9.8 C
Скопје
19 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Амбасадорката Агелер за црната листа: Можам да ве уверам, ќе дојдат и други имиња

Постои една епидемија на корупција во земјата и тоа соодветно ќе се отслика во следните најави“, беше категорична амбасадорката Анџела Агелер која нагласи дека одлуките за ставање на т.н. црна листа се носат после долги анализи, јави Гласот на Америка, пренесува Инбокс7. 

Можам да ве уверам, ќе дојдат и други имиња, рече американската амбасадорка Анџела Агелер за т.н. црна листа на САД за санкции, а на која се најдоа повеќе македонски бизнисмени, како и поранешни и актуелни политичари.

„Можам да ве уверам, ќе дојдат и други имиња, како што најавивме претходно. Постои една епидемија на корупција во земјата и тоа соодветно ќе се отслика во следните најави“, беше категорична Агелер која изјавата ја даде на воениот полигон Криволак каде американски војници прикажуваа употреба на борбените возила „Страјкер“.

Последен на листата за санкции на САД, пред два дена, се најде бизнисменот и поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев. Тој, откако неговото име се појави на листата, негодуваше и најави жалбена постапка. Амбасадорката Агелер имаше коментар и за тоа:

„Има различни етапи, различни начини на коишто се разбира, луѓето коишто се наоѓаат на црната листа, може да пријават незадоволство. Меѓутоа, во секој случај, ние имавме најавена санкција. Оваа санкција е веќе на еден начин воведена. Ова не е нешто што ние така лесно го прифаќаме и ниту лесно го спроведуваме. Сепак, ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции“, истакна амбасадорката.

Одговарајќи на новинарски прашања, Агелер изрази надеж за што поскоро зачленување на земјава во ЕУ, но ја посочи и обврската за спроведување на реформите во македонското општество.

„Нашите ставови се јасни. САД не се членка на ЕУ, меѓутоа се надеваме дека во најбрз можен рок вие ќе станете членка на Унијата. Сметаме дека вашето членство во Унијата е клучно за спроведувањето на реформите. Во исто време сметаме дека, со можните направени промени, ќе станете членка на ЕУ што е можно поскоро“, рече Агелер.

Првпат после два дена откако Анѓушев се најде на т.н. црна листа, свое мислење даде и премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека ставањето на бизнисменот на таа листа е врз основа на сериозни наводи.

„Треба да биде јасно дека меѓународните институции и нашите стратешки партнери, каде што број еден се САД, врз однос на свои наоди ги носат овие одлуки“, рече Ковачевски.

Сепак, тој ја спомна обврската и на домашните институции да реагираат.

„Од друга страна и нашите институции имаат обврска да реагираат и да испитуваат за секој случај без никакво влијание“, изјави премиерот Ковачевски.

Екс-вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, веќе не е ниту почесен конзул на Малта која му ја прекина функцијата откако беше објавена одлуката на Стејт департментот на САД.

Во дел од одлуката за санкционирање на Анѓушев се вели:

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Во изјавата се вели дека „Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери. Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

Покрај Анѓушев, Стејт департментот за неподобни за влез во САД ги означи и членовите на блиското семејство на Анѓушев.

Related posts

Трансфер на Кумановската група од Диво Насеље во Косово нема засега – потврди Министерството за правда

admin

Бајден и Трамп победија на прелиминираните избори во Мичиген

admin

ПОД ИСТРАГА ДВА МИЛИОНСКИ ТЕНДЕРИ НА „СЕРТА“ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВЛАДИНИ ИНСТИТУЦИИ

ninja

СРБИТЕ ВО СЕВЕРНО КОСОВО ГИ НАПУШТААТ БАРИКАДИТЕ

ninja

Кои се 10-те најдобри градови за живеење?

admin

Дали уставните измени стануваат меѓуетнички проблем?

admin