17.8 C
Скопје
20 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Печалбарите преферираат кеш, а не банки за испраќање пари

Помалку пари од дијаспората во изминатата година пристигнале преку банка во однос на лани, но повеќе пари иселениците донеле во кеш, покажуваат податоците на Народната банка. Парите се за дополна на буџетот на роднините, за реновирање, а помалку за инвестиции во бизнис.

Со две речиси просечни плати од по 500 евра, Весна и нејзиниот сопруг имаат пари колку да го протуркаат месецот. За одмори, за кредитот за автомобил и за некое задоволство плус чекаат на парите од роднините во странство. Таткото и братот на Весна од Скопје работат во странство, во Италија. Месечно ѝ праќаат и по повеќе од 300 евра.

„Ни помогнаа да ја реновираме куќата, со тие пари што ни ги праќаат плаќаме кредит за кола, со тие пари може да си дозволиме одмор“, вели таа за Радио Слободна Европа.

Најголем дел од парите што Весна и нејзиниот сопруг ги заработуваат одат на месечни потреби. Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) пресметал дека на едно четиричлено семејство месечно му треба околу 57 илјади денари (околу 920 евра). Но, во тие пари влегува само скромна живеачка – во помал стан, со еден телевизор, ниска тарифа на интернет и телефонија и еднонеделен одмор во бунгалов во Дојран, скромно туристичко место во земјата.

Дознаките од странство се многу битна ставка во македонската економија.

Помалку пари од дијаспората во изминатата година пристигнале преку банка во однос на лани, но повеќе пари иселениците донеле во кеш, покажуваат податоците на Народната банка.

Драган Станковски петнаесет години печали пари во Германија. Дел од тоа што ќе го заработи го испраќа дома. Тој преферира „пари на рака“, отколку да ги праќа на сметка.

„Понекогаш кога е нешто итно им праќам на внуците од сестра ми на сметка, а на родителите почесто им праќам по некој нашинец да им однесе кога си оди дома, или пак им оставам кога ги посетувам“, додава тој.

Податоците на Народна банка покажуваат дека во првите девет месеци од 2023, македонските работници од странство, преку банка или брз трансфер на пари, испратиле во земјава 257 милиони евра, што е помалку од истиот период во 2022 година. Во целата 2022 година, на овој начин во земјава влегле скоро 351 милиони евра, покажуваат податоците на Народна банка.

За ориентација, пак, на кешот што иселениците го носат во земјава се зема и податокот за тоа колку девизи се сменети во менувачниците. Нето менувачкото работење покажува дека во првите девет месеци од 2023, граѓаните во менувачниците купиле денари за 1,3 милијарди евра, што е за 100 милиони повеќе истиот период лани. Во текот на цела 2022 година, биле разменети над 1,6 милијарди евра.

Ако се соберат парите и од официјални канали и девизите сменети во менувачница излегува дека речиси две милијарди евра влегле во земјата од странство. Тоа е колку една третина од годишниот државен буџет или 15 отсто од целата економија. Овие пари, освен што се значајна ставка за личната потрошувачка на граѓаните, придонесуваат и за покривање на трговскиот дефицит и за покривање на дефицитот на платниот биланс.

Официјално најмалку пари од дијаспора во регионот, неофицијално при врвот

Преку официјални канали во земјава, во споредба со регионот, стигнуваат најмалку пари, далеку повеќе има во Косово, кое по број на жители е речиси колку Северна Македонија, покажуваат податоците на Евростат.

Според Агенцијата за статистика на Европската унија (ЕУ), во 2022 од земјите во регионот најдарежлива е дијаспората во Косово. Приливот од странство во оваа соседна земја чини 17,2 отсто од Бруто домашниот производ (БДП). Потоа следува Црна Гора со 13,3 отсто, Босна и Херцеговина со 10,6 отсто, Албанија и Србија се со 9 проценти, а Северна Македонија со 3,4 отсто од БДП.

Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје, вели дека земјите од регионот имаат различна методологија и споредбата не држи вода. Северна Македонија во статистичките извештаи ги пријавува само дознаките од странство примени преку официјалните канали (банките и брзиот трансфер на пари). Албанија и Косово на пример, вели тој, при утврдување на вкупните износи на дознаките од странство ги вклучуваат и проценетите износи на неформални трансфери.

Професор Борче Треновски.
Професор Борче Треновски.

Методологијата се разликува, но она што е карактеристика во сите земји е што многу позначаен дел од парите доаѓаат преку неофицијални канали, во кеш, а многу помал дел преку официјалните финансиски канали (банките, брзиот трансфер на пари итн.), вели професор Треновски за Радио Слободна Европа.

„Делумно ова е поврзано со традицијата на пренос, начинот на кој се стекнати, избегнувањето на определени давачки, довербата во системите“, вели професорот.

Дека проблемот е во методологите се согласува и економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена. Затоа, вели тој, најдобар показател е ако се земат податоците за сите трансфери помеѓу земјата и странство, кои не се од извоз/увоз и не се пари од туристи. Во тие трансфери се вклучени и приватни и државни трансфери, ама државните се мали на Балканот, вели тој.

И според истражувањата на Виенскиот институт, косовските иселеници се најдарежливи. Тие во 2022 испратиле 1,8 милијарди евра, што преставува над 21 отсто од БДП. Зад Косово е Северна Македонија со 2,5 милијарди евра што е околу 19 отсто од Бруто домашниот производ. Во Србија тој процент е речиси 10, нешто повеќе (10,6) е во Босна и Херцеговина, во Црна Гора е речиси 8 отсто, а во Албанија нешто повеќе од шест проценти од БДП.

Македонски денари
Македонски денари

Реновираат и купуваат недвижнини, во бизнис потешко вложуваат

Бизнисменот Ангел Димитров, пак, вели дека сликата за тоа колку пари испратиле печалбарите не е сосема јасна, оти девизите сменети во менувачниците не доаѓаат само од нив.

„Се создава погрешна слика дека тоа е само пари од гастарбајтери. Во тие пари се и провизиите што ги земаат политичарите за автопатиштата што ги градат странците кај нас, потоа има бизнисмени што извезуваат, а потоа парите ги внесуваат во кеш, па ги менуваат тука, млади кои работат за странски фирми, а плата им стигнува на сметка во Косово, па од таму ги земаат и менуваат кај нас. Далеку е од тоа дека овие пари што се менуваат во менувачници се само од гастарбајтери“, вели Димитров.

Тој вели дека иселениците не преферираат банки, а не размислуваат ниту за тоа да вложат во бизнис во својата земја.

„Ретко кој од нив да се врати и да почне бизнис, вложуваат само во куќи, а тоа е мртов капитал. Гледам во градот убави полно убави куќи направени, а празни. Не веруваат во нашите услови на стопанисување, бирократијата е огромна, институциите партизирани, па ако имаат вишок пари заштедено одлучуваат да купат два стана во Скопје, отколку да ги вложат во бизнис или акции и обврзници“, вели Димитров кој е од Свети Николе, гратче од кое во последните децении се иселиле над 3000 луѓе, според Пописот.

Македонскиот гастарбајтер Станковски вели дека засега само го помага буџетот на роднините, за инвестиции во родната земја не размислува.

Во Северна Македонија за две децении, меѓу пописите во 2002 и 2021 бројот на жител се намалил за речиси 200 илјади луѓе, па од два милиони, сега во земјата живеат 1,8 милиони луѓе. Но, трендот на иселување на престанува, а според проекциите на Заводот за статистика нема ни да запре. /RSE

Related posts

Кои се најбогатите, а кои најсиромашните градоначалници во Македонија?

admin

Србија е Запад, Хил: Се согласувам

admin

Арсовска: Пожарот на мостот „Беласица“ е од несовесни граѓани, не знаеме колку ќе биде затворен

admin

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА НАЈАВУВА “ОТВОРЕН БАЛКАН” И ЗА КУЛТУРАТА

ninja

СДСМ: ДУИ покажа одговорност, на потег е ВМРО-ДПМНЕ

admin

ИЛУЗИЈА Е ДЕКА ЕУ ЌЕ ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО КОРУПЦИЈА И ПАРТИЗАЦИЈА, ВЕЛИ НИКОЛА ДИМИТРОВ

ninja