14.8 C
Скопје
28 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Доматите, краставиците, праските стануваат „суво злато“ – намаленото производство ги покачи цените

Некогаш полни ќеси, денес едвај и по некој килограм. Високите цени направија „луксуз“ од овошјето и зеленчукот, за чие производство речиси и да не останаа земјоделци. Се качуваат и цените на останатите производи, граѓаните калкулираат за да го поминат месецот, а мерките за нивна заштита – иако споменувани во јавните говори на политичарите, сѐ уште се на ниво на неизвесност.

 

Пишува: Вања Мицевска

Додека цените на прехранбените производи вртоглаво растат, институциите си ја префрлаат топката за тоа кој е одговорен за сѐ поскромните трпези во домовите на граѓаните. Тие веќе купуваат во грамови, а овошјето и зеленчукот полека, но сигурно ќе станат луксуз во услови на намалено домашно производство кое води кон раст на цените.

Доматите, краставиците, праските се само дел од производите кои ќе станат „суво злато“ додека земјоделието станува сѐ помалку атрактивна професија за младите.

-Оние кои сѐ уште работат на нива, во просек се по 50 или 60 години и допрва ќе нема кој да работи – нагласува во изјава за ММС, трговецот Блажо Витанов.

Според него, сите „бегаат“ од работа со земјоделие, а намаленото производство ги диктира цените такви какви што се во моментот.

-Ако се вратиме 10 години наназад, Македонија извезувала околу 380 илјади до 400 илјади тони домати на годишно ниво. Сега извезува од 30 до 50 илјади тони. Значи нема кој да работи, скапо е производството на доматите и сега кога нема големи количини држи цена. Посебно ова важи за доматите – вели Витанов, сопственик на фирма за откуп, пакување и извоз на зеленчук и овошје.

Последиците од изгубениот интерес за работа на нива, допрва ќе го гледаме преку недостигот на домашно производство

Ситуацијата според него, ќе биде уште полоша бидејќи недостигот на наши сопствени артикли допрва ќе се чувствува, увозот од странство ќе се зголеми, а како резултат цените ќе станат повисоки.

„Има сѐ помалку земјоделци и тоа се луѓе на возраст од 50 или 60 години,  бидејќи тие не можат да избегаат од Македонија, а млади земјоделци веќе нема. Тоа ќе биде проблем за наредните години во Македонија“, посочува Витанов. Тој вели дека државата вложува некои напори и дава неповратна помош за млади земјоделци, има ИПАРД фондови односно повеќе модуси како да се обезбедат средства за поттик на земјоделието, меѓутоа интересот е изгубен.

„Младите не го гледаат тоа како перспектива за нивниот живот за да се определат понтаму да живеат од земјоделие и затоа пасошот в рака и бегаат“, додава Витанов.

Правејќи паралела со цените од претходно, тој потсетува дека доматите можеа да се купат и по цена од 10 или 15 денари за килограм. Исто толку чинеше и кило краставици, за разлика од сега кога според податоците од Земјоделскиот пазарен информативен систем, нивната просечна цена на мало е 71 денар.

-Еве уште еден пример ќе ви дадам,  бидејќи јас не се сеќавам на ваква ситуација. Летото е при крај, а едно кило лубеница е 30 денари. Лубеницата се земаше по три или по 5 денари и немаше кој да ја купи. Сега нема кој да сади таа чини и 30 денари. Тоа е реперот за сите артикли. Добар дел од праските ги искоренуваат, луѓето бараат „модел“ за да засадат нешто друго каде што ќе имаат некое подобро финансиско поминување со тој артикл. Не гледам како и кој модел е најсовршен за да може со сето тоа во моментот да се справиме – вели Витанов.

Во пресрет на сезоната во која граѓаните ја прават зимницата, тој истакнува дека е зголемена и цената на корнишоните.

„Кога станува збор за откуп, цената на корнишонот зависи од калибарот – колку покрупен, толку поевтин. Најситните на откуп се по 60-70 денари. Доматот на откуп е 50 денари, црвената пиперка прва класа на откуп е 50 денари, црвениот патлиџан прва класа е 30 денари. Од овошјето – праската заврши на 30 денари, сливата на 25-30. Грозјето оваа година ја има најдобрата сезона на ниво на цени, во моментот квалитетно сортно грозје и црно и бело, се откупува по 50 денари“, објаснува Витанов.

Тој е скептичен дека ова ќе се промени, а моменталната слика укажува дека сѐ поочигледни ќе стануваат полупразните ќеси, за разлика од порано кога се купувало по неколку килограми од производите создадени на македонските земјишта.

-Кога производот ќе помине преку две – три раце од откуп, преку некој трговец па до зеленото пазарче или до тезгите во супермаркетите, секој ќе стави по малку и ќе се стави плус ДДВ и тоа е. Се надевам дека годинава земјоделците ќе поминат добро, секоја чест што на овие горештини го задржуваат своето производство и да го достават до крајните потрошувачи. На потрошувачите им излегува малку „посолено“, но тоа е реалноста, таа е вистината во моментот – заклучува нашиот соговорник.

Додека граѓаните едвај го менаџираат семејниот буџет за да ги купат сите потребни намирници, министерот за економија Крешник Бектеши тактизира – мерки за инфлација може да има, а може и не. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека интервенции сигурно ќе има бидејќи никој не може во време на криза да печали на грбот на граѓаните.

Замрзнатите цени како „сламка за спас“, но бизнисмените бараат други мерки

Растот на цените ги „скара“ Бектеши и Комисијата за заштита од конкуренцијата. Тој упати критики за работата на ова тело и најави дека најверојатно ќе се изменат неговите надлежности за да се делува врз трговците кои сакаат да профитираат во овие кризни времиња.

„Комисијата од почетокот на ковид – кризата до денес не излегла со ниту една претставка, ниту презела конкретна мерка за нечие неетичко однесување, за нефер трговска практика или здружување на одредени компании и концентрација на моќ на одредена фирма. Поминаваме неколку кризи, а јас уште не сум слушнал да има претставка од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ние не можеме да се мешаме во работата на таа Комисија директно, зашто се избира од Собранието на Северна Македонија. Затоа почнавме измени во Законот со кој се определува работата на оваа Комисија. И ова не може само во време на криза. Комисијата треба да ги разгледа и другите аспекти – од национален интерес, на одредени компании каде имаше заложба да вршат јавна услуга, а излегуваат во 5 до 12 со став дека ќе ги остават граѓаните без јавни услуги. Такво однесување без да се преземе мерка од Комисијата, во некоја држава не верувам дека може да се случи“, изјави Бектеши.

Реакција од оваа Комисија, побара и Организацијата за заштита на потрошувачите чија претседателка, Маријана Лончар Велкова укажа дека храната одзема голем дел од буџетот на секое семејство, а поскапување оди исклучиво на товар на граѓаните.

Таа побара замрзнување на цените на основните прехранбени производи, но и реакција од Комисијата за да види дали има некакво здружување на трговците за „плафонирањето“ на цените.

„Знаеме дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и дека имаме пазарна економија, но во вакви ситуации не треба да се чека, треба да се излезе со точна проценка и да се преземат мерки, зашто се оди на товар и на штета на потрошувачот. За основните намирници мислам дека не треба ни да се зборува. Поради високите цени многу граѓани купуваат производи со помал квалитет или со помала нутритивна вредност, а пристапот до основните прехранбени производи е елементарно човеково право. Потрошувачот мора да има пристап до основните потрошувачки добра, особено храната – млеко, сирење, путер…“, истакна Лончар Велкова.

Првиот човек на Комисијата, Владимир Наумовски сепак тврди дека тие немаат надлежност самоиницијативно да проверуваат дали фирмите договараат цени на производите. Според него, Комисијата не работи по допрен глас туку по претставки поднесени до неа, а досега ниту една институција не приложила доказ по кој ги постапиле.

„Јас од средствата за јавно информирање слушнав дека се прави анализа на пазарот. Од таа анализа може да произлезе некое сознание, некое сомневање каде што преку претставка од инспекциите или од министерствата би стигнало до нас со одреден број на имиња на компании кои се сомневаат дека може да прават штетни договори“, истакна Наумовски.

Тој додаде дека за време на ковид-кризата неколку фирми биле казнети откако картелски договарале цени, но не откри за кои фирми станува збор.

Бизнисмените пак, не се согласни со предложените мерки за замрзнување на цените бидејќи како што велат, стопанството е секогаш за слободен пазар. Единствено би се согласиле на мерки од Владата, доколку покачувањето на цените е контролирано од Комисијата за заштита на конкуренцијата, но според нив, како мерка може да се воведе и намалувањето на даноците.

„Слободниот пазар ги дефинира цените. Ние сакаме да се преземаат мерки, но не да се иницира или да се замрзнуваат цените. Има и други методи кои Владата треба да ги преземе како намалување на ДДВ, на даноци, државни резерви“, изјави претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Менди Ќира.

Сепак, дали и какви мерки ќе има сѐ уште не се знае. Тоа ќе зависи од анализите кои се добиваат на дневна основа, како од Државниот пазарен инспекторат така и од Секторот за трговија на Министерството за економија. Бектеши вели дека освен замрзнување на цените, има и други механизми кои може да се воведат, како утврдување маржи за одреден производ, но сепак, и тоа треба да произлезе од соодветна анализа во која се вклучени сите институции.

Анализите можеби и  делумно ќе стават крај на неизвесноста за мерките со кои институциите би ги заштитиле граѓаните од поскапувањето, но на долг рок, веќе е извесно дека и овошјето и зеленчукот кои се карактеристични за нашето поднебје ќе станат луксуз. На нивите нема кој да работи, а ваквиот дефицит влијае на цените кои стануваат сѐ понесоодветни за џебот на обичниот граѓанин. Така на пример, ако претходно за сто денари можевте да купите и до три килограми праски, сега ќе ви треба нешто повеќе за да купите два килограми од ова овошје чија просечна цена на мало е 61 денар.

Освен растот на цените на овошјето и зеленчукот, поскапување се бележи и кај млечните производи. Премиерот најави проблем со млекото, за што со економските министри веќе е разговарано да се преземат мерки во делот на маржите и во делот на разликата во цените од производителите до финалната цена на рафт.

 

Related posts

ПОЕВТИНА СТРУЈА ЗА 518 КОМПАНИИ, УЧИЛИШТА И ИНСТИТУЦИИ

ninja

Руска „остра моќ“ во Македонија по инвазијата врз Украина: Од зборови на дела

admin

Цената на електричната енергија порасна за 3.9%

admin

Зеленски разочаран од НАТО, се среќава со Бајден

admin

Што содржи Предлогот за уставни измени (интегрален текст)

admin

Германија ги стопира проектите во Република Српска

admin