“ објасни за Инбокс 7, Давор Политов, портпарол на МОН.

 

Според него главната забелешка на Дирекцијата се состои во објавувањето на датумот на раѓање на учениците, што ќе биде коригирано.

stavrova@inbox7.mk